Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 јуни 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Правилникот за плати, заедничка потрошувачка и други примања на работниците во ОУ “Крсте Петков Мисирков” од Радовиш, бр.0203-88 од 25.03.1999 година, донесен од в.д. директорот на училиштето.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Берзат Готак, наставник од Радовиш, му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што истиот не бил во согласност со член 99 од Законот за основното образование и членовите 69, 84 став 2 и член 86 став 2 од Законот за работни односи и Колективниот договор за основното образование.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на укажувањето бр.10-2022/1 од Министерството за образование, оспорениот правилник бил укинат, и како таков повеќе не постои во правниот поредок.
4. Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорениот правилник престанал да важи пред евентуално Судот да поведе постапка, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр. 101/99
23 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков