Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јуни 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 1 од Тарифниот систем за измена и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија (“Службен весник на СРМ” бр.47/89).
2. Иван Бојовски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на член 1 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во цената на електричната енергија се пресметувало и за ангажираната моќност на електричната енергија во висина од 33,33% што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлука У.бр.118/86 од 8 јули 1989 година го укинал член 30 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија (“Службен венсик на СРМ” бр.45/82, 15/85 и 22/88), затоа што основниот придонес за пресметковната моќ на електрична енергија се плаќал независно од стварно потрошената електрична енергија, што не било во согласност со начелото на еднаквата вредност на заемните давања утврдено во Законот за облигационите односи и со Законот за енергетика. Понатаму, Судот утврди дека член 30 од означениот тарифен систем е заменет со член 1 од Тарифниот систем за измени и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија и дека со Решение У.бр.12/90 од 23 мај 1990 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на овој тарифен систем, затоа што утврдил дека со начинот на кој со изменетиот член се утврдува основниот придонес за пресметковна моќ за продажба на електрична енергија кај категоријата домаќинства се обезбедува тој да се плаќа сразмерно на потрошената електрична енергија (Квтч) во секој пресметковен период, што не е во несогласност со Законот за облигационите односи и со Законот за енергетика.
Со оглед на тоа што за истата работа Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов.(У.бр.109/99)