Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јуни 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување меѓусебната согласност на членот 99 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија со членот 104 од истиот Колективен договор како и со членот 72 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи и органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност.
2. Димитрија Атанасовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на меѓусебната согласност на членовите од актите означени во точката 1 од ова решение, поради тоа што членот 99 предвидувал понеповолна состојба за работникот.
3. Согласно член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од изнесеното произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на поедини членови од ист колективен договор, ниту пак меѓусебната согласност на одредбите од два различни колективни договори без разлика на нивната хиерархиска поставеност поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр. 117/99
16 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков