49/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 став 4, член 31 точка 6 и член 32 ставовите 2 и 3 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92, 19/93, 9/94 и 9/96).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 31 точка 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Васил Велковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 4 став 4, член 31 точките 3 и 6 и член 32 ставовите 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се нарушувала самостојноста на јавното обвинителство како државен орган и тоа се доведувало во подредена положба во однос на Владата на Република Македонија. Имено, овластувањето на Владата во член 4 став 4 од Законот, да го определува бројот на замениците јавни обвинители во јавното обвинителство, давало можност Владата секогаш да ја менува систематизацијата, а тоа пак да влијае и на бројот на замениците на јавниот обвинител, односно на функционирањето на јавното обвинителство како самостоен орган

Со член 31 точка 3 од Законот се давало можност јавниот обвинител да биде разрешен и пред истекот на мандатот од 6 години за кој е именуван, поради исполнување на условите за старосна пензија, а со точка 6 од овој член, и се давале одврзани раце на Владата “со чудна леснотија” да може да го разреши односно да предложи разрешување на јавниот обвинител поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Владата не била квалификувана да утврдува нестручно и несовесно вршење на таа функција и всушност со таквото нејзино овластување битно се влијаело на самостојноста на Јавното обвинителство.

Самостојноста на јавното обвинителство како државен орган и негово доведување во директна зависност од Владата, содржеле и оспорените одредби на член 32 ставовите 2 и 3 од Законот, според кои не само што Владата покренувала постапка за разрешување на основен, виш и заменик јавен обвинител, туку и ја водела постапката, што не било случај и со Јавниот обвинител на Република Македонија, за кој разрешувањето и постапката ги спроведувало Собранието на Републиката. Со оглед на единствената уставна положба на обвинителите и нивните заменици со таквата положба на јавниот обвинител на Република Македонија, кој својата функција ја остварува преку нив, начинот на разрешување и водење на постапката со оспорената одредба не бил во согласност со уставната положба на јавно обвинителската функција.

Наведените оспорени одредби од Законот, според подносителот на иницијативата не биле во согласност со член 8 став 1 точка 4 и членовите 106 и 107 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 4 од Законот за јавното обвинителство, Владата на Република Македонија го определува бројот на замениците јавни обвинители во јавното обвинителство по предлог на Министерот за правда, а по претходно позитивно мислење од јавниот обвинител на Република Македонија.

Со член 31 точка 3 од Законот се уредува дека јавниот обвинител и заменикот јавен обвинител се разрешува кога ги исполнил условите за старосна пензија, а според точката 6 од овој член, кога нестручно и несовесно ја врши функцијата во јавното обвинителство, што го утврдува Владата на Република Македонија, на предлог на јавниот обвинител на Република Македонија.

Според член 32 став 2 од Законот, Владата на Република Македонија покренува постапка за разрешување на основен и виш јавен обвинител и заменик јавен обвинител кога ќе се утврди дека е исполнет некој од основите за нивно разрешување, а според став 3 од овој член на Законот, во постапката што ја спроведува Владата, односно Собранието на Република Македонија за утврдување на постоење на некои од основите за разрешување на јавен обвинител, односно заменик јавен обвинител се прибавува мислење од јавниот обвинител на Република Македонија и изјава од лицето во однос на кое се спроведува постапката.

5. Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 12 од овој член на Уставот, Владата предлага јавен обвинител.

Со член 106 став 1 од Уставот се уредува дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Според став 2 од овој член, јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон, а според став 3 од овој член на Уставот, јавниот обвинител го именува и разрешува Собранието за време од шест години.

Според член 107 став 1 од Уставот, јавниот обвинител ужива имунитет, според став 2 од овој член, за неговиот имунитет одлучува Собранието, а според став 3 од овој член на Уставот, функцијата јавен обвинител е неспоива со вршење на друга јавна функција, професија или членство во политичка партија.

Со Законот за јавното обвинителство се основа јавното обвинителство, се уредува неговата организација и надлежност, се определуваат подрачјата и седиштата на јавното обвинителство и се утврдуваат условите и постапката за именување и разрешување на јавните обвинители и замениците јавни обвинители. Според член 4 став 1 од овој закон, функцијата на јавното обвинителство ја врши јавниот обвинител на Република Македонија, јавниот обвинител на вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител на основното јавно обвинителство, според став 2 од овој член, јавниот обвинител може да има еден или повеќе заменици, а според став 3 од овој член на Законот, јавното обвинителство се организира според принципот на хиерархија и субординација.

Во согласност со член 28 од Законот, јавниот обвинител на Република Македонија за својата работа и за работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Македонија, а вишиот и основниот јавен обвинител за својата работа одговараат на јавниот обвинител на Република Македонија и на Собранието на Република Македонија, додека, пак, заменикот јавен обвинител за својата работа одговара на соодветниот јавен обвинител и на Собранието на Република Македонија.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека статусот на јавното обвинителство е утврден со самиот Устав. Имено, тој е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните и други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот и закон, а него го именува и разрешува Собрнаието на предлог на Владата на Република Македонија. Својствено на таквиот уставен статус, со закон се определени организацијата, надлежноста и видовите на јавни обвинители, при што, принцип на организација на јавното обвинителство е хиерархијата и субординацијата, а одговорноста е лоцирана пред Собранието.

Исто така, тргнувајќи од наведените основни принципи, јасно произлегува дека овластувањата на Владата на Република Македонија содржани во оспорените одредби од Законот, се во рамките на правата и должносните на Владата утврдени со Уставот и произлегуваат од статусот на Владата на Република Македонија како носител на извршната власт. Имено, таквите овластувања на Владата не значат нарушување на самостојноста на јавното обвинителство како орган кој ги гони сторителите на кривичните и други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон, туку дека се создаваат процедурални, кадровски и други предуслови за поуспешно вршење на јавно-обвинителската функција и дека Владата таквите овластувања определени со закон, ги врши во содејство со јавниот обвинител на Република Македонија и Министерството за правда. Притоа, самостојноста на јавното обвинителство не значи дека тој е изолиран орган со функции кои би биле цел сами за себе, туку како на самостоен државен орган со определни права и должности кои не го исклучуваат уставниот механизам на извршната власт и не ја исклучуваат одговорноста на Владата како носител на извршната власт, да се грижи за гонењето на сторителите на кривичните и други со закон утврдени казниви дела. Овластувањата на Владата содржани во оспорените одредби не претставуваат мешање во вршењето на јавно-обвинителските функции, ниту нарушување на самостојноста на овој орган или негово доведување во подредена положба во однос на Владата, туку извршување на одделни работи врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Врз основа на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со наведените одредби од Уставот.

6. Во однос на оспорената одредба на член 31 точка 3 од Законот, Судот поаѓајќи од фактот дека со Решение У.бр.23/99 од 12 мај 1999 година ја оценувал уставноста на оваа одредба и не повел постапка, бидејќи оценил дека таа е во согласност со член 106 од Уставот, што значи за истата работа веќе одлучувал и не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што иницијативата во овој дел ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов.

У.бр.49/99
9 јуни 1999 год.
С к о п ј е
сс/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков