Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” У.бр.70/92), на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 34 став 1 точка 3 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/95).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член затоа што тој не бил во согласност со член 15 и 50 став 2 од Уставот.
Имено, со предвидувањето Врховниот суд како највисок суд во Републиката да решава во прв и втор степен во управните спорови, заинтересираните лица се лишени од можноста да водат постапка од втор степен, затоа што и во тој степен решава истиот суд што ја донел обжалената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека во член 34 став 1 точка 3 од Законот за судовите, покрај другите надлежности на Врховниот суд на Република Македонија, е предвидено дека “Врховниот суд е надлежен да решава во прв и втор степен во управните спорови кога тоа е определено со закон”.
4. Според член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организации или други институции што вршат јавни овластувања.
Во член 50 став 2 од Уставот е предвидено дека се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Според член 101 од Уставот Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на Судовите.
5. Имајки ги предвид наведените уставни одредби треба да се има предвид дека гарантирајки го правото на жалба, Уставот не ги утврдува елементите и својствата на жалбата, односно не утврдува кој орган одлучува по жалбата, во кој рок и под кои услови може да се изјави жалба, ниту какво дејство има жалбата. Со неуредувањето на ниедно од наведените прашања, Уставот истите ги предоставил на законско уредување, односно право е на законодавецот, покрај другото да го утврди и правното дејство на жалбата, односно да го определи нејзиното девулативно дејство кое се изразува преку тоа што по жалбата одлучува повисок суд.
Во конкретниов случај, имајки предвид дека Врховниот суд на Република Македонија според законот е надлежен да одлучува во управните спорови, како посебен управно судски спор за кој веке е одлучувано во управната постапка, а во управниот спор се обезбедува посебна контрола на законитоста на конечните акти на органите на државната управа, како и фактот што според Уставот, Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката, не би можело да има апсолутна примена на принципот на девулативното дејство на жалбата односно секогаш против првостепената одлука на Врховниот суд кој одлучува во управните спорови да одлучува друг суд затоа што повисок суд и нема.
Со цел да се регулира ваквата ситуација односно да се уреди прашањето кога против првостепената одлука донесена во управен спор е допуштена жалба, законодавецот во членот 34 став 2 од Законот за судовите утврдил дека Врховниот суд по правните лекови (без оглед дали се редовни или вонредни правни лекови) решава во совет од пет судии ако со друг закон не е поинаку определено.
Со оглед на изнесеното Судот смета дека во конкретниот случај законодавецот согласно член 98 од Уставот, почитувајки ги основните слободи и права на човекот и граѓанинот со утврдување на надлежноста и составот на Врховниот суд кога тој одлучува во управните спорови, не го довел во прашање остварувањето на правото на жалба и правото на судска заштита загарантирани со Уставот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од законот со Уставот.
6. Со оглед на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.103/99)