Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 18 став 2 во делот “и истата е конечна” од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96 и 25/98).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на член 18 став 2 од Законот за вршење на нотарските работи затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека во член 18 од Законот се утврдени условите за разрешување на нотар, а според оспорениот став 2 на овој член одлуката за разрешување ја донесува министерот по претходно прибавено мислење на комората и истата е конечна.
Во член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Разгледувајќи ја оспорената законска одредба, која несомнено го исклучува правото на жалба против одлуката на министерот, Уставниот суд утврди дека одлуката за разрешување на нотар има карактер на управен акт кој го донесува државен орган кога одлучува за определени поединечни права и обврски утврдени со закон. Тргнувајќи од тоа, според оценката на Судот одлуката на министерот се појавува како управен акт донесен во прв степен во управна постапка. Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот го исклучува правото на жалба против оваа одлука на министерот, Судот утврди дека таа не е во согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.106/1998
9 јуни 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков