32/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 138 став 8 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.32/99 од 14 април 1999 година, по поднесена иницијатива на Петре Илиевски од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на член 138 став 8 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што тој не бил во согласност со член 7 од Уставот на Република Македонија, според кој во Република Македонија службен јазик е само македонскиот јазик и кирилското писмо. Според тоа и во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство или во значителен број живеат припадници на националностите во службена употреба може да биде само македонскиот јазик и кирилското писмо а не и писмото и јазикот на националностите.

4. Судот на седницата утврди дека во член 138 став 7 од Законот за парничната постапка е предвидено дека текстот на доставницата е напишан на македонски јазик и на кирилско писмо.

Во оспорениот член 138 став 8 е предвидено дека во единиците на локалната самоуправа во која како мнозинство и како значителен број живеат припадници на националностите текстот на доставницата од став 7 на овој член е напишан на јазикот и писмото на националностите.

5. Според член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно член 7 став 2 и 3 од Уставот во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, е и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон, а во единиците на локалната самоуправа во кои припадниците на националностите се во значителен број, под услови и на начин утврдени со закон.

Според член 8 став 1 алинеја 1 и 11 од Уставот меѓу темелните вредности на уставниот поредок се и почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право утврдени во Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

6. Имајќи ги предвид наведените одредби Судот оцени дека при преземањето на службени дејствија од страна на Судот тој не може да користи јазик и писмо кој не е службен јазик во Република Македонија на кој се води парничната постапка туку може да го користи само македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, па според тоа текстот на доставницата треба да биде напишан само на македонски јазик и кирилско писмо како службен јазик во Република Македонија.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 32/99
9 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков