Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 12, 29 и 44 од Законот за основните сопственосно-правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80 и 36/90).
3. Петре Илиевски и Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите (во делови или во целина) од Законот означени во точките 1 и 2 на ова решение. Според наводите во иницијативите во оспорените делови од означените одредби од Законот биле употребени термини и институции кои во Република Македонија и во Уставот на Република Македонија повеке не постоеле.
Оспорените делови на член 9 став 1 и членот 84 став 1 од Законот не биле во согласност со Уставот затоа што Уставот не го содржел критериумот “лични и семејни потреби”. Уставот не ја познавал општествената сопственост поради што членот 12 од Законотили само во делот “општествена сопственост” не биле во согласност со Уставот. Од истите причини безпредметни биле и членовите 29 и 44 од Законот, а ставот 3 на член 49, исто од овој закон бил неприменлив во правниот поредок на Република Македонија. Членовите 82-а, 82-б, 85-а и 85-б не биле во согласност со Уставот на Република Македонија затоа што ги содржеле термините “Социјалистичка Федеративна Република Југославија”, општествена сопственост”, “сојузен закон”, “сојузен орган” и “претпријатие”. Уставот на Република Македонија не ја познавал општествената сопственост како вид на сопственост, а терминот “претпријатие” бил напуштен и заменет со “трговско друштво”.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот дел од член 1 став 2 од Законот содржи “Уставот на СФРЈ и со сојузен закон”, оспорените делови односно одредбите од член 4 став 1 и член 6 став 1 и од членовите 7, 8, 82 и 85-б, содржат “сојузен закон”.
Според член 9 став 1 од Законот граѓанинот може да има право на сопственост на предмети што служат за задоволување на неговите лични потреби и интереси, како и на личните потреби и интереси на членовите на неговото семејство. Во членот 12 од Законот е предвидено дека зградата на која постои право на сопственост е изградена во согласност со закон, на земјиште во општествена сопственост, сопственикот на зградата има право на користење на земјиштето на кое е изградена зградата и на земјиштето што служи за редовна употреба на таа зграда додека таа постои.
Правото на користење од став 1 на овој член може да се пренесува само со пренесување на правото на сопственост на зградата.
Според член 29 од Законот на предмет во општествена сопственост, право на сопственост не може да се стекне со одршка, а според неговиот член 44, правото на сопственост престанува со преминувањето на предметот во општествена сопственост.
Во членот 49 став 3 од Законот е предвидено дека ако привилегираното или послужното добро е општествено средство во општествено правно лице, работниците и другите работни луѓе во тоа општествено правно лице ги имаат правата односно обврските што произлегуваат од предметните службености ако со закон или договор не е поинаку предвидено.
Понатаму Судот утврди дека одредбата од членот 82-а содржи “Социјалистичка Федеративна Република Југославија”, “општествена сопственост”, “сојузниот орган на управата надлежен за работите на правосудството”, одредбата на членот 82-б содржи “Социјалистичка Федеративна Република Југославија”; членот 84 став 1, (а не член 85 став 1 како што е наведено во иницијативата), содржи “и за задоволување на другите лични потреби на нив и на членовите на нивните семејства само станбени згради со еден стан” и членот 85-а став 2 содржи “претпријатието” и “сојузниот орган на управата надлежен за работите на туризмот”.
Судот, исто така, утврди дека со Решението У.бр.177/95 од 12 јуни 1995 година, Судот не поведе постапка за оценување уставноста на член 12, 29 и 44 од Законот, а со Решение У.бр.96/98 од 20 јануари 1999 година ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на нивната уставност затоа што утврдил дека не постојат основи за поинакво одлучување.
5. Според член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Во член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија е предвидено дека постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија, а според неговиот став 4, сојузните прописи со кои се уредува организацијата и надлежноста на органите на Федерацијата не се применуваат во Република Македонија.
Тргнувајки од означената уставна одредба несомнено произлегува дека Уставниот закон, преземајќи ги сојузните прописи како републички, ги има предвид сопственосно правните односи уредени со Законот со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија, а не со надлежностите на сојузните органи. Оттука, оспорените одредби од Законот со самото донесување на Уставот и Уставниот закон за спроведување на Уставот не го имаат тоа значење, односно не се применуваат во правниот поредок на Републиката воспоставен со новиот Устав со што е обезбедно начелото владеење на правото како една од темелните вредности на Уставниот поредок на Републиката и правната сигурност на граѓаните во сопственосно правните односи, поради што пред Судот не се постави прашањето за нивната уставност.
6. Во поглед на одредбите од член 12, 29 и 44 од Законот од истите причини Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови за точката 1 од Решението, а за точката 2 едногласно, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.31/99 и У.бр.70/99
9 јуни 1999 година
С к о п ј е
ат.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков