90/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 3, 11 став 5 и 6, 24 став 5, 30 став 5, член 41 и 50 став 1 од Статутот на Општинското здружение на пензионерите и трудовите инвалиди “Гази Баба” Скопје, донесен на 30 декември 1991 година.

2. Димче Маџаровски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на наведените членови од Статутот на Општинското здружение на пензионерите и трудовите инвалиди “Гази Баба”. Според наводите во иницијативата оспорените членови не биле во согласност со член 22 од Уставот затоа што на членовите на телата и комисиите на здружението им било одземено правото неограничено повторно по изминати два мандати едно по друго на истите функции да бидат избрани.

3. Судот на седницата утврди дека во член 3 од Статутот е предвидено дека Здружението се основа за подрачјето на Општината “Гази Баба”-Скопје.

Здружението во својата работа се раководи од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи од значење за работата на здружението, како и овој статут.

Во член 11 став 5 и 6 е предвидено дека мандатот на член на претседателство и на претседателот и секретарот на претседателството може да се продолжи со повторен избор и во наредните четири години но најповеќе два мандата едноподруго.

Од Собирот на месната организација непосредно се избираат делегати за членови на Собранието на Здружението.

Според член 24 став 5 од Статутот никој не може да биде избран за член повеќе од два мандати едноподруго.

Според член 30 став 5, пак, мандатот на претседателот, потпретседателот и секретарот трае 4 години и се совпаѓа со мандатот на членовите на Собранието.

Во член 41 од Статутот е предвидено дека поблиски задачи на комисиите и одборите (работни тела) и начинот на нивната работа се утврдува со општ акт на претседателството.

Мандатот на членовите на постојните комисии трае четири години и се совпаѓа со мандатот на членовите на собранието.

Според член 50 став 1 од Статутот членот на Собранието стекнува права и должности со денот на верификација на мандатот, а функцијата му престанува со денот на верификација на мандатот на новоизбраниот член на неговото место.

4. Според член 22 од Уставот секој граѓани со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.

Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Општото избирачко право се изразува во правото на секој граѓанин што наполнил 18 години да избира и да биде избран во соодветно претставничко тело.

Еднаквоста на избирачкото право значи дека гласот на секој граѓанин има еднаква вредност и секој избирач има само еден глас на истите избори.

Непосредното избирачко право подразбира дека избирачите непосредно односно лично ги избираат своите претставници во претставничките тела.

Остварувајќи го низ изборниот систем своето избирачко право граѓаните истовремено учествуваат во утврдувањето на политичката основа на системот на власта и му ја даваат онаа политичка поддршка без која системот на власта не би можел да функционира.

На изборите, избирачите со своето гласање го овластуваат односно му даваат мандат на избраниот претставник да ги застапува во претставничкото тело.

Имајќи го предвид наведеното Уставот го утврдил мандатот само на носители на одредени функции на државната власт а не и мандатот на органите и телата на здруженијата на граѓаните.

Прашањето на траењето на мандатот препуштил да биде уредено со закон и со акт на здружението.

Со Законот за здруженијата се утврдени условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани. Според овој закон, здруженијата на граѓани своите права, должности и одговорности ги остваруваат согласно со Уставот, закон и статутот. Во статутот на здружението се содржани органите на здружението, нивниот избор и отповикување и нивниот меѓусебен однос и се определува траењето на мандатот на органите и начинот на одлучувањето на членовите. Со овој закон е определено и дека Собранието на здружението се конституира од претставници чиј број, мандат, начин на избор и отповикување се определува со статутот на здружението.

5. Со оглед на изнесеното, Судот смета дека со утврдувањето на траењето на мандатот на органите и телата на здружението не се нарушува избирачкото право на граѓаните поради што не може да се постави прашањето за согласност на оспорените одредби со Уставот.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 90/99
26 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков