4/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за парцијална измена на Деталниот урбанистички план на Месната заедница III МУБ-Куманово, донесена од Собранието на општина Куманово на 13 ноември 1996 година.

2. Јаневски Љубиша од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што јавната анкета по нацрт планот била спроведена на неадекватно место и неадекватен начин; на дадените забелешки по нацрт-планот, подносителот на иницијативата не добил одговор за нивното неприфаќање и што при изработката на планот не била земена предвид фактичката состојба на лице место за секој поединечен објект во смисла на обезбедување функционална усогласеност на веќе изградените објекти, што не било согласно со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Одлуката се констатира дека се донесуваат парцијални измени и дополнувања на делови од деталните урбанистички планови на градот Куманово. Членот 2 од Одлуката предвидува дека овие измени и дополнувања се вршат на дел од улицата Кузман Јосифовски-Питу во два нејзини дела КП.бр.8443, КП. 8446 и КП. 8563.Според членот 3 од Одлуката составен дел на измената и дополнувањето од член 2 на оваа одлука се: текстуалниот дел и графичките делови во М = 1 : 1000. Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека документацијата од членот 3 од Одлуката ја потпишува старешината на подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Куманово и претседателот на Собранието на општина Куманово, со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесена и се заверува со печат на Министерството и Собранието на општина Куманово. Според став 2 на овој член од Одлуката еден примерок од заверената документација останува во Собранието на општината, а оригиналната документација се предава на чување во Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Куманово. Последниот член од Одлуката (член 5) предвидува истата да влезе во сила осмиот ден од објавувањето во “Службен гласник на општина Куманово”.

4. Согласно член 19 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Сл. весник на Република Македонија” бр.4/96, 8/96, 28/97 и 18/99) по нацртот на плановите од член 7 на овој закон пред организирањето на стручна расправа, односно јавна анкета, се врши стручна ревизија, која ја спроведува стручна научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизам.

Оваа комисија, според ставот 3 на овој член од Законот се определува од претставници на органите на управата и истакнати научни и стручни работници.

Како што се гледа од оваа одредба од Законот, нацртот на плановите, во случајов деталниот урбанистички план во претходната постапка, пред да дојде до фазата на јавна анкета, подлежи на стручна ревизија при што Комисијата што ја спроведува води грижа за обезбедување на рамномерен просторен развој, рационално користење и уредување на просторот, условите за хумано живеење и работа на граѓаните.

Во конкретниов случај, пред организирањето на јавната анкета по нацрт измените на деталниот урбанистички план била спроведена стручна ревизија која позитивно се произнела во однос на погоре наведените содржини на планот.

Понатаму, согласно член 18 став 1 од Законот, јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки до организаторот на анектата.

Од оваа законска одредба произлегува дека јавната анкета е предвидена како задолжителна фаза во постапката при донесувањето на деталните урбанистички планови.

Во конкретниов случај, оваа фаза е испочитувана во смисла што нацрт измената на деталниот урбанистички план во интервал од 15 дена бил истакнат во просториите на Месната заедница, со што на граѓаните од ова подрачје им била дадена можност да се произнесат по истата.

Од тие причини, Судот оцени дека од овој аспект не може да се постави прашањето за законитоста на постапката при донесувањето на планот.

Понатаму, согласно член 18 став 4 од Законот извештајот за стручната расправа и јавната анкета за деталните урбанистички планови, со образложение за неприфатените забелешки, ги изработува општината, односно градот Скопје.

Од оваа одредба, произлегува дека Законот ја обврзува општината да изготви извештај за стручната расправа и јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки, меѓутоа не ја обврзува таквото образложение да им го доставува на учесниците во јавната анкета, туку истото, претставува составен дел на документацијата на планот.

Имајќи ја предвид содржината на оваа законска одредба, Судот оцени дека наводите во иницијативата, според кои, постапката во врска со донесувањето на деталниот урбанистички план се оспорува затоа што на учесниците во анкетата не им било доставено образложение за неприфатените забелешки, се неосновани.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 4/99
26 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков