42/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правното мислење за примена на конформната метода при пресметувањето на затезната камата, донесено од граѓанското одделение при Врховниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 26 февруари 1996 година.

2. Иванов Никола од с. Оризари – Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Правното мислење означено во точката 1 од ова решение затоа што пресметувањето на затезнаста камата според конформната метода било несогласно со Устав и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.258/96 од 22 јануари 1997 година, ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста и законитоста на сега оспореното правно мислење.

Исто така, Судот утврди дека со иницијативата не се бара оценување уставноста на закон и оценување уставноста и законитоста на пропис, за што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува, туку на правно мислење што е донесено со цел да се обезбеди единствена примена на закон и за чија уставност и законитост судот не е надлежен да одлучува.

Со оглед на тоа дека за оспореното правно мислење, Судот претходно се огласил за ненадлежен, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и член 110 од Уставот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.42/99
19 мај 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков