Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 31 став 1 точка 3 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92, 19/93, 9/94 и 9/96)
2. Васил Велковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата именувањето на носителите на јавнообвинителската функција, согласно Уставот на Република Македонија, го вршело Собранието на Република Македонија за време од шест години. Меѓутоа, со оспорената одредба од Законот за јавното обвинителство, еден од основите за разрешување на носителите на јавнообвинителската функција е кога се исполнети условите за старосна пензија, што значело дека јавниот обвинител и неговите заменици можеле да бидат разрешени од функцијата и пред истекот на мандатот за кој се избрани, односно пред истекот на шест години.
Условите за старосна пензија се утврдувале со посебен закон, во случајов со Законот за пензиското и инвалидското осигурување и државата, менувајќи ги условите за стекнување право на пензија влијаела на траењето на мандатот на јавниот обвинител и на неговите заменици. Со оглед на тоа што траењето на мандатот на носителите на овие функции е определен со Уставот во траење од шест години тие не можеле да бидат разрешени пред истекот на мандатот од причини што ги исполнувале условите за старосна пензија поради што оспорената одредба не била во согласност со Уставот, односно со одредбата на член 106 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на ставот 1 точка 3 на членот 31 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител и заменикот јавен обвинител се разрешува кога ги исполнува условите за старосна пензија.
4. Според член 106 од Уставот јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Според ставот 2 на овој член, јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон, а во ставот 3 на овој член е предвидено дека јавниот обвинител го именува и разрешува собранието за време од шест години.
Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдуваат со закон и колективен договор.
Во членот 3 од Законот е предвидено дека јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон, а според ставот 1 на член 4, исто од овој закон, функцијата на јавното обвинителство ја врши јавниот обвинител на Република Македонија, јавниот обвинител на вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител на основното јавно обвинителство.
Според мислењето на Судот не е спорно дека со Уставот е утврден мандатот на јавниот обвинител за време од 6 години, меѓутоа Уставот не го уредил и прашањето за неговиот престанок што значи дека препуштил ова прашање да се уреди со закон.
Тргнувајќи од уставната определба дека јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон и во оваа смисла со Законот за јавното обвинителство, меѓу другото, се утврдуваат и условите и постапката за именување и разрешување на обвинителите и неговите заменици, според мислењето на Судот, мандатот од шест години за вршење на оваа функција предвиден со Уставот не го ограничува законодавецот со закон како основ за разрешување да го утврди и основот исполнување на условите за старосна пензија. Според тоа, прашање е на законодавната политика при разрешувањето на вршителите на јавнообвинителската функција пред истекот на мандатот да поаѓа и од специфичноста на функцијата, но истовремено и од значењето на слободите и правата на граѓаните и нивните правни интереси што се остваруваат во постапката за кривичното гонење па во таа смисла законодавецот е должен да оцени и да ја определи старосната граница за нејзино извршување.
Со оглед на тоа што со Уставот не е уредено прашањето за разрешувањето на јавните обвинители и нивните заменици односно Уставот тоа го препуштил на закон, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неуставноста на оспорената одредба од законот со член 106 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.23/99
12 мај 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков