97/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 20 став 3 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 11 од Законот за домување.

3. Васил Велковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба на член 11 од Законот за домување давала можност, преку институтот на самопомош, предвиден во Законот за основните сопственосно-правни односи и Законот за облигационите односи, сопственикот да си го врати правото на владение врз станот. Меѓутоа, самопомошта била право на владетелот и можела да се користи под определени услови и во одредено време (30 дена), а со оспорената одредба не биле утврдени условите за самопомошта, односно за враќање во владение на станот на сопственикот што предизвикувало правна несигурност кај граѓаните.

Од друга страна, со оспорената одредба се предвидувало интервенција на полицијата, без тој орган да води постапка и да донесе акт за своја интервенција што оставало простор за самоволие. Подносителот смета дека органот за внатрешни работи не можел да делува во ваков случај само на повик на сопственикот, без да донесе акт за дејствијата што ќе ги преземе.

Членот 20 став 3 од Законот за домување предвидувал ситуација кога по истекот на договорот за закуп, закуподавачот можел на начин утврден со оспорениот член 11 од Законот, да го врати во владение станот, односно се постапувало како да тоа лице се вселило во станот самоволно, без сколучен договор. Во овој случај не се работело за самопомош ниту имало потреба од интервенција на органот за внатрешни работи. Имено, ако закупецот не се иселил од станот требало да се бара иселување преку суд или во друга постапка и за извршување на таквата одлука да се барало асистенција на полицијата. Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека оваа одредба е спротивна на принципот за зашита на законитоста и на одредбите од Уставот која ја гарантираат неповредивоста на домот.

4. Судот на седницата утврди дека спроед член 11 од Законот за домување во случај на вселување на лице во стан без склучен договор за закуп, сопственикот на станот има право да го врати правото на владение на станот по предходно побарана помош од органот надлежен за внатрешни работи, без водење на управна, односно судска постапка. Според член 20 од истиот закон, договорот за закуп престанува со истекот на времето за кое е склучен. По истекот на времето на кое е склучен договорот, закупецот е должен да го испразни станот. По истекот на времето на кое е склучен договорот закуподавачот може да го поврати правото на владение на станот на начин утврден со членот 11 од овој закон.

Судот, исто така, утврди дека со Одлука У.бр.217/98 од 12 мај 1999 година го укина членот 11 од Законот за домување затоа што оцени дека не е во соглансост со уставниот принцип за владеење на правото и уставниот принцип за поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Според мислењето на Судот, и покрај тоа што со оспроената одредба на сопственикот на станот му се дава можност преку институтот за самопомош да го врати нарушеното владение врз станот, оваа одредба не ги содржи условите и роковите за самопомош утврдени со правилата на Законот за основните сопственосно-правни односи и Законот за облигационите односи.

Исто така, Судот смета дека овластувањето на органот за внатрешни работи да пружа помош на сопственикот при враќањето во владение на станот, без одлука на надлежен орган го доведува во прашање уставниот принцип за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска поради што оцени дека оваа одредба не е во согланост и со овој уставен принцип утврден во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Од истите причини, со оглед на тоа што оспорената одредба на член 20 став 3 од Законот упатува на неговиот член 11, пред Судот се постави прашањето за согласноста и на оваа одредба со наведените уставни принципи.

5. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото, ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот одлучувал за уставноста на одредбата од член 11 од Законот, одлучи да ја отфрли иницијативата за поведување псотапка за оценување на нејзината уставност.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.97/99
12 мај 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков