Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 5 став 4 од Правилникот за издавање и продажба на поштенски марки и вредносници донесен од Управниот одбор на Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” – Скопје на 26 декември 1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување уставноста на член 5 став 4 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.
4. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 4 од Правилникот при издавање на една марка текстот “Република Македонија” и “Македонска пошта” се пишува со кирилско писмо, а на изданијата што имаат повеќе од една марка текстот “Република Македонија” и “Македонска пошта” се пишува наизменично со латинско и кирилско писмо.
5. Според член 7 став 1 од Уставот во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, според мислењето на Судот, поштенските марки претставуваат јавни ознаки и како такви се дел од јавната комуникација во Републиката, што се остварува на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Несомнено, како еден од белезите на државноста е и службениот јазик на државата, поради што со поштенските марки што ги издава ЈП “Македонска пошта” не може да биде изземена употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Со оглед на тоа што оспорената одредба предвидува на изданијата што имаат повеќе од една марка текстот “Република Македонија” и “Македонска пошата” да се пишуваат наизменично со латинско и кирилско писмо, со што всушност се исклучува употребата на кирилското писмо на изданијата на одделни марки, Судот оцени дека член 5 став 4 од Правилникот не е во согласност со член 7 став 1 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.74/99
12 мај 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков