Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а. Одлуката за усвојување на измени на дел од Основниот урбанистички план за град Струга;
б. Програмата за изработка, измени и дополнување на урбанистичката документација;
в. Одлуката за утврдување бројот на членови на Управниот одбор и начинот и постапката на изборот на членовите на Управниот одбор во Фондот за локални патишта и улици на општина Струга;
г. Одлуката за определување бројот на членовите на Управниот одбор и начинот и постапката за избор на членови на Управниот одбор на Фондот за уредување на градежното неизградено земјиште на општина Струга;
д. Одлуката за формирање одбор за контрола на материјално-финансиското работење на Фондот за уредување на градежно неизградено земјиште на општина Струга;
ѓ. Одлуката за измени и дополнувања на Програмата за условите и начинот на поставување и отстранување на времени објекти на подрачјето на општина Струга;
е. Одлуката за прогласување на почесни граѓани на градот Струга на добитниците на Златен венец на Струшките вечери на поезијата;
ж. Одлуката за формирање Одбор за контрола на материјално-финансиското работење во Јавното претпријатие “Водовод и канализација”- Струга;
з. Одлуката за отстранување на возила со употреба на пајак возило;
с . Одлуката за прогласување на транзитни улици и
и. Одлуката за ставање под надлежност на Републичкиот фонд за магистрални и регионални патишта на транзитни улици со целосна патна сигнализација – хоризонтална и вертикална.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Слободан Јовановски и други советници на ВМРО-ДПМНЕ, ПДП и ПДПА и НДП во Советот на општина Струга, поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.
4. Судот на седницата утврди дека:
– со Одлуката за усвојување на измена на дел од Основниот урбанистички план за град Струга се врши пренамена на зелената површина (дефинирана во Основниот урбанистички план) во простор наменет за градба на противпожарен дом и регионален пункт за потребите на ” ;Македонија пат”.
Според Одлуката, површината што се пренаменува е дел од КП.бр.2823 и истата е дефинирана во графичкиот дел кој е составен дел на Одлуката.
Одлуката е донесена врз основа на член 22 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање според кој општината донесува урбанистички планови како што се: генералниот урбанистички план, деталниот урбанистички план и урбанистичката документација за населено место во општината.
Согласно член 10 став 2 од овој закон, генералниот урбанистички план содржи, меѓу другото, намена на земјиштето и функционална организација на подрачјето опфатено со планот.
Со оглед на тоа што со Основниот урбанистички план за град Струга овој простор на КП.бр.2823 бил предвиден како зелена површина, а со оспорената одлука истиот се пренаменува за изградба на противпожарен дом и регионален пункт за потребите на ” Македонија пат”, всушност се врши измена на урбанистичкиот план без да се спроведе постапката предвидена во Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека истата е несогласна со Законот за просторното и урбанистичкото планирање и со Законот за локалната самоуправа од аспект на постапката за нејзиното донесување;
– со Програмата за изработка, измени и дополнување на урбанистичката документација се предвидуваат парцелни измени на постојниот Основен урбанистички план, парцелни измени на деталните урбанистички планови;изработка на урбанистички проект на определен потег, исправки на деталните урбанистички планови во определени населби, се определуваат локалитетите што ќе бидат дел од урбанистичката документација и сл.
Инаку, основ за нејзино донесување е членот 29 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа според кој, советот на единицата на локалната самоуправа, меѓу другото, е надлежен да донесува програми и планови за соодветното подрачје на единицата на локалната самоуправа, но со оглед на тоа дека истата е донесена на седница без потребен кворум, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон.
– со Одлуката за утврдување бројот на членови на Управниот одбор и начинот и постапката за изборот на членовите на Управниот одбор во Фондот за локални патишта и улици на општина Струга се определува дека управниот одбор на Фондот брои 7 членови кои, на предлог на градоначалникот на општина Струга, ги именува советот на општина Струга од редот на афирмирани стручњаци во областа на предметот на работа на овој фонд.
Основ за донесување на оваа одлука е членот 29 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа според кој советот на единицата на локалната самоуправа, на предлог на градоначалникот, именува и разрешува раководни органи на јавните служби, установите и претпријатијата што ги основа советот на единицата на локалната самоуправа, но, независно од постоењето на законскиот основ за нејзиното донесување, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон.
– со Одлуката за формирање Одбор за контрола на материјално-финансиското работење во Јавното претпријатие “Водовод и канализација” – Струга се определува бројот на членовите на Одборот, начинот на нивното именување и условите што треба да ги исполнуваат лицата за да можат да бидат именувани за членови на Одборот.
Основ за донесување на Одлуката е член 29 точка 8 од Законот за локалната самоуправа според кого советот на единицата на локалната самоуправа основа управни и административни органи и членот 26 од Законот за јавните претпријатија кој предвидува за вршење на контрола на материјално-финансиското работење на Јавното претпријатие да се формира одбор за контрола на материјално-финансиското работење.
Но, независно од тоа што постои законски основ за нејзино донесување, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон.
– со Одлуката за определување бројот на членовите на Управниот одбор и начинот и постапката за избор на членови на Управниот одбор на Фондот за уредување на градежното неизградено земјиште се определува бројот на членовите на Управниот одбор на Фондот (7 членови) кои, на предлог на градоначалникот на општината Струга, ги именува советот на Општината.
Основ за донесување на оваа одлука е членот 29 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа според кого советот на единицата на локалната самоуправа, на предлог на градоначалникот, именува и разрешува раководни органи на јавните служби, установите и претпријатијата што ги основа советот на единицата на локалната самоуправа.
Основ за донесување на оваа одлука е и членот 16 од Законот за јавните претпријатија според кого органи на јавното претпријатие се: управниот одбор, одборот за контрола на материјално-финансиското работење и директорот.
Исто така, основ за нејзино донесување е и членот 17 став 1 од овој закон според кого управниот одбор на јавното претпријатие се состои најмалку од 5, а најмногу од 15 членови.
Од изнесеното произлегува дека оспорената одлука има законски основ за донесување, но независно од тоа, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон.
– со Одлуката за формирање на одбор за контрола на материјално-финансиското работење на Фондот за уредување на градежно земјиште на општина Струга, се определува бројот на членовите на Одборот, начинот на нивното именување и условите што треба да ги исполнуваат лицата за да можат да бидат именувани за членови на Одборот.
Основ за донесување на Одлуката е член 29 точка 8 од Законот за локалната самоуправа според кого советот на единицата на локалната самоуправа основа управни и административни органи и членот 26 од Законот за јавните претпријатија според кого за вршење на контрола на материјално -финансиското работење на Јавното претпријатие се формира одбор за контрола на материјално-финансиското работење.
Но, независно од тоа што постои законски основ за нејзино донесување, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон;
– со Одлуката за измени и дополнувања на Програмата за условите и на чинот за поставување и отстранување на времени објекти на подрачјето на општина Струга се врши измена и дополнување на графичкиот дел за времено користење на градежно неизградено земјиште од погоре означената програма на КП- 2232, КП – 2230/1, КП-2659/1 (женска плажа) во смисла на отстранување на постојните времени и сезонско-времени објекти, а со цел за реализација на дел од Програмата за уредување, рекултивирање, ревитализација и еколошка заштита на крајбрежието на Охридското Езеро и истекот на кејовите на реката Црн Дрим на просторот на градот и општината Струга за 1998,1999 и 2000 година.
Основ за донесување на оваа одлука е членот 29 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа според кого во надлежност на советот на локалната самоуправа, меѓу другото, спаѓа донесување на програми и планови во согласност со Законот.
Согласно член 34-а од Законот за изградба на инвестициони објекти (” Службен весник на СРМ” бр.15/90 и 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.11/94) како времени објекти се сметаат објекти од монтажно-демонтажна конструкција или изградени од материјали погодни за отстранување.
Согласно членот 34-б од Законот за поставување на времени објекти, собранието на општината, односно собранието на Градот Скопје донесува програма, по претходна согласност на Републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот.
Членот 34-в од Законот предвидува дека за поставување на времен објект, републичкиот орган на управата надлежен за работите на градежништвото издава одобрение со кое се утврдуваат условите, начинот на поставувањето и отстранувањето на времениот објект, при што инвеститорот нема право на надоместок при неговото отстранување.
Во конкретниов случај, постоечката Програма за поставување и отстранување на времените објекти, која е донесена согласно законски предвидената постапка се менува и дополнува во смисла што предвидува отстранување на постојните, времени и сезонско-времени објекти на подрачјето на општина Струга на определени катастарски парцели (женска плажа) со цел да се реализира дел од Програмата за уредување, рекултивирање, ревитализација и еколошка заштита на крајбрежието на Охридското Езеро и истекот на кејовите на реката Црн Дрим на просторот на градот и општината Струга.
И под претпоставка дека Советот на општина Струга, пред донесувањето на Програмата, добил претходна согласност од Републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот, со оглед на тоа дека седницата била одржана без потребниот кворум, Судот оцени дека истата е донесена во постапка спротивна на закон;
– со Одлуката за прогласување на почесни граѓани на градот Струга и добитниците на Златен венец на Струшките вечери на поезијата се определува дека, како почесни граѓани на градот Струга ќе се сметаат добитниците на најголемото признание “Златен венец” на Струшките вечери на поезијата.
Со Одлуката се востановува почесното признание “Клуч на градот Струга” ; со грб на градот Струга и “Повелба на градот Струга” со грбот на градот Струга кое ќе им биде врачувано на почесните граѓани на градот Струга.
Со оваа одлука, исто така, се одобрува именување на улици со имиња на добитниците на “Златен венец” на Струшките вечери на поезијата- почесни граѓани на градот Струга.
Основ за донесување на оваа одлука е членот 17 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа според кого единиците на локалната самоуправа ги определуваат имињата на улиците, плоштадите, мостовите и други инфраструктурни објекти од локално значење во согласност со закон, но, со оглед на тоа дека истата е донесена на седница на советот на општината што е одржана без потребниот кворум, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон;
– со Одлуката за отстранување на возило со употреба на пајак возило, Советот на општина Струга воведува пајак возило како средство за отстранување на возила од места кои не се наменети за тоа, односно од места на кои би се загрозувала безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за негово нормално одвивање и движење на пешаци, како и отстранување на возила кои не се употребуваат во сообраќајот поради оштетеност, дотраеност и други предмети со кои се попречува одвивањето на сообраќајот и се загрозува човековата околина.
Отстранувањето на возилата и другите предмети, според Одлуката,го врши Претпријатието за одржување на сообраќајниците.
Одлуката е донесена врз основа на членот 61 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кого доколку сопствениците на возилата и на други предмети со кои се попречува одвивањето на сообраќајот, не ги отстранат како и во случаи кога се отсутни, возилата и предметите ќе бидат отстранети на сметка на нивните сопственици.
Во таа смисла, ставот 2 на член 61 од Законот предвидува отстранувањето на овие возила и предмети да го врши Претпријатието за одржување на сообраќајниците на простори што се посебно уредени за тоа.
Независно од постоењето на законски основ за донесување на оспорената одлука, имајќи го предвид фактот дека таа е донесена на седница што немала потребен кворум за одржување, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон ;
– со Одлуката за прогласување на транзитни улици во град Струга се прогласува улицата од раскрсницата М-4 стационажа 6+900, Ул.”Пролетерски бригади” ;, Ул.”15 Корпус” во должина од 1030 м до спој со Р-420 на стационажа 7+350 на раскрсница Ул.”Владо Малески” – “Партизанска” со ширина на коловозот од 8 м.
Основ за донесување на оваа одлука е, покрај членот 29 од Законот за локалната самоуправа, членот 5 став 3 од Законот за јавни патишта според кого, кои патишта ќе се сметаат за дел од магистрален или регионален пат определува општината, во согласност со Министерството за сообраќај и врски.
Независно од постоењето на законски основ за нејзино донесување, со оглед на тоа дека истата е донесена на седница на Советот на општината која била одржана без постоење на потребниот кворум, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон;
– со Одлуката за ставање под надлежност на Републичкиот фонд…, бр.07-471 од 14 јули 1998 година, се ставаат во надлежност на Републичкиот фонд за магистрални и регионални патишта целосната патна сигнализација – хоризонтална и вертикална на транзитните улици во градот Струга и тоа: (1) Улицата од раскрсница М-4 стационажа 6+900, ул.”Пролетерски бригади”, ул.” 15 Корпус” во должина од 1030 м до спој со Р-420 на стационажа 7+350 на раскрсница Ул.”Владо Малевски” – “Партизанска” со ширина на коловозот од 8 м.; (2)Улицата “Туристичка” од стационажа 2’950 на патниот правец Р-420 “Подмоље-Струга-Радожда” до раскрсница ” Маркс и Енгелс” до раскрсница со Ул.”Партизанска” до Стационажа Р-420, 6+866 во должина од 500 м. на Р-420 до стационажа 8+177 со широчина на коловозот од 8 м.
Основ за донесување на оваа одлука се членот 5 од Законот за јавните патишта кој ја овластува општината да определува кои патишта ќе се сметаат за дел од магистрален или регионален пат и членот 120 од овој закон според кого за работите во врска со планирањето, финансирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето и заштитата на магистралните и регионалните патишта се основа Фонд за магистрални и регионални патишта.
Меѓутоа, независно од постоењето на законскиот основ за нејзино донесување, со оглед на тоа дека Одлуката е донесена на седница на Советот на општината која се одржала без постоење на потребниот кворум, Судот оцени дека е донесена во постапка спротивна на закон.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека сите акти, наведени во точката 1 од оваа одлука, се донесени во постапка спротивна на закон, затоа што на седницата присуствувале само 9 советници (потребно е 10) кои не биле овластени да го верификуваат мандатот на истата седница на десеттиот член и да продолжат да работат со, според нив, потребен кворум. Ова затоа што и за верификација на тој десетти член е потребен кворум од 10 советници, односно мнозинство од тие 10 советници. Фактот што сите 9 присутни членови биле едногласни при верификацијата на мандатот на десетиот член, во случајов, е ирелевантен затоа што за да биде верификуван мандатот на десеттиот член, потребно е седницата да биде одржана со кворум од 10 члена, а одлуката да биде донесена со мнозинство од тој кворум.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.215/98
12 мај 1999 година
С к о п ј е
сс/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков