Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 111 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 11 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.217/98 од 7 април 1999 година по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со уставниот принцип за владеење на правото и уставниот принцип за поделба на власта на законодавна, извршна и судска власт утврдени во член 8 од Уставот на Република Македонија.
4. Во одговорот на наводите содржани во Решението за поведување постапка на Министерството за урбанизам и градежништво се наведува дека ова министерство во примената на Законот за домување биле согледани недоречености на некои одредби и поради тоа покренало иницијатива за измена и дополнување на Законот, меѓу кои и на оспорената одредба.
5. На седницата Судот утврди дека според оспорената одредба од Законот во случај на вселување на лице во стан без склучен договор за закуп, сопственикот на станот има право да го врати правото на владение на станот по предходно побарана помош од органот надлежен за внатрешни работи, без водење на управна, односно судска постапка.
6. Според член 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на Уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, се и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска правната заштита на сопственоста и владеењето на правото.
Членот 26 од Уставот гарантира неповредивост на домот, а според ставот 2 на овој член, правото на неповредивост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.
Според член 98 став 1 од Уставот судската власт ја вршат судовите, а во ставот 2 на овој член е предвидено дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот ја гарантира неповредивоста на домот, со тоа што ова право може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето, што значи дека Уставот, поаѓајки од значењето на домот како услов за слободно живеење и за работа на човекот, гарантира максимална, и ако не апсолутна неповредивост на неговиот дом.
Тргнувајки од уставниот поим за домот, според мислењето на Судот предмет на уставна заштита може да биде дом стекнат во сопственост или на друг законски начин, а во никој случај и стан во кој некој граѓанин се вселил без склучен договор.
Исто така, ограничувањето неповредивоста на домот, односно дека за тоа треба да постои судска одлука и тоа само во случаи наведени со Уставот кога е во прашање откривање и спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето, исклучиво се однесува на дом во горенаведената смисла, а не и кога е во прашање безправно вселување во туѓ стан.
Поаѓајки од фактот дека Законот за домување предвидел забрана дека никој не може да се всели во стан без склучен договор за закуп (член 10 став 3), како и поаѓајки од сваќањето дека уставната гаранција за неповредивост на домот ја уживаат само граѓаните чиј дом е нивна сопственост односно дом во кој се вселиле на законит начин, оспорената одредба на член 11 од Законот, според мислењето на Судот значи повреда на туѓи права и дејствија преземени за да се заштити своето право (самозаштита) и не значи повреда на нечие право, односно по својата суштина претставува самозаштита на своето право од нечие неправо и во овој случај самиот законодавец пресудил поради што исклучил водење судска и друга постапка. Имено, уставното начело владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија значи почитување на правниот поредок и сообразно на тоа почитување на правата на граѓаните. Исто така, и основните принципи на правниот поредок правдата и правичноста како составен дел на владеењето на правото налагаат обврска на секого да се воздржува да ги повредува правата на другите граѓани. Во случајов оспорената одредба нормирајки ситуација на вселување во туѓ стан без правен основ истовремено и одлучил за враќање во владение на сопственикот или на корисникот, без водење на судска или друга постапка при тоа имајки го предвид мирното и непреченото владение, а не сопственоста.
Меѓутоа, Судот смета дека и покрај тоа што оспорената одредба по својата суштина претставува самопомош во граѓанско правна смисла, што е уредено со Законот за основните сопственосно правни односи (член 76) и Законот за облигационите односи (член 162), како право на владетелот на предметот при нарушено владение да си го поврати под одредени услови и законскиот рок од 30 дена, оваа одредба не содржи услови и рокови за нејзино остварување поради што оцени дека не е во согласност со уставниот принцип за владеење на правото.
Исто така, овластувањето на органот за внатрешни работи да пружа помош на сопственикот при враќањето во владение на станот, без одлука на надлежен орган го доведува во прашање уставниот принцип за поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска утвреден во член 8 став 1 алинеја 4 поради што Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност и со овој уставен принцип.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими , д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.217/98
12 мај 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков