8/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 193 и 203 од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 193 и 203 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со едно од темелните начела на уставниот поредок утврдено во член 8 став 1 алинеја 4 за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, член 15 и член 98 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби се поместени во дел ВИИ од Законот односно во делот кој се однесува на повреди на Царинскиот закон.

Имено, во член 190 од Законот е предвидено дека неизвршувањето на дејствијата утврдени со одредбие на овој закон или вршење на дејствија спротивни на одредбите на овој закон преставуваат царински повреди. Повредите на Царинскиот закон можат да бидат прекршоци или кривични дела.

Во оспорениот член 193 е предвидено дека Царинскиот орган може да наплати мандатна казна за прекршок или да поведе постапка пред суд.

Во оспорениот член 203 под наслов “Наплата на паричните казни веднаш по сторениот прекршок (мандатна казна)” е предвидено дека:

1) Царинските службеници можат да му понудат на прекршителот плаќање на мандатна казна за сторениот прекршок.

2) Ако прекршителот ја плати мандатната казна, случајот е затворен и извршителот нама да се гони според овој закон доколку прекршителот не ја плати мандатната казна, царинскиот орган предметот го предава на надлежниот суд.

3) Мандатните казни ги наплатуваат овластените царински службеници.

4. Според член 8 од Уставот на Република Македонија темелните вредности на уставникот поредок на Република Македонија меѓу другото се и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Во член 96 од Уставот е предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 98 став 1 од Уставот судската власт ја вршат судовите, а во став 2 на овој член е предвидено дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 13 став 1 од Уставот лицете обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Од наведените уставни одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело, а во тие рамки и вината за сторениот прекршок мора да биде утврден со судска одлука, што значи дека за сите казниви дела можат односно треба да одлучуваат судовите кои се самостојни и независни.

5. Имајќи ги во вид наведените уставни одредби како и одредбите од Законот за прекршоците за мандатното казнување Судот смета дека мандатното казнување е облик на државна интервенција со цел ефикасно да се дејствува во сузбивање на одредена категорија прекршоци од полесна природа. Казнената интервенција има смисла само ако се оствари во моментот кога сторителот е затекнат во вршењето на прекршокот од страна на службено лице кое има законско овластување за тоа.

Наплатата на мандатната казна значи дирекна примена на законот кога настанал објективен случај, при што сторителот се согласил со наплаќање на казната и спроведувањето на прекршочната постапка отпаѓа поради што отпаѓа и можноста за правото на жалба.

Доколку сторителот доброволно не ја плати казната, тогаш таа не може присилно да биде наплатена, туку против сторителот за прекршок се поднесува пријава за поведување на прекршочна постапка.

Според тоа мандатното казнување претставува определено претходно дејствие преземено пред поднесување на барањето за прекршочна постапка и не може да се третира како овластување на несудски орган да постапува во прекршочна псотапка.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека со изрекувањето на мандатната казна за одреден прекршок чија висина Законот однапред ја утврдил и овластил одредено службено лице да ја наплати не се нарушува начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.8/99
5 мај 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков