52/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на РМ” бр.33/98).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот во врска со примената на член 141 став 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение, усвоен од Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија на состанокот одржан на 23.10.1998 година.

3. Адвокатите Љубе Симјановски од Скопје и Рафаил Черепналкоски од Скопје, како и Стеван Ристески од Кавадарци на Уставникот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на членот 141 став 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение, и оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 2 на ова решение. При тоа, наведената одредба од Законот за парничната постапка се оспорува затоа што судовите во Република Македонија не постапувале, односно престанувале да постапуваат и по предмети за кои не била платена судската такса, а биле заведени кога важел

стариот Закон за парнична постапка, кој не содржел ваква одредба, што значи оваа одредба од Законот се применувала ретроактивно, што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот. Од истите причини се оспорува и Заклучокот на Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија.

Исто така, а имајќи ја предвид материјалната и социјалната положба на граѓаните на Република Македонија, од една страна, и висината на судските такси и другите трошоци на постапката, од друга страна, според подносителите на иницијативите со оспорената одредба се ограничувало и правото на граѓаните да барат судска заштита на своите права по основ на нивната имотна состојба, што било во спротивност на член 50 став 1 и 54 став 3 од Уставот.

Покрај тоа, оваа одредба од Законот за парничната постапка се оспорува и од аспект на нејзината согласност со Законот за судските такси , во целина и посебно со членот 7, со оглед дека со неа овој закон бил дерогиран, иако тој како леџ специјалис, целосно го уредувал прашањето за наплатата на судските такси и во тој поглед требало да се применува тој закон, а не оспорената одредба.

Со оглед на тоа дека примената на оспорената одредба одела на штета на остварувањето на правата на граѓаните пред судовите, од Судот се бара да донесе решение за издавање времена мерка, со која ќе се забрани постапувањето по член 141 став 2 од Законот за парничната постапка, до конечното одлучување по предметот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 141 став 2 од Законот за парничната постапка е предвидено дека судот нема да постапува по тужба, ниту да презема други дејствија за кои не е платена судската такса.

Во точката 1 од оспорениот заклучок е утврдено дека ако странката не ја плати таксата по нејзините иницијални акти за поведување на судска постапка или преземање на дејствие (тужба, предлог за издавање платен налог и сл.), Судот нема да постапува по нив ниту да преземе друго дејствие се додека не се плати таксата.

Судот ќе ја опомене странката за неплатената такса и ќе ја предупреди на последиците кои ќе настанат од обврската од член 30 од Законот за судските такси и од член 141 став 2 од Законот за парничната постапка. Ако и после овој рок не се плати таксата, ќе се побара наплата за неплатената такса од Управата за јавни приходи на чие подрачје таксениот обврзник има живеалиште (седиште) таксата да се наплати по присилен пат. По добивање на известие од Управата за јавни приходи дека таксата е наплатена, судот ќе продолжи со постапка по предметот.

Според точката 2 од овој заклучок, неплатената такса за одбранбени процесни дејствија (одговор на тужба, жалба и слични правни средства) ја задржува постапката се додека судот не испрати акт за присилна наплата преку Управата за јавни приходи, а додека според точката 3, овој заклучок се применува во сите постапки каде не е донесена првостепена судска одлука до 19.07.1998 година, кога стапил во сила Законот за парничната постапка.

5. Судот на седницата, исто така, утврди дека со решение У.бр.221/98 и У.бр.10/99 од 24 февруари 1999 година не повел постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка, затоа што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со членовите 9, 30, 50 и 54 од Уставот, од чиј аспект беше оспорена нејзината уставност.

При тоа, Судот утврди дека судските такси, како вид на јавни давачки се воведени со Законот за судските такси и согласно член 4 став 1 и 2 точките 1 и 7 од овој Закон таксената обврска за поднесоците, какви што се сметаат и тужбите, настанува кога тие се предаваат на судот, а додека за другите дејствија оваа обврска настапува кога ќе се побара нивно преземање, односно кога судот ќе почне да постапува.

Понатаму, Судот утврди дека со Законот за судските такси, како и со Законот за парничната постапка се утврдени и условите и начинот на ослободување од плаќање на судските такси доколку се утврди дека странката не е во состојба да ги плати овие такси, така што на овој начин законодавецот овозможил остварувањето, односно заштитата на правата пред судот да се еднакво достапни за сите граѓани, независно од нивната материјална положба, односно се овозможува и на лицата со слаба имотна состојба да ја остваруваат судската заштита на своите права, која не би можеле да ја остваруваат доколку тие треба однапред да ги поднесуваат трошоците на постапката.

Оттука, според мислењето на Судот, доколку странката поднесе предлог за ослободување од судските такси во смисла на член 158 став 3 од Законот за парничната постапка, и во врска со овој предлог Судот донесе решение за ослободување, во таков случај се исклучува примената на одредбата од оспорениот став 2 на член 141 од Законот и судот нема основ да не постапува по тужбата или да не преземе дејствие за кое не е платена таксата.

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби, како и со оглед на тоа што според оспорената одредба од Законот за парничната постапка имотната состојба на граѓаните нема карактер на нормативен услов за остварување правото на судска заштита на нивните права и правни интереси, Судот оцени дека со оспорената одредба не се прави дискриминација на граѓаните по основ на нивната имотна состојба, туку се утврдува правило односно начин на однесување на судот во случаи кога не е платена судската такса, која како посебен вид на јавна давачка е предвидена со Законот за судските такси, а не со Законот за парничната постапка и така утврдениот однос на судот е еднаков спрема сите граѓани кои не ја платиле пропишаната судска такса, а не се ослободени од нејзиното плаќање. Или со други зборови, целта на оспорената одредба не е создавање нееднаквост и дискриминација на граѓаните по основ на нивната имотна состојба, но тоа е израз на настојувањата да се пронајде поефикасен инструментариум, од оној предвиден со Законот за судските такси, за наплата на судските такси во случаи кога, согласно тој закон, оваа обврска настапува во моментот на поднесувањето на тужбата односно кога ќе се побара преземање на друго процесно дејствие, а истата не е наплатена навреме, со оглед дека при постоење на висока инфлација ненавременото плаќање на судските такси, како што се смета и присилната наплата, доведува до обезвреднување на истите што секако е на штета на државата.

Друго е прашањето што примената на оспорената одредба, како впрочем и примената на одредбите од Законот за судските такси, со кои е утврдена нивната висина може да се одрази и да предизвика фактичка нееднаквост на граѓаните, но во тој случај основа за нееднаквост не е нормата на оспорената одредба, туку фактичката економска моќ на граѓаните.

6. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорената одредба од Законот за парнична постапка од аспект на членовите 50 и 54 од Уставот, а со овие иницијативи не се укажува на други правни причини, односно факти кои би биле основа за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Во поглед на наводите дека со оспорената одредба од Законот за парничната постапка посебно се нарушувале и принципите на приоритет и итност при заштитата на правата на граѓаните во судска постапка, што се исто така уставна гаранција (член 50 став 1 од Уставот), Судот смета дека овие начела се применуваат и доаѓаат до израз под услов да се исполнети сите однапред утврдени процесни претпоставки за водење на судската постапка, која е збир на правила на однесување на судот утврдени со закон. Како во конкретниот случај, во членот 141 став 2 од Законот е утврдено правилото дека судот нема да постапува по тужбата ниту да презема друго дејствие за кои не е платена судската такса произлегува дека се додека не е платена судската такса овие поднесоци не произведуваат правно дејство односно не го обврзуваат судот да постапува по нив се додека не се отстрани овој нивен недостаток. Поради тоа, Судот оцени дека при ваква состојба на работите и не може да стане збор за повреда на начелата на приоритет и итност.

Имајќи предвид дека повратното дејство на оспорената одредба подносителите на овие иницијативи го оспоруваат од аспект на нејзината примена од страна на судовите, а не од аспект на нејзината содржина и содржината на другите одредби од Законот, а со оглед дека Судот не е надлежен да одлучува по прашања во врска со примената на законите и другите прописи, и од оваа причина, согласно член 28 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

Исто така, во однос на наводите во иницијативата поднесена од Стеван Ристески дека оспорената одредба од Законот за парничната постапка не била во согласност и со Законот за судските такси, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на закон со закон.

7. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативите дека и оспорениот заклучок не бил во согласност со Уставот, Судот утврди дека и овој заклучок, како и начелните ставови и начелните правни мислења на Врховникот суд на Република Македонија, не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, за чија што уставност и законитост е надлежен да одлучува Уставниот суд на Република Македонија, поради што Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Со оглед на тоа што ги отфрли иницијативите, Судот оцени дека не се исполнети условите за изрекување на времена мерка утврдена во член 27 од Деловникот на Судот.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.52/99
5 мај 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков