У.бр.85/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за внатрешна организација на ЈП “Електростопанство на Македонија” – Скопје УО.бр.02-843/1/3 донесен од Управниот одбор на седницата одржана на 19.02.1999 година, во делот кој се однесува на “Електродистрибуција” – Гостивар.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Данилоски од Гостивар му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, од причини што во делот кој се однесува на “Електродистрибуција”-Гостивар бил предвиден понизок степен на стручна подготовка за работните места под реден бр. 2 и 23, што не било во согласност со член 21 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97), според кој е предвидено меѓу другото, работи на раководење со сложени енергетски објекти да може да врши работник со најмалку ВИИ/1 степен на стручна подготовка.

3. Судот на седницата утврди дека во делот на оспорениот Правилник кој се однесува на “Електродистрибуција” – Гостивар, за работните места под реден бр. 2 “Раководител на сектор за технички работи” и реден бр. 23 “Раководител на служба за развој, инвестиции и документација” се менува степенот на стручна подготовка и наместо ВИИ/1 стои ВИИ/ВИ степен.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во конкретниот случај одредбата од оспорениот Правилник која го уредува степенот на стручната подготовка потребен за извршување на работните места под реден бр. 2 и 23 е поместена во делот на Систематизацијата на работните места. Всушност и целокупната содржина на оспорениот Правилник, ги уредува прашањата од работните односи и задачи на лицата вработени во ЈП “Електростопанство на Македонија”, условите кои треба да ги исполнуваат вработените за определени звања и сл.

Оттука, произлегува дека оспорениот Правилник не претставува пропис донесен од страна на ЈП во функција на остварување и реализација на дејноста од јавен интерес која ја врши, туку е интерен акт со кој се уредуваат внатрешни трудово-правни односи.

5. Во однос на барањето за запирање на извршувањето на поединечните дејствија засновани на оспорениот Правилник, Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени во член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија со оглед на тоа што одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на оспорениот Правилник.

6. Врз основа на наведените причини, Судот согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 85/99
5 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков