Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висина на надоместокот за употреба на уредено градежно земјиште (“Службен гласник на Општина Кавадарци” бр.6/97) донесена од Советот на Општина Кавадарци на седницата одржана на 29.07.1997 година.
2. Марија Манчева од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, од причини што Општината Кавадарци не била овластена да воведува даноци и други јавни давачки за финансирање на јавните потреби, ниту да ја определува нивната висина. Оттука, одлуката не била во согласност со член 33, 68 став 1 алинеја 3 и член 114 став 4 од Уставот на Република Македонија и членот 5 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93, 3/94 и 71/96).
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се предвидува обврска за непосредните корисници да плаќаат надоместок за користење на градежно земјиште. Со членот 5 од Одлуката е предвидено придонесот за користење на градежно земјиште да се плаќа по единица површина (м2) посебно за градежно земјиште, а посебно за изграден користен простор.
Придонесот за користење на градежно земјиште се утврдува диференцирано по зони во зависност од погодностите кои градежното земјиште им ги дава на корисниците (член 6).
Во членот 8 од Одлуката, одделно во 5 точки е утврдена висината на придонесот (надоместокот), и тоа како процентуално учество од утврдената вредност на данокот на имот:
И. За користење на градежно земјиште што припаѓа на станбени објекти во висина од 0,020%.
ИИ. За користење на изграден станбен, помошен и гаражен простор и викендички во висина од 0,30%.
ИИИ. За користење изграден деловен простор во висина од 0,060%.
ИВ. Користење на изграден деловен магацински и индустриски и административен простор – по ден/м2 годишно, и
В. За користење на градежно земјиште што припаѓа на деловен магацински, индустриски и административен простор – по ден/м2 годишно.
Пресметувањето на придонесот го врши Управата за јавни приходи – Одделение Кавадарци со посебно решение, против кое корисникот има право на жалба до Министерството за финансии.
4. Согласно член 17 став 1 точка 4, 5 и 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95 и 60/95) единиците на локалната самоуправа самостојно ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште, утврдуваат зони и собираат земјишна такса и вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје. При тоа, вршењето на овие работи се остварува во согласност со закон.
Со член 3 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 37/80, 18/89, 21/91, 71/96 и 18/99) е предвидено општините и градот Скопје да ги уредуваат работите што се однесуваат на уредувањето и употребата на градежното земјиште.
Согласно член 44 од Законот, Собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Со својата одлука, општината ги уредува висината, роковите на плаќање и начинот на пресметување на надоместокот. Надоместокот за употреба на уредено градежно земјиште се плаќа по единица површина посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор (член 45 од Законот). Висината на надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населбата или населеното место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалност на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште ) – член 48 од Законот за градежно земјиште. Со Законот е утврдена и намената на остварените средства од надоместокот. Имено, согласно член 46 овие средства се користат за финансирање на изградбата на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежното земјиште.
Според член 114 став 4 од Уставот на Република Македонија, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Согласно член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.
Со член 33 од Уставот, исто така е предвидена обврска за граѓаните да плаќаат данок и други јавни давачки и да учествуваат во намирувњето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Од содржината на наведените уставни и законски одредби според мислењето на Судот недвосмислено произлегува дека обврската за плаќање јавна давачка, а во тие рамки и надоместок за употреба на градежно земјиште е утврдена со закон. Општината меѓу другото се финансира и од сопствени извори на приходи определени со закон, а во тие рамки спаѓа и надоместокот за употреба на градежно земјиште кој произлегува од Законот за градежно земјиште.
Со оспорената одлука е предвидена обврска за непосредните корисници да плаќаат надоместок за користење на градежно земјиште (член 1) кој се утврдува во зависност од погодностите кои ги нуди земјиштето (степен на изграденост и опредменост со комунална инфраструктура – член 6). Придонесот се плаќа по единица површина (м2) посебно за градежно земјиште, а посебно за изграден користен простор. Средствата остварени со наплатата на овој надоместок се приход на Општината и се користат за намена утврдена со Законот – за финансирање на изградба и одржување на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежно земјиште.
Во членот 8 од Одлуката само е специфицирана висината на надоместокот изразувајќи ја како процентуално учество во утврдената вредност на данокот на имот зависно од видот и намената на градежното земјиште.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр. 34/99
28 април 1999 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков