Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28, 51 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Бекиров Сали од Скопје за заштита на избирачкото право повредено со дејствие на Советот на Општина “Шуто Оризари”.
2. Бекиров Сали од Скопје на 17.02.1999 година на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на избирачкото право кое му било повредено од страна на Советот на Општина “Шуто Оризари” кога на седницата на Советот од 16.11.1998 година било констатирано дека му престанала функцијата советник во Советот поради престанување на неговото членство во Демократската прогресивна партија на Ромите и бил спречен да учествува во работата на Советот. Смета дека констатацијата на престанокот на неговата функција и спречувањето на учеството во работата на Советот биле спротивни на Законот за локалната самоуправа кој престанокот на членството во политичка партија не го предвидува како основ за престанување на мандатот и за замена со друг кандидат од пропорционалната листа.
3. На седницата Судот утврди дека од денот на преземањето на дејствието со кое подносителот на иницијативата смета дека му е повредено избирачкото право, до денот на поднесување на барањето поминале три месеци.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита пред Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Со оглед на тоа што барањето на Бекиров Сали е поднесено подоцна од 2 месеца од денот на преземањето на дејствието на Советот на Општина “Шуто Оризари” односно од денот на дознавањето за неговото преземање, Судот утврди дека не се исполнети условите за постапување по него и одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јова Проевски, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.38/1999
28 април 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков