Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и члено 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95 и 20/98).
2. Грозде Каранфиловски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата на член 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба бил утврден јавен интерес за експропријација на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа само во случаите на целосна реализација (100%) на урбанистичките планови. Меѓутоа, со урбанистичките планови се создавале состојби кога за нивна реализација требало да се одземат делови од површините на градежното земјиште од приватни сопственици за дооформување на приватни градежни парцели стекнати врз основа на признавање на предимствено право на градба согласно член 18 од Законот за градежното земјиште со што било оневозможена реализацијата на урбанистичките планови.
Со Законот за градежното земјиште работите на уредувањето и употребата на градежното земјиште биле утврдени како дејност од јавен интерес, од што произлегувало дека експропријација можело да се врши и за дооформување на приватни градежни парцели во корист на приватни лица. Ако оспорената одредба на член 2 од Законот за експропријација не кореспондирала односно не била усогласена со означената одредба од Законот за градежното земјиште, практично не била можна експропријација во корист на приватни лица, ниту реализација на урбанистичките планови кои претставувале јавен интерес, поради што не била во согласност со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од Законот за експропријација јавен интерес утврден со овој закон е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредување на животната средина и на природата со изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите на планирање на просторот што таксативно се наброени објектите што се од јавен интерес (изградба на: железнички пруги, патишта, мостови, аеродроми и придружни објекти и постројки; централи за производство на електрична енергија, објекти, постројки и водови што се наменети за пренос и дистрибуција на таа енергија; објекти и постројки за поштенски, телефонски и телеграфски сообраќај, постројки за радио и телевизиски врски и информациони системи; објекти за одбраната и цивилната заштита; гранични премини; објекти и постројки за истражување и експлоатација на рудни и други природни богатства; водостопански објекти и постројки; улици, плоштади, паркинг плацеви, паркови и скверови; депонии, пречистителни станици и други објекти за заштита на природата и животната средина; гасоводи, навтоводи и други водови; водовод, канализација, топлификација, гробишта и други комунални објекти; објекти за образованието, воспитанието, науката, културата, здравството, социјалната заштита и спортот кога дејноста се врши како јавна служба; населби при големи природни непогоди (земјотреси, поплава, пожари и лизгање на земјиште) и преселување на населби (потопување, еколошки причини и изградба на комплексни објекти); објекти за дипломатско-конзуларни претставништа и амбасадорски комплекси или резиденции, меѓународни организации и меѓународни претставништва; и службени објекти за државни органи.
4. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира сопственоста и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 1 од Законот за експропријација со овој закон се уредува експропријацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижности) заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес, утврдување на јавниот интерес и определувањето на праведниот надомест за експроприраните недвижности.
Во членот 2 Законот го уредил прашањето што претставува јавен интерес во смисла на овој закон, а тоа е уредувањето, рационалното користење и хуманизација на просторот и заштитата и унапредување на животната средина и на природата со изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот со прецизно определување на објектите. При тоа изградбата на станбени објекти, ниту кога е во прашање изградба на цели станбени комплекси, ниту кога е во прашање изградба на индивидуални станбени згради, не ја предвидел како основ за постоење на јавен интерес за експропријација. Не е спорно дека јавен интерес со овој закон покрај другото се остварува со изградба на објекти изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот, но Законот прецизно ги определил и објектите и при тоа не допушта со актите за планирање да се утврди јавен интерес за изградба на објекти. Од друга страна, Законот допушта јавен интерес за изградба на објекти и за изведување на други работи да може да се утврди и со друг закон, а за експропријација на недвижности од особено културно и историско значење определени со закон се врши под услови и начин утврдени со посебен закон.
Тргнувајќи од уставната определба дека сопственоста може да се одземе или ограничи само кога за тоа постои јавен интерес кој мора да биде утврден со закон, не е допуштено јавниот интерес за експропријација да се утврдува со некој друг акт, во случајов со урбанистичките планови кои според Законот за просторното и урбанистичкото планирање ги донесуваат општините, односно градот Скопје.
Исто така, тргнувајќи од уставната определба Законот за експропријација, во членот 2 го утврдил јавниот интерес, при што, ниту изградбата на станбено-деловни комплекси, ниту индивидуалната станбена изградба не ја предвидел како основ за постоење јавен интерес за експропријација.
Според член 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89, 21/91 и “Службен весник на РМ” бр.18/99), со овој закон се уредуваат условите и постапката за определување, доделување, користење и правата врз градежното земјиште. Под користење на градежното земјиште во смисла на овој закон, се подразбира уредувањето и употребата на градежното земјиште.
Во член 2 на овој закон е предвидено дека градежното земјиште во смисла на овој закон е изградено и неизградено земјиште планирано за градење со просторните и урбанистичките планови и актите што ги заменуваат тие планови, а според членот 3, општините, односно градот Скопје ги уредуваат работите што се однесуваат на уредувањето и употребата на градежното земјиште.
Според членот 4, исто од овој закон, уредувањето и употребата на градежното земјиште е од јавен интерес.
Не е спорно дека, тргнувајќи од значењето на материјата за уредување и употреба на градежното земјиште за животот и работата во градовите и другите населени места со тоа и изработувањето и донесувањето на урбанистичките планови, законодавецот ги утврдува овие дејности од јавен интерес, оставајќи можност овие односи да се уредат во општината односно градот Скопје. Меѓутоа, Законот ја определил и содржината на уредувањето и употребата на градежното земјиште и тоа се: условите и постапката за определување на градежното земјиште, доделувањето, користењето и правата врз градежното земјиште. Во тој контекст, со определувањето на градежното земјиште поранешниот сопственик на таквото земјиште не се лишува од сите права врз него. Во оваа смисла поранешниот сопственик на неизграденото градежно земјиште има предимствено право на користење на тоа земјиште, согласно со намените утврдени со урбанистичкиот план (член 17 од Законот). При тоа, ниту овој закон, ниту Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање не предвидуваат оформувањето на катастарските парцели да се смета како јавен интерес, уште помалку дека може со урбанистичките планови како акти на општините и градот Скопје да се утврдува постоење на јавен интерес и врз основа на тоа да се врши експропријација на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа.
Тргнувајќи од уставната определба дека сопственоста може да се одземе или ограничи само кога за тоа постои јавен интерес кој мора да биде утврден со закон, а работа е на државата преку законодавната политика да ги утврди објектите со чија изградба и изведување на работите се остварува тој интерес, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за експропријација со член 30 од Уставот.
Во поглед на барањето со иницијативата дека оспорената одредба не е во согласност со Законот за градежното земјиште и Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Судот утврди дека овој суд, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за меѓусебната усогласеност на законите.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.15/99
28 април 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков