Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
а) член 10 став 4 од Законот за употребата на македонскиот јазик (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/98);
б) член 14 став 6 од Правилникот за полагање лекторски испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/98 и 45/98); и
в) Деловникот за работа на Советот за македонски јазик, донесен на 12 февруари 1999 година.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на:
а) член 7 став 1, 2 и 3 и член 15 од Законот за употребата на македонскиот јазик (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/98); и
б) член 14 став 4 од Правилникот за полагање лекторски испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/98 и 45/98).
3. Нада Галевска и други од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Член 7 став 1 се оспорува затоа што со обврската за лекторирање на речиси сите документи не само од работата на државната власт и локалната самоуправа, туку и на трговските друштва и физичките лица, законодавецот завлегувал во нивната самостојност и независност и поставувал претпоставка дека никој, па ни високообразовните лица, не го познаваат македонскиот јазик.
Член 7 став 2 и 3, член 10 став 4 и член 15 од Законот, како и член 14 став 4 и 6 од Правилникот се оспоруваат затоа што со нив се повредувало уставното загарантирано право на работа од член 32 од Уставот. Имено со пропишувањето на условите за стекнување право на лекторирање, кои, барем во поглед на испитот за лектор, не се совпаѓаат со условите што порано важеле во одделните организации што вработувале лектори, се повредувале стекнатите права на граѓаните, па дури и правото на работа. Се смета дека со непредвидувањето на долгогодишното искуство на постојните лектори како доволен услов за продолжување со нивната работа од една страна, и признавањето на правото на лекторска работа на лица со одредено образование или со особен придонес во областа на македонскиот јазик кои воопшто не лекторирале текстови, од друга, се создава дискриминација односно граѓаните се доведувале во нееднаква положба. Посебно се приговара на член 10 став 4 од Законот во кој нема ниту критериуми за определување на придонесот во областа на македонскиот јазик, туку тоа е оставено на дискреција на Советот за македонски јазик.
Деловникот се оспорува затоа што се смета дека условите за стекнување право на лекторирање без положен испит се неуставни и незаконити.
Конечно се бара Судот да го запре извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на член 15 од Законот до донесување конечна одлука.
4. На седницата Судот утврди:
а) Во член 7 став 1 од Законот е предвидено дека службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од член 5 став 1 на овој закон (во кој се утврдува дека македонскиот јазик се употребува во трговските друштва, на упатства за производи, фактури, титлувањето итн.)што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик.
Според став 2 на овој член лекторирањето може да го врши лице со завршени студии на Филолошкиот факултет – група македонски јазик и положен испит за лектор, како и лице со високо образование за македонски јазик со програма соодветна по обем и содржина на Програмата за групата македонски јазик и положен испит за лектор согласно со овој закон.
Во став 3 на член 7 од Законот е предвидено дека лекторирање без полагање испит за лектор може да врши и лице со научно звање доктор на науки во областа на македонистиката.
Според оспорениот член 10 став 4 од Законот, по исклучок од член 7 став 2 од овој закон, лекторирање и без полагање испит за лектор можат да вршат и поединци со особен придонес во областа на македонскиот јазик, што го определува Советот за македонски јазик. Инаку, Советот за македонски јазик е основан со овој закон и е составен од претседател и осум членови од редот на истакнати поединци од областа на културата, науката и образованието.
Во член 15 од Законот е предвидено дека лицата кои на денот на влегувањето во сила на овој закон се распоредени на работно место “лектор” можат да продолжат да работат како лектори, доколку го положат испитот во рок од 6 месеци од денот на објавување на актите од член 10 став 3 од овој закон (правилник и програма за полагање на испитот).
б) Во член 14 став 4 од Правилникот за полагање лекторски испит е предвидено дека по лично барање, на лице со научно звање доктор на науки во областа на македонистиката, му се издава потврда за признато право на лекторирање, без положен лекторски испит, на образец бр. 2, кој е составен дел на овој правилник.
Според член 14 став 6 од Правилникот на лицата кои согласно член 10 став 4 од Законот за употреба на македонскиот јазик можат да вршат лекторирање без положен лекторски испит, на нивно барање им се издава уверение за признавање на лекторскиот испит, на образец бр. 3, кој е составен дел на овој правилник, најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесеното барање.
в) Во Деловникот за работа на Советот за македонски јазик, донесен на 12.02.1999 година се утврдува начинот на работа на Советот, свикувањето седници и сл, а во член 11, со кој се регулира издавањето потврда за вршење лекторски работи без полагање испит, утврдува критериуми за определување што се смета за “доктор на науки од областа на македонистиката” што како услов е утврден во член 7 став 3 од Законот. Така, за такво лице ќе се сметаат доктори на филолошки науки што имаат диплома за завршено високо образование на групата македонски јазик и докторска дисертација од соодветната област, но и докторите што имаат дипломи за завршено високо образование на други групи, а со докторат од областа на македонскиот јазик и со дејност во соодветни научни институции. Во член 12, пак, се прецизира поимот “доктор на филолошки науки” (иако такви доктори законот не категоризира), а тоа се: докторите на филолошки науки што поседуваат дипломи за завршено високо образование на групата историја на книжевностите на народите на СФРЈ односно македонска книжевност и докторска диплома од соодветната област (книжевност), како и доктори по филолошки науки со диплома за завршено високо образование на некоја друга филолошка група и со докторска диплома на конфронтативна тема (со македонски јазик).
Во член 13 се утврдени документите (список на трудови, работно искуство над 15 и 20 години и сл.) кои се поднесуваат со барањето за признавање статус на лице “со особен придонес”.
5. Според член 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 2 од Уставот секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Разгледувајќи го оспорениот член 10 став 4 од Законот и со него поврзаниот член 14 став 6 од Правилникот во контекст на означените уставни одредби, Судот оцени дека со член 10 став 4 од Законот едно стручно и општествено признание, кое неспорно може да се воспостави, се утврдува како услов за остварување на право на вработување на определено работно место, односно за вршење на определена професија, без притоа во законот да бидат утврдени условите за негово стекнување. Судот, смета дека стекнувањето на општествено-стручни признанија не мора да биде условено со законски критериуми, туку со критериуми што ги утврдуваат стручни и општествени тела, но кога тие признанија се, како во случајов, услов за остварување на определени права утврдени со закон односно услов за достапноста на определени работни места, тие критериуми треба да бидат определени со закон. Отсуството на такви критериуми во член 10 став 4 од Законот ја прават таа одредба неопределена и затоа без критериум за еднаквоста на граѓаните во поглед на исполнувањето на условот “поединец со особен придонес во областа на македонскиот јазик”. Пренесувањето на тоа овластување на Советот за македонски јазик, како советодавно и консултативно тело, всушност е пренесување на законската надлежност. Врз основа на изнесеното, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 10 став 4 од Законот и член 14 став 6 од Правилникот со член 9 став 2 и член 32 став 2 од Уставот.
6. Според член 52 став 1 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Со оглед на тоа што во Деловникот за работа на Советот за македонски јазик Советот уредува и прашања по основ на јавно овластување што се однесуваат на остварување на определени права на граѓаните, и затоа има карактер на пропис, а не е објавен, пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.
7. Според член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Согласно член 47 став 3 од Уставот Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.
Судот оценува дека законодавецот е овластен, дури и обврзан, да ја обезбеди употребата на литературниот македонски јазик и неговото писмо како службен јазик и писмо во Република Македонија и за таа цел да предвидува критериуми и услови кои тоа ќе го обезбедат и дека Републиката има право, и како прашање на идентитет и како прашање на културно богатство, да презема мерки за заштита на македонскиот литературен јазик и писмо не само во службена, туку и во јавна употреба. Оттука, предвидувањето на задолжителното лекторирање од страна на лектори со положен лекторски испит е прашање на политика во сферата на заштитата на македонскиот јазик во неговата јавна употреба и сочувување на неговиот идентитет, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 7 став 1 и 2 од Законот со член 7 и член 47 од Уставот.
8. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок е владеењето на правото, а во тие рамки и правната сигурност како одделна правна вредност.
Законот за употребата на македонскиот јазик за прв пат воведува определен режим на заштита на македонскиот јазик во неговата службена, па и јавна употреба. Со овој закон се прави обид лекторската професија да се стандардизира и да се вгради како елемент на структурата која го става македонскиот јазик во службена и јавна употреба, како инструмент преку кој државата води грижа за неговото сочувување.
Според тоа, со овој закон се воведува стандард кој мора да важи од сега па натаму. Како важен елемент на тој стандард е лекторскиот испит и обврската за негово полагање, во отсуство на друг еквивалент што го признава законот, и неговото полагање е напросто исполнување на услов за вршење на лекторската работа според новиот режим. Воведувањето на нов режим, пак, го исклучува проблемот на стекнати права, туку го поставува проблемот на прилагодување кон новиот режим. Се разбира дека законодавецот можел и да го признае правото на постојните лектори да продолжат со својата работа и во новите услови, но оценката дека без полагање на лекторскиот испит нема да се обезбеди новиот стандард е исто така право на законодавецот, при определувањето на средствата со кои треба да се остварат целите на законот.
Врз основа на тоа, Судот смета дека со оспорената одредба од член 15 од Законот не се повредуваат стекнати права на граѓаните, ниту се повредува правото на работа, туку се пропишуваат услови за задржување на работните места во согласност со новиот режим, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
Од друга страна признавањето на лекторскиот испит на лицата од член 7 став 3 од Законот за иницијаторите го отвара прашањето зошто, покрај овие лица, испитот не им се признава и на лекторите со определен стаж. Уставниот суд не може да ги определува и проценува стручните услови за вршење на лекторската работа. Оттука, прашањето зошто лекторскиот испит им се признава на едни, а не на други, е прашање на фактички разлики кое го определува законодавецот, се додека не се засега во критериуми кои го исклучуваат нееднаквиот третман. Во таа смисла, Судот смета дека овие решенија не воспоставуваат нееднаквост пред законот од аспект на член 9 од Уставот, ниту ја ограничуваат достапноста на лекторската работа за сите што ги исполнуваат законските услови, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 7 став 3 од Законот и со него поврзаниот член 14 став 4 од Правилникот со Уставот.
9. Со оглед на тоа што Судот не поведе постапка за оценување уставноста на член 15 од Законот, не постојат услови за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на тој член.
10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр. 33/99
28 април 1999 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков