У.бр.76/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3, член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Весна Јовановска од Куманово за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол и социјална припадност.

2. Весна Јовановска од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол и социјална припадност. Според наводите во барањето на подносителот, врз основа на Одлуката на Владата на Република Македонија за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.3/92) и Договорот склучен помеѓу Претседателот на Република Македонија Киро Глигоров и Генерал полковник Благоја Аџиќ, од 21 февруари 1992 година, како граѓанско лице во служба во ЈНА се определила да продолжи со работа во системот на одбрана на Република Македонија, бидејќи била родена и живеела во Република Македонија.

Подносителот на барањето, инаку претходно вработена во ЈНА, била преземена/прифатена од АРМ во својство на граѓанско лице во служба во АРМ на неопределено време на работното место Управник на сервис за перење и хемиско чистење во интендантски вод во заднинска чета со Решение ВП.бр.2229 Дов.бр.91-27 од 06.05.1992 година.

Со Решение В.П.бр.2229 Дов.бр.91-27/1 од 29.05.1992 година била прераспределена на работното место Хемиски чистач во сервис за перење и хемиско чистење во интендантски вод во заднинска чета. Подоцна ова решение по право на надзор било поништено со Решение бр.2709-1 од 04.08.1992 год. со кое Јовановска Весна е отпуштена од работа, поради што, подносителот на барањето завела работен спор пред надлежниот суд во Куманово, чие тужбено барање е одбиено со правосилна пресуда.

Според подносителот на барањето, причините за донесувањето на Решението за поништување по право на надзор со кое престанал нејзиниот работен однос во АРМ лежат во одмаздата на еден мајор , вработен во ВП 2229 Куманово, кој веројатно го поттикнал дискриминаторското однесување на одредени органи при примената на определени прописи и критериуми.

Меѓу останатото во своето барање подносителот бара Судот да ги поништи пресудите на Основниот суд во Куманово, на Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд на Република Македонија во Скопје и да донесе Решение со кое ќе биде вратена на работа.

3. Судот на седницата утврди дека со оглед на тоа што подносителот на барањето се определила за продолжување на работа во системот за одбрана на РМ, се пријавила во Подрачната единица на МО во Куманово каде била запишана во список под реден бр.80, кој бил доставен до МО во Скопје каде пријавата била заведена под реден бр.20.

Со оглед на тоа што подносителот одбила да се премести во местото на преместување на единицата на ЈНА, на 30.03.1992 год., со Решение ВП бр.5552 Дов.бр.259-29 и престанала службата во ЈНА почнувајќи од 31.03.1992 год.

На 06.05.1992 год. било донесено Решение ВП бр.2229 Дов.бр.91-27 со кое подносителот е примена во ВП 2229 Куманово во својство на граѓанско лице во служба на АРМ и распоредена на работното место Управник на сервис за перење и хемиско чистење во интендантски вод во заднинска чета. Според точката 2 на ова решение, именованата се прима во служба на ден 05.04.1992 год. со претходна согласност на ВП 2803-3 Скопје.

Набргу потоа, на 29.05.1992 год. било донесено Решение ВП 2229 Дов.бр.91-27/1, со кое Јовановска Весна се прераспоредува на работното место Хемиски чистач во сервис за перење и хемиско чистење во интендантски вод во заднинска чета, при што во точката 2 повторно е наведено дека именовата се прима во служба на ден 01.04.1992 год., со претходна согласност на истата ВП 2803-3 Скопје (која според подносителот е на Управата за организациско-мобилизациски и кадровско-персонални работи на ГШ на АРМ).

Со Решение ВП 2803 бр.2703-1 од 04.08.1992 год. било поништено по право на надзор решението од 29.05.1992 год. со кое подносителот е примена на служба во АРМ, со образложение дека приемот бил извршен без претходна согласност на ВП-2803 Скопје како било регулирано со членот 3 став 2 од Наредбата за одредување на надлежностите и овластувањата на старешините по прашањата од областа на кадровската и персоналната проблематика во Армијата Дов.бр.13-140/1 од 08.04.1992 год., донесена од Министерот за одбрана на РМ, според која “Согласност за прием на граѓанските лица во единиците и установите на АРМ во ранг на полк-бригада и повисок ранг дава Управата за организациско-мобилизациски и кадровско-персонални работи на ГШ на АРМ”. Против ова решение подносителот поднела тужба до Општинскиот суд во Куманово, кој со пресуда ИВ.П.бр.1527/93 од 15.06.1994 год. го одбил тужбеното барање на подносителот да биде вратена на работа како неосновано.

Постапувајќи по жалба, Окружниот суд во Скопје како второстепен суд со пресуда ГЖ.бр.4689/94 од 23.11.1994 год. ја потврдил првостепената пресуда на Општинскиот суд во Куманово и жалбата ја одбил како неоснована.

Постапувајќи по ревизија, Врховниот суд на РМ во Скопје со пресуда Рев.бр.359/95 од 29.02.1996 год. истата ја одбил како неоснована

Непосредно потоа, подносителот поднела предлог за повторување на постапката, кој Основниот суд во Куманово со Решение ИВ П.бр.1527/93 од 23.12.1996 год. го одбил. Апелациониот суд во Скопје со Решение Гж.бр.6456/98 од 17.12.1998 год. ја одбил поднесената жалба и го потврдил горенаведеното решение.

Со утврдителна пресуда ИВ П.бр.09-1392/96 од 19.12.1996 год. Основниот суд во Куманово го уважил тужбеното барање на подносителот за утврдување на работно ангажирање на граѓанско лице во АРМ.

Основниот суд во Куманово со Пресуда ИВ П.бр.1392/92 од 27.01.1998 год. го одбил тужбеното барање на подносителот со образложение дека поднесената тужба само привидно се однесувала на донесување утврдителна пресуда за утврдување работно ангажирање, туку фактички со неа се барало враќање на подносителот на работа (работен спор), што претставува рес јудицата.

Оваа пресуда подносителот ја обжалил пред Апелациониот суд во Скопје кој со Решение Гж.бр.2804/98 од 13.07.1998 год. жалбата ја отфрлил како ненавремена.

4. Согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на РМ, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, меѓу другото и на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.70/92), е предвидено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено некое право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од означената одредба од Деловникот произлегува дека основ за постапување на Судот во постапката за заштита на слободите и правата претставуваат конечните, односно правосилните поединечни акти со кои е сторена повредата, како и дека се определени рокови во кои граѓанинот може да бара заштита на слободите и правата.

Тргнувајќи од ваквата деловничка определба, во конкрентиот случај Уставниот суд може да води постапка за заштита на слободите и правата сторени со пресудата на Апелациониот суд Скопје Гж.бр.4689/94. Меѓутоа пресудата е донесена на 23.11.1994 година, а Врховниот суд по поднесеното барање за ревизија на оваа пресуда одлучувал на 29.02.1996 година од што несомнено произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата сторени во пресудата на Апелациониот суд на Уставниот суд му е доставено по протекот на 2 месеци од нејзиното доставување на подносителот. Според тоа, не постојат процесни претпоставки за постапување на Уставниот суд по барањето за заштита на слободите и правата по оваа пресуда.

Поаѓајќи од фактот дека ревизијата претставува вонреден правен лек и дека таа е дозволена против пресуда донесена во втор степен, според мислењето на Судот, пресудата донесена по барањето за ревизија на пресудата на второстепениот суд, согласно означена одредба од Деловникот не може да биде основ за постапување на Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата.

Со оглед на тоа што Судот утврди дека подносителот на барањето, барањето за заштита на слободите и правата го доставила на овој суд по протекот на рокот од два месеца по добивањето на пресудата на Апелациониот суд во Скопје, а пресудата на Врховниот суд не може да биде основ за постапување на Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека постојат процесни пречки да одлучува по барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.76/1999
28 април 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков