30/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 76 став 1 од Законот за културата (“Службен весник на РМ” бр.31/98).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија.

3. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 76 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи оспорената одредба не била во согласност со членот 32 став 1 и 2 од Уставот. Пропишувањето на нееднакви услови и критериуми кои би биле различни за граѓаните и работните луѓе во местото на вработување во конкретниот случај во национална установа во областа на културата, како што предвидувал членот 76 став 1 од Законот за културата, кои важеле за граѓаните и работните луѓе надвор од тоа место, било спротивно со одредбите на Уставот според кој вработувањето било слободно и со тоа граѓаните се доведувале во нерамноправна положба. Имено, национални установи имало во сите сфери, и во сите нив се барало стручност и оспособеност, но условите и критериумите биле различни од оние што ги предвидувал Законот за културата како специјален закон, со што вработените во националните установи од областа на културата биле доведени во нерамноправна и нееднаква положба со останатите вработени во националните установи од другите дејности.

Склучувањето на договор за работа на определено време, всушност значело дека се извршуваат работни задачи кои ќе траат определено време, односно во случајот до 3 години. Се поставувало прашањето, дали националните установи во културата се институции од привремен карактер, а вработувањата на определено време да се третираат како привремена работа која се јавувала од време на време, што не одговарало на фактичката состојба. Склучувањето на договор за вработување на определено време до 3 години со Законот за културата добивало карактер на посебни услови со што се лимитирало правото на заинтересираните граѓани да конкурираат за овие работни места заради правната и егзистенцијалната несигурност. Особено во незавидна, дури и безизлезна ситуација ќе се најделе моментно вработените во националните установи, кои своевремено засновале работен однос на неопределено време, а со одредбите од споменатиот член од Законот за културата биле ставени во положба да се плашат за својот статус и работни места. Со практичното применување на членот 76 од овој Закон, вработените во националните установи од областа на културата, би ја изгубиле социјалната сигурност и социјално би биле обесправени што било во спротивност со уставната гаранција што во оваа смисла ја дава член 35 став 1 од Уставот. Исто така, ставањето на вработените во националните установи од областа на културата во одредена, специфична положба во процесот на вработувањето и нивното дискриминирање да не можат да се вработуваат на неопределено време, директно било во контрадикторност и се косело со прокламираното начело на еднаквост, инкорпорирано во член 9 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 76 став 1 од Законот за културата, работен однос во национална установа за вршење уметничка односно стручна работа се заснова со склучување договор за работа меѓу работникот и директорот на установата за период до три години, по предлог и во согласност со уметничкиот односно програмскиот директор.

5. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Членот 7 став 1 од Законот за работните односи, определува дека работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.

Според член 14 од овој закон, работен однос се заснова со склучување на договор за работа меѓу работникот и работодавецот, а според член 16, договорот за работа содржи одредби особено за: работите за кои работникот заснова работен однос; траењето на работниот однос (на определено или на неопределено време); работите на работното место кои работникот ќе ги врши и местото во кое се вршат работите; денот на стапување на работа; начинот на вршење проверка на способноста за вршење на работите на работното место ако е предвиден како посебен услов за засновање на работен однос; работното време; одморите и отсуствата; стручното оспособување и усовршување; висината на основната плата и рок на нејзината исплата и надоместоците; распоредувањето; заштитата при работа; престанокот на работниот однос и други права и обврски од работен однос во согласност со законот и колективниот договор.

Членот 22 од овој закон определува дека работен однос се заснова за време чие траење не е однапред определено (работен однос на неопределено време), а членот 23 став 1 точка 4, определува дека работен однос може да се заснова за време чие траење е однапред определено (работен однос на определено време) особено за работа на определен проект, до завршувањето на проектот.

Законот за културата, во членот 24 став 1 утврдува дека за остварување на националниот интерес во културата, можат да се основаат национални установи со закон.

Национален интерес во културата, во смисла на овој закон, е културата што е од заеднички интерес за граѓаните на Републиката и е неопходно нејзиното континуирано вршење како и достапност на сите граѓани под еднакви услови (член 8 став 1).

Средства за остварување на националниот интерес во културата, се обезбедуваат од републичкиот буџет преку Министерството за култура и се распределуваат согласно со овој закон (член 62 став 1).

Националните установи до Министерството за култура доставуваат предлог на годишна програма за работа, кој главно се изразува преку проекти за вршење одделни работи во дејноста на установата, согласно со закон и актот за основање на установата. Во предлогот на програмата посебно се изразени средствата потребни за материјални трошоци и плати.

Според член 71 од овој закон, прописите за работни односи, за здравствено, за пензиско и инвалидско осигурување соодветно се применуваат на работниците во областа на културата, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Согласно член 78 од овој закон, работниот однос од членот 76 став 1 на овој закон за определени работни места, утврдени со акт на установата, се заснова по пат на аудиција за уметничка работа односно рецензија за стручна работа. Со актот се определуваат и условите за реаудиција односно реизбор.

Врз основа на наведените уставни и законски одредби произлегува дека секој има право на работа и слободен избор на вработување и дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Законот за работните односи зборува за два вида вработување и тоа: засновање на работен однос на неопределено време и можност да се заснова работен однос на определено време.

Законот за културата определил дека прописите за работни односи, соодветно се применуваат на работниците во областа на културата, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Тргнувајќи од специфичноста на работите во областа на културата, законската определба за засновање работен однос на определено време во националните установи, се темели врз потребата од одржување и унапредување на стручниот и уметничкиот потенцијал на вработените, со претходна проверка на способностите за вршење на работите – аудиција за уметничка работа односно рецензија за стручна работа.

Националните установи ја обавуваат својата дејност врз основа на годишна програма за работа со која конкурираат за средства од републичкиот буџет. Во зависност од прифатените проекти во програмата се добиваат и средства за нивна реализација, а од тоа зависи и потребата од стручен и уметнички кадар.

Оспорениот член 76 став 1 од Законот, односно законското решение дека работен однос во национална установа се заснова на определено време до три години, не ги прави граѓаните на Република Македонија нееднакви, бидејќи сите заинтересирани лица за засновање работен однос во национална установа, под еднакви услови, имаат право да конкурираат, однапред знаејќи дека работниот однос се заснова на определено време.

Инаку, правото на работа и достапноста на секое работно место под еднакви услови за секого, утврдени со Уставот не подразбира засновање на работен однос еднаш за секогаш, што значи дека нема апсолутна социјална сигурност. Од природата на работата на секое работно место зависи дали работниот однос ќе се заснова на определено или на неопределено време при што и работниот однос заснован на неопределено време може да престане под услови предвидени со закон.

Во конкретниот случај работниот однос во националните установи, со закон се определува на определено време до три години (што значи дека може и за покусо време) во зависност од траењето на соодветниот проект што го остварува националната установа и во врска со неговата реализација потребата од уметнички и стручен кадар.

Во врска со прашањето за правната и социјалната сигурност на вработените во националните установи кои засновале работен однос на неопределено време, Судот смета дека членот 76 став 1 нема повратно дејство бидејќи решенијата од овој член се применуваат од денот на влегувањето во сила на Законот и по таа логика се однесува само на нововработените. Статусот на вработените кои засновале работен однос на неопределено време во национална установа ќе се решава согласно општите прописи за работни односи.

Имено во преодните и завршните одредби од Закионот за културата е утврдено дека Собранието на Република Македонија со закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на националната програма, определува на кои организации им ги презема основачките права и ги утврдува како национални установи (член 95).

Распоредувањето на работниците во национална установа се врши во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на актот за организација на работата и актот за систематизација на работните места. На работниците во националните установи кои нема да бидат распоредени им престанува работниот однос во согласност со одредбите од прописите за работните односи што се однесуваат на престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени (член 102).

Што се однесува до тврдењето во иницијативата дека постојат и други национални установи определени со други закони и дека оспорениот член ги доведува во нееднаква положба вработените во националните установи од областа на културата, со вработените во националните установи од други дејности (не се наведува кои се тие) Уставниот суд нема надлежност да ја оценува нивната меѓусебна согласност.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 30/99
7 април 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков