У.бр.43/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 51 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување, прекршени со Решение за престанок на работен однос во Кожарскиот комбинат “Годел” Скопје бр.04-8178 од 25 септември 1996 година, а потврдено со Одлука на Управниот одбор на комбинатот бр.0202-8787 од 16 октомври 1996 година.

2. Воислав Игнат Стојковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување прекршени со актите означени во точката 1 од ова решение. Подносителот на барањето наведува дека со Решението бр.04-8178 од 25 септември 1996 година му престанал работниот однос затоа што во броевите 55 и 56 на неделникот “Фокус” дал изјава за негативното работење на генералниот директор на комбинатот, од кое целиот комбинат трпел штети.

Со ваквото решение не само што му било ускратено уставното право на слободно изразување на мислата како граѓанин и како акционер на комбинатот, кој секако дека живо е заинтересиран за правилно работење на истиот, туку повредено му било и законското право додека бил на боледување да не може да му биде престанат работниот однос. Во “Фокус” кажал за сите незаконски зделки на комбинатот, со кои директно бил оштетен комбинатот и тоа само еден мал дел од таквите противзаконски и штетни зделки за комбинатот, направени од генералниот директор и неговите најблиски соработници. Изјавата што ја дал во “Фокус” била последно средство за негово укажување на незаконитото работење, бидејќи во комбинатот последните две години бил просто во “притвор” во неговата канцеларија, бидејќи на вработените од страна на генералниот им било забрането да комуницираат со него. Таа изолација отишла дотаму што често бил префрлуван од едно на друго работно место. Така од помошник на генералниот директор по економски прашања, дошол до пом. раководител на погон Шивална во Македонски Брод, РЕ “Борка Левата”. Ова негово последно распоредување следувало откако ставил забелешка на завршната сметка на Комбинатот за 1995, барајќи при тоа да се достави комплетна завршна сметка со сите нејзини прилози, од кои ќе може да се види во каква состојба бил доведен комбинатот. И место да му се даде таква завршна сметка му било дадено решение за прераспоредување во шивалната во Македонски Брод.

Со пишувањето во “Фокус” сакал на јавноста да и каже што се се случува во комбинатот со единствена намера и желба некој од надлежните да преземе мерки за запирање на упропастувањето на комбинатот. Инаку, според подносителот на барањето, судската заштита сеуште не била окончена. Апелациониот суд во Скопје ја укинал првостпенеата пресуда со која му било уважено тужбеното барање со напатствија поради кои предметот не можел да заврши во блиска иднина.

3. Судот на седницата утврди дека на работникот Воислав Стојковски му престанал работниот однос поради кршење на работниот ред и дисциплина со решение бр.04-8178 од 25.09.1996 година донесено од генералниот директор на Кожарскиот комбинат “Гоце Делчев” АД Скопје.

Со одлука бр.02-02-8787 од 16.10.1996 година, донесена од Управниот одбор на Комбинатот, приговорот на работникот е одбиен како неоснован, а решението на директорот на Комбинатот е потврдено.

Во предвидениот рок, Воислав Стојковски побарал судска заштита.

Основниот суд Скопје ИИ Скопје, со пресуда ЏИЏ.П.бр. 3404/96 од 26.02.1998 година ги поништил решението на генералниот директор и одлуката на Управниот одбор. Истовремено, Судот го задолжил тужениот да го врати тужителот на работа и да го распореди на работно место кое одговара на степенот на неговата стручна подготовка. Тужбеното барање на тужителот да се задолжи тужениот да го врати тужителот на работното место помошник раководител на погон Шивална – Македонски Брод РЕ “Борка Левата”-Прилеп е одбиено како неосновано.

Апелациониот суд Скопје, одлучувајќи по жалбата на тужениот, со решение ГЖ.бр.2972/98 од 1.07.1998 година, ја уважил жалбата, пресудата на Основниот суд Скопје ИИ Скопје ја укинал и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно судење.

4. Со членот 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а со ставот 2 на овој член се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат меѓу другото и на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд е предвидено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од означената одредба на Деловникот произлегува дека основ за постапување на Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата претставуваат конечните или правосилните поединечни акти со кои е сторена повредата, како и дека се определени рокови во кои граѓанинот може да бара заштита на слободите и правата пред Уставниот суд.

Во конкретниот случај се бара заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, повредени со решението за престанок на работниот однос и со одлуката за потврдување на ова решение.

Со оглед на тоа што решението за престанок на работниот однос донесено од генералниот директор на Кожарскиот комбинат “Годел” Скопје и одлуката на Управниот одбор на Комбинатот се конечни акти, Уставниот суд може да води постапка за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата повредена со овие акти. Меѓутоа, решението за престанок на работниот однос е донесено на 25 септември 1996 година, а одлуката на Управниот одбор е донесена на 16 октомври 1996 година, од што произлегува дека барањето за заштита на слободата повредена со овие акти е доставено по протекот на два месеци од нивната конечност. Според тоа, согласно деловничките одредби, постојат процесни пречки за постапување на Уставниот суд по барањето за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што Судот одлучи барањето да го отфрли.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.43/1999
7 април 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков