У.бр.96/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за аграрната реформа и колонизација на територијата на федералната Македонија (“Службен весник на ФМ” бр.25/45); Основниот закон за постапување со експроприраните и конфискуваните шумски поседи (“Службен лист на ФНРЈ” бр.61/46); Законот за национализација на приватните стопански претпријатија (“Службен лист на ФНРЈ” бр.98/46); Законот за измени и дополнување на Законот за национализација на приватните стопански претпријатија (” Службен лист на ФНРЈ” бр.35/48); Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште (“Службен лист на ФНРЈ” бр.52/58); Законот за уредување сопственоста на земјишните поседи на сточарите кои се занимаваат со номадско сточарење, во врска со спроведувањето на аграрната реформа (“Службен весник на НРМ” бр.4/46); Законот за национализација на големите сточни поседи (“Службен весник на НРМ” бр.11/48); Основниот закон за експропријација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.28/47); Законот за експропријација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.12/57); Законот за обработувањето на необработеното земјиште (“Службен лист на ФНРЈ” бр.12/57); Законот за измени и дополнување на Законот за експропријација (“Службен ли ст на СФРЈ” бр.5/68); Уредбата за експропријација на недвижен имот (“Службен весник на НРМ” бр.11/47); Законот за заштитата на спомениците на културата и природните реткости (“Службен весник на НРМ” бр.11/48); Законот за експроприијација (“Службен весник на СРМ” бр.47/73); Законот за конфискација на имотот и за извршување на конфискацијата (“Службен лист на ФНРЈ” бр.61/46); Законот за земање воена печалба спечалена за време на непријателската окупација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.52/46); Уредбата за арондација на државните поледелски добра од општодржавно значење (” Службен лист на ФНРЈ” бр.99/46); Законот за пријавување и испитување потеклото на имотот (“Службен весник на СРМ” бр.20/74 – 24/82-пречистен текст); Законот за промет со земјишта и згради (“Службен лист на ФНР” бр.26/54, 15/65); Законот за промет со земја и згради (“Службен весник на СРМ” бр.36/75); Законот за деловните згради и деловните простории (“Службен весник на СРМ” бр.36/75).

2. Републичкото здружение за заштита на интересите на сопствениците на одземените имоти од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на поедини одредби од актите означени во точката 1 од ова решение поради тоа што биле донесувани од идеолошка или класна цел на државата заради формирање на државна односно општествена сопственост. При тоа била занемарена приватната сопственост на граѓаните бидејќи за одземените недвижни или движни имоти и права или не добивале надоместок или тој бил толку симболичен што претставувал навреда за сопствениците. Уставот на Република Македонија штитејќи ги правата и интересите на сите граѓани, го гарантирал и правото на сопственост и владение на нивните имоти, поради што во иницијативата се бара Уставниот суд на Република Македонија оспорените акти да ги прогласи за неуставни.

3. Иако во иницијативата беа оспорени поедини одредби од наведените акти, Судот ја ценеше нивната уставност во целина.

Во текот на постапката и на седницата Судот утврди дека повеќе од оспорените акти престанале да важат и тоа: Основниот закон за експропријација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.28/47) престанал да важи со член 123 од Законот за експропријација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.12/57); Законот за експропријација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.12/57 престанал да важи со Законот за експропријација (“Службен весник на СРМ” бр.47/73); Законот за обработување на необработливо земјиште (“Службен лист на ФНРЈ” бр.12/57) престанал да важи со член 104 од Законот за искористување на земјоделско земјиште (“Службен лист на ФНРЈ” бр.43/59); Законот за измени и дополнување на Законот за експропријација (“Службен лист на СФРЈ” бр.5/68) престанал да важи со Законот за експропријација (” Службен весник на СРМ” бр.47/73); Уредбата за експропријација на неадвижен имот (“Службен весник на НРМ” бр.11/47) престанала да важи со член 37 од Основниот закон за експропријација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.28/47); Законот за заштита на спомениците на културата и природните реткости (“Службен весник на НРМ” бр.11/48) престанал да важи со член 88 од Законот за заштита на природните реткости (“Службен весник на НРМ” бр.42/60) и со член 74 од Законот за заштита на спомениците на културата (“Службен весник на НРМ” бр.41/60). Овие два закони престанале да важат со Законот за заштита на спомениците на ку лтурата и со Законот за заштита на природните реткости (“Службен весник на СРМ” бр.24/73 и 41/73); Законот за експропријација (“Службен весник на СРМ” бр.47/73) престанал да важи со член 61 од Законот за експропријација (“Службен весник на СРМ” бр.46/89), – и овој Закон престанал да важи со член 52 од Законот за експропријација (“Службен весник на РМ” бр.33/95); Уредбата за арондација на државните поледелски добра од општодржавно значење (“Службен лист на ФНРЈ” бр.99/46) престанала со член 51 од Уредбата за арондација на земјиштата на селско стопанските добра и на селските работни задруги (“Службен лист на ФНРЈ” бр.50/51); Законот за пријавување и испитување потеклото на имотот (“Службен весник на СРМ” бр.20/74) со сите негови измени и дополнувања престанал да важи со член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на граѓаните (“Службен весник на СРМ” бр.46/89); Законот за деловните згради и деловните простории (“Службен весник на СРМ” бр.36/75) престанал да важи со Законот за престанување на важење на Законот за деловните згради и деловните простории (“Службен весник на СРМ” бр.18/89); Членовите 31 и 32 од Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” бр.36/75) престанале да важат со член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на РМ” бр.38/91).

Со оглед на тоа што овие оспорени акти престанале да важат, Уставниот суд оцени дека треба да ја отфрли иницијативата во делот што се однесува на нив, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија бидејќи постојат процесни пречки за одлучување на Судот.

4. Судот, исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.195/93 од 6 јуни 1994 година, ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за национализација на наемните згради и градежното земјиште, поради тоа што во моментот на преземање на сојузните прописи оспорениот закон не претставувал интегрален дел од правниот поредок на бившата СФРЈ па според тоа согласно член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија не е преземен како републички пропис односно не претставува ни дел од правниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на тоа што Судот расправал по оспорениот закон и одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, треба да ја отфрли иницијативата во делот што се однесува на овој закон.

5. Според Уставот на Република Македонија, правната заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, а членот 30 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуват од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од наведените уставни одредби јасно произлегува дека во Република Македонија се гарантира правото на сопственост и дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Неспорно е дека ниту целите ниту пак односите за чие регулирање се донесувани оспорените акти веќе не постоја т во Република Македонија, имајќи ги предвид во целина одредбите на Уставот на Република Македонија, а посебно одредбите што се однесуваат на правната заштита на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Со донесувањето на Уставот на Република Македонија како највисок правно-полити чки акт на државата се создадоа основи за воспоставување на нов политички, економски и демократски систем на Република Македонија. Создавањето на нов систем, неминовно доведува до колизија на правните прописи кои имале своја основа во регулативата на стариот систем со основите воспоставени со новиот систем. Ваквите случаи можат да се решаваат на разни начини и тоа:

новиот поредок може да утврди дека сите прописи од стариот поредок важат доколку не се изрично укинати или може да утврди дека ниеден пропис не важи доколку не е изречно потврден. Меѓутоа, може и ништо изречно да не се каже за опстанокот на старите прописи (како што е случај во нашата држава) и во тој случај останува правната практика и теорија ова прашање да го решава според општите правила за толкување на правото придржувајќи се на духот на новиот поредок.

Во конкретниот случај Законот за аграрна реформа и колонизација на територијата на Федерална Македонија (“Службен весник на ФМ” бр.25/45); Основниот закон за постапување со експроприраните и конфискуваните шумски посади (“Службен лист на ФНРЈ” бр.61/46); Законот за национализација на приватните стопански претпријатија (“Службен лист на ФНРЈ” бр.98/46); Законот за измени и дополнување на Законот за национализација на приватните стопански претпријатија (“Службен лист на ФНРЈ” бр.52/58); Законот за уредување на сопственоста на земјишните поседи на сточарите кои се занимаваат со номадско сточарење, во врска со спроведувањето на аграрната реформа (“Службен весник на НРМ” бр.4/46) ; Законот за национализација на големите сточни поседи (“Службен весник на НРМ” бр.11/48); Законот за конфискација на имотот и за извршување на конфискацијата (“Службен лист на ФНРЈ” бр.61/46); Законот за земање воена печалба спечалена за време на непријателската окупација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.52/46); и Законот за промет со земјишта и згради (” Службен лист на ФНР” бр.26/54) не се изрично укинати со други правни акти, меѓутоа Судот оцени дека тие го изгубиле уставно правниот основ за своето постоење бидејќи престанале да постојат односите за чие регулирање се донесувани така што тие ниту можат да се применуваат ниту можат да егзистираат во правниот поредок на нашата држава. Поради тоа согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија постојат процесни пречки за одлучување на Судот и Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од п ретседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.96/1997
31 март 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков