209/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 19 став 2 во делот што гласи “и со донесување на прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт и членовите 160, 161, 162, 163 и 164 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90 и 63/94).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 19 став 2 и членовите 160, 161, 162, 163 и 164 од Законот за органите на управата, затоа што тие не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 91 алинеја 2 и 5 и членовите 95 и 96 од Уставот. Според наводите од иницијативата според Уставот не е дадена можност на органите на државната управа да донесуваат прописи за извршување на закони.
Исто така, со иницијативата се бара Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените членови.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 19 став 2 од Законот е предвидено дека органите на управата во рамките на правото и должностите на Републиката ги извршуваат законите, други те прописи и општи акти на Собранието и прописите и општите акти на Владата, со непосредно применување на тие закони, прописи и општи акти , односно со обезбедување на нивното извршување со решавање во управни работи, со вршење на управен надзор и на други управни работи за кои се овластени и со донесување на прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тие се овластени со закон, друг пропис и општ акт.
Во член 160 од Законот е предвидено дека функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти на Собранието и на сојузните закони, другите сојузни прописи и општи акти за чие извршување се одговорни органите на Републиката, како и на прописите на Владата, кога за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти.
Во член 161 е предвидено дека со правилник се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти заради нивно извршување.
Со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и другите прописи и општи акти.
Со упатство се пропишува начинот на постапувањето во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти.
Во член 162 е предвидено дека функционерот кој раководи со самостојниот орган на управата, во чиј состав се наоѓа друг орган на управата, ги донесува прописите и другите општи акти на органот што е во негов состав.
Во член 163 е предвидено дека функционерот кој раководи со органот на управата може да донесува задолжителни инструкции за извршување на работите од општ интерес за Републиката кои со закон се пренесени на други органи, организации, заедници или здруженија.
Во член 164 е предвидено дека со прописите на функционерот кој раководи со органот на управата не можат за гра?аните, претпријатијата, установите и за другите организации и заедници да се установуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок во Републиката е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Според член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е преставнички орган на граѓаните и е носител на законодавната власт во Републиката. Според член 68 став 1, тоа донесува закони дава автентично толкување на законите, ги утврдува јавните давачки и в рши други работи утврдени со Устав. Владата на Република Македонија, согласно член 88 од Уставот, е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 91 од Уставот, Владата ја утврдува политиката на извршување на законите и другите пописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и донесува прописи за извршување на законите.
Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
5. Од наведените уставни одредби произлегува дека основен прицип на организацијата и вршењето на власта е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, при што вршењето на законодавната функција е право и обврска на Собранието, носител на извршната власт е Владата, а судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни.
Меѓутоа, имајќи ја предвид уставната поставеност на о рганите на државната управа чија организација и надлежност се уредува со закон кој се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници и одговорноста на органите на управата пред Владата, Судот смета дека извршната власт не е во исклучива надлежност на Владата, туку дека и органите на државната управа како дел од извршната власт можат да донесуваат пропси со кои поблиску се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, но со нив не можат да се утврдат права и обврски за граѓаните.
Притоа, прописите што ги носат органите на државната управа за извршување на законите не можат да ги надминуваат основите и рамките што се утврдени со закон.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека оспорените одредби не се во несогласност со наведените уставни одредби.
5. Во однос на барањето за изрекување на времена мерка, Судот смета дека согласно член 27 од Деловникот не се исполнети условите за изрекување на времена мерка.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.209/97
10 март 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков