Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 март 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ член 2, член 9 став 1 точките 5 и 6, член 11 став 1 во делот “на денот на влегување во сила на овој закон”, член 22 став 2, член 23, член 28 став 1 во делот “и ако со тоа не се нарушува градежната, техничката и технолошката целина на претпријатието” и став 2, член 29, член 34 став 2 во делот “и на нив не се пресметува камата” и член 38 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Здружението за заштита на интересите на сопствениците на одземените имоти – Скопје, со решение У.бр.120/98 од 23 и 24 декември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на член 2, член 9 став 1, точките 5 и 6, член 11 став 1 во делот “на денот на влегување во сила на овој закон”, член 22 став 2, член 23, член 28 став 1 во делот “и ако со тоа не се нарушува градежната, техничката и технолошката целина на претпријатието” и став 2, член 29, член 32, член 34 став 2 во делот “и на нив не се пресметува камата” и член 38 од Законот за денационализација, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 9 став 2, член 30 и член 52 став 4 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Законот за денационализација, предмет на денационализација е имотот одземен по 2 август 1944 година врз основа на следниве закони и други прописи:
1. Закон за аграрна реформа и колонизација (“Службен лист на ДФЈ” бр.64/45) и толкувањето на Законот (“Службен лист на ФНРЈ” бр.16/46), Закон за потврда и измените на Законот за аграрна реформа и колонизација (“Службен лист на ФНРЈ” бр.24/46) и Закон за аграрната реформа и колонизација на територијата на Федерална Македонија (“Службен весник на ФМ” бр.25/45, “Службен весник на НРМ” бр.11/46, 3/48, 10/49, 32/57 и “Службен весник на СРМ” бр.15/65);
2. Основен закон за постапување со експроприраните и конфискуваните шумски поседи (“Службен весник на ФНРЈ” бр.61/46) и Закон за регулирање теретите укнижени на недвижностите што преминале во сопственост на државата врз основа на Законот за аграрна реформа и колонизација и Основниот закон за постапување со експроприраните и конфискуваните шумски поседи (“Службен лист на ФНРЈ” бр.106/47);
3. Закон за национализација на приватните стопански претпријатија (“Службен лист на ФНРЈ” бр.98/46 и 35/48) и задолжителните толкувања на Законот (“Службен лист на ФНРЈ” бр.63/48 и 27/53);
4. Закон за уредување сопственоста на земјишните поседи на сточарите кои се занимаваат со номадско сточарење, во врска со спроведувањето на аграрната реформа (“Службен весник на НРМ” бр.4/46) и Закон за национализација на големите сточни поседи (“Службен весник на НРМ” бр.11/48);
5. Закон за селско-стопанскиот земјиштен фонд на општонародниот имот и за доделување земја на селско-стопанските организации (“Службен лист на ФНРЈ” бр.22/53, 52/53, 4/57 и 46/62 и “Службен лист на СФРЈ” бр.10/65) и Закон за максимумот на обработлива земја што се остава на семејни задруги и земјоделски домаќинства на подрачјето на Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.16/65);
6. Резолуција за осигурување на условите за проширување на станбениот фонд по градовите и градските општини (“Службен лист на ФНРЈ” бр.23/53), Закон за национали- зација на наемните згради и градежното земјиште (освен одредбите кои се однесуваат на градежното земјиште) (“Службен лист на ФНРЈ” бр.52/58) и задолжителните толкувања на Законот (“Службен лист на ФНРЈ” бр.24/59, 24/61 и 1/63);
7. Закон за промет со земјишта и згради (“Службен лист на ФНРЈ” бр.26/54, 19/55 и “Службен лист на СФРЈ” бр.15/65 и 53/69) и Закон за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” бр.36/75, 41/75, 10/79 и 51/88) во однос на имотот што држа- вата го одзела над дозволениот максимум и
8. Закон за деловните згради и деловните простории (“Службен весник на СРМ” бр.36/75) во однос на имотот што државата го одзела над дозволениот максимум.
Според член 9 став 1 точките 5 и 6 од Законот, не се враќа во сопственост, а се дава надомест за имот даден од државата под концесија и имот што се користи во јавно здравствените установи и установи за социјална и детска заштита и државното образование (училишта, амбуланти и болници).
Со член 11 став 1 од Законот се уредува дека право да поднесе барање за денационализација има поранешниот сопственик, односно лицата кои се негови наслед- ници на денот на влегувањето во сила на овој закон, според прописите за наследување (барател).
Според член 22 став 2 од Законот, кога се враќа во сопственост земјоделско земјиште, шуми, шумско земјиште, пасишта и утрини во состав на комплекси се стекнува право на сосопственост врз земјиштето со државата.
Со член 23 став 1 од Законот се уредува дека се враќаат во сопственост станбени згради и станови во кои не живеат носители на право на користење, како и станбени згради и станови во кои живеат носители на право на користење, а кои имаат станбена зграда или стан во сопственост, со денот на влегување во сила на овој закон, а според ставот 2 од овој член на Законот, станбени згради и станови во кои живеат носители на право на користење, а немаат станбена зграда или стан во сопственост не се враќаат во сопственост, а поранешните сопственици имаат право на надомест според одредбите на овој закон.
Според член 28 став 1 од Законот, кога не е извршена трансформација на претпријатие со општествен капитал се враќа во сопственост недвижност или друго средство за кое е поднесено барање за денационализација, ако во времето на поднесувањето на барањето претпријатието располага со нив и ако со тоа не се нарушува градежната, техничката и технолошката целина на претпријатието. Според став 2 од овој член, дали се нарушува градежната, техничката и технолошката целина на претпријатието од ставот 1 на овој член е претходно прашање кое се разрешува во посебна постапка меѓу барателот за денационализација и претпријатието, договорно или во случај на спор пред надлежен суд.
Со член 29 од Законот се уредува дека за одземен имот што се наоѓа во претпријатие под стечај, како и за имот кој се наоѓал во претпријатие на кое е спроведен стечај, на барателот му припаѓа надомест согласно со членот 31 став 2 на овој закон (односно дека надоместот ќе се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Уредбата на Владата).
Според член 34 став 2 од Законот обврзниците гласат во ДЕМ и на нив не се пресметува камата.
Според член 38 од Законот, кога надоместот се зема во обврзници од серија “Б” во тој случај надоместувањето ќе се врши во висина од 60% од утврдениот износ на надомест, но не повеќе од денарска противвредност од 100.000 ДЕМ.
5. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според став 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопстве- носта, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Уставот на Република Македонија по својата суштина и карактер е граѓански устав. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на устав- ниот поредок на Република Македонија. На овие основи, како едно од основните права на човекот и граѓанинот на кое му припаѓа челното место во сферата на економските права е правото на сопственост. Како индивидуално право, правото на сопственост ја претпоставува приватната сопственост. Содржината на правото на сопственост и неговата гаранција е јасно поставена со член 30 од Уставот. Како од овој член, така и од целината на Уставот, недвосмислено произлегува дека новиот уставен поредок и општеството што се гради на тие темели, почива и се изградува врз основите на приватната сопственост. Општествената сопственост како темел на поранешниот уставно-правен поредок, Уставот не ја предвидува, па според тоа, ниту ја заштитува, туку напротив, со Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија налага нејзино трансформирање. Имено, со член 7 алинеја 5 од Уставниот закон се определува најдоцна во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот ќе се донесе закон за начинот на трансформацијата на општествената сопственост. Со донесувањето на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште, Законот за продажба на деловните згради и деловните простории, Законот за продажба на становите во општествена сопственост, законите со кои се уредува посебната заштита на добрата од општ интере с за Републиката и други закони, се остварува процесот на трансформација на општест- вената сопственост во други облици на сопственост, главно во приватна сопственост. Во таа смисла, денационализацијата сватена како процес на враќањето во сопственост на имот, односно давање надомест за имот одземен во корист на државата, законодавецот го третира во контекст на трансформацијата односно приватизацијата на општествената сопственост, заштитувајќи ги директно или индиректно правата на поранешните сопственици, а самиот начин, услови и постапка на овој процес ги уредува со Законот за денационализација.
Со донесувањето на Уставот и неговата операционализација со законите со кои започна и се остварува процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост, а особено со донесувањето на Законот за денационализација, на поранеш- ните сопственици и нивните наследници им е признано правото на сопственост. Имено, правниот основ по кој државата беше сопственик на одземените имоти, веќе е престанат со денот на влегување во сила на Уставните амандмани на Уставот на СР Македонија од 1990 година, кога се ставени вон сила последните т.н. “присилни прописи”, односно доколку бил одземен имот подоцна тоа се смета дека е во согласност со јавниот интерес, а особено со д онесувањето на Законот за денационализација. Со овој закон, државата всушност ја исполни својата уставна обврска за признавање на правото на сопственост на поранешните сопственици.
Тргнувајќи од напред наведените уставни основи, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 2 од Законот, според која, според мислењето на Судот, селективно се приоѓа кон определување на предметот на денационализација, при што, не се опфаќаат сите прописи со кои присилно е одземен имотот, граѓаните може да ги доведе во нерамноправна положба и тоа на граѓани на кои им се враќа и на граѓани на кои не им се враќа одземениот имот. Всушност, преку таквиот приод во оценката за враќање на одземениот имот се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што Судот оцени дека член 2 од Законот не е во согласност со член 9 став 2 од Уставот.
Понатаму, тргнувајќи од истите основи, а имајќи ја предвид содржината на член 9 став 1 точките 5 и 6 од Законот, според која не се враќа во сопственост, а се дава надомест за имот даден од државата под концесија и имот што се користи во јавно здравствените установи и установи за социјална и детска заштита и државното образование (училишта, амбуланти и болници), според мислењето на Судот, ваквата определба не ја содржи потребата од претходно утврдува ње на јавен интерес, или, пак, истиот прешироко го поставува надминувајќи ги неговите димензии одредени со Уставот. Имено јавниот интерес е во тесна корелација со терминот општ интерес и претпоставува јасно определулвање на корпусот на објектите врз кои мо же да се воспостави еден таков однос. Тој интерес не може да се опфати само со еден закон, а негов ото утврдување кога се во прашање објекти, треба јасно да ги определи објектите по својата природа кои што бараат остварување на право врз таквите објекти од поширок круг правни субјекти или други корисници. Понатаму, мора јасно да се согледа поради што таквите објекти го имаат таквиот карактер. Тоа може да биде и конкретен објект, но може и да се глобализира на низа објекти или таквиот интерес да се утврди по вид. Поаѓајќи од тоа и движејки се во уставните рамки во однос на јавниот интерес, произлегува заклучок дека со определбата да не се враќа во сопственост, туку да се дава надомест за имот кој е во јавна функција без посебно утврдување на јавниот интерес, како што е во одредбите на член 9 став 1 точките 5 и 6 од Законот, се ограничува правото на сопственост, поради што Судот оцени дека овие одредби не се во согласност со член 30 од Уставот.
Исто така, тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 11 став 1 во делот “на денот на влегување во сила на овој закон”, според мислењето на Судот, на овој начин се исклучува правото на наследниците што таквото својство го добиле по влегувањето во сила на Законот , без оглед на тоа што рокот за поднесување на барањето за враќање на имотот односно плаќање на надоместот е утврден на три односно на пет години, со што се повредува правото на наследување, поради што Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со член 30 став 1 од Уставот.
Тргнувајќи од содржината на член 30 од Уставот, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 22 став 2 од Законот, според мислењето на Судот, востановувањето на категоријата сосопственост без согласност на сопственикот и без претходно утврдување на јавен интерес, можат да се ограничат правата што произлегуваат од сопственоста, а со оглед на еднаквата положба на сосопствениците во управувањето со сосопственоста да се мајоризира волјата на еден од сосопствениците, со што се намалува или губи целта за востановување на сосопственоста, поради што Судот оцени дека член 22 став 2 од Законот не е во согласност со член 30 од Уставот.
Понатаму, тргнувајќи од уставните одредби во однос на еднаквоста на граѓаните и гаранцијата на правото на сопственост, како и од содржината на оспорената одредба на член 23 од Законот, според мислењето на Судот, востановувањето на категоријата носител на право на користење во станбена зграда или стан во сопственост е ново право, со елементи на облигационен, а не стварно правен однос, без појасна одред- ливост на неговата правна природа. Имено, за да може да постои право на користење или право на закупнина претпоставка е да постои правото на сопственост. Со ново востановеното право на носител на користење на право во туѓа сопственост, како рецидив на станарското право, се изведува право на штета на правото на сопственост, при што, не се заштитува сопственоста, туку интереси на лица кои таквата сопственост ја користеле по други основи. Според тоа, одделни реални состојби кои настанале во текот на користењето на одземениот имот не можат да бидат правна основа за востановување на категорија носител на право на користење на станови во туѓа сопственост (се едно дали државна, општествена или приватна) и така востановената категорија да биде главно мерило за враќање или невраќање на таквиот имот. Таквата категорија не е и не може да претста вува јавен интерес, ниту пак, граѓаните како поранешни сопственици можат да се стават во положба нивните права да зависат и да бидат различни во зависност од тоа дали во станбените згради односно станови има “носител на право на користење”. Врз основа на тоа, со оспорената одредба на член 23 од Законот се ограничува сопственоста и правата што од неа произлегуваат, а граѓаните се ставаат во нееднаква положба, поради што Судот оцени дека таа одредба од Законот не е во согласност со член 9 став 2 и член 30 од Уставот.
Тргнувајќи од содржината на член 30 од Уставот, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот дел на став 1 и целината на став 2 на член 28 од Законот, според мислењето на Судот, давањето можност градежната, техничката и технолошката целина на претпријатието да се третира како јавен интерес за одземање односно ограничување на сопственоста, односно од таквото својство да зависи враќањето во сопственост на недвижност или друго средство, може да значи одземање и ограничување на сопственоста, поради што Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со член 30 од Уставот.
Исто така, тргнувајќи од содржината на член 30 став 3 и член 52 став 4 од Уставот, а имајќи ја предвид содржината на член 29 од Законот, според мислењето на Судот, со недавањето можност да се враќа одземен имот што се наоѓа во претпријатие под стечај, како и за имот кој се наоѓал во претпријатие на кое е спроведен стечај иако имотот не бил во сопстеност на претпријатието и неможел да влезе во стечајната маса и со непризнавањето на т.н. излачни права со друг закон, се ограничува сопственоста и се востановува повратно дејство на штета на граѓаните, поради што Судот оцени дека овој член од Законот не е во согласност со член 30 став 3 и член 52 став 4 од Уставот.
Според мислењето на Судот, поаѓајки од тоа дека каматата е споредно право на облигационен однос и таа како цена на капиталот е финансиски инструмент за остварување на главното т.е. сопственичкиот однос, таа не може да биде исклучена од тој однос. Според тоа, произлегува дека со неплаќањето на камата за издадени обврзници, уште повеке што каматата се плаќа на веке издадени обврзници односно на веке признато право на надомест, се ограничуваат правата што произлегуваат од сопственоста, а со оглед на рокот на издавање на обврзниците и нивното ефектирање, надоместот се обезвреднува и тој станува неправичен. Според тоа, тргнувајќи од содржината на член 30 од Уставот, а имајќи ја предвид содржината на член 34 став 2 во делот “и на нив не се пресметува камата”, Судот оцени дека овој дел од одредбата не е во согласност со член 30 од Уставот.
Тргнувајќи од содржината на член 9 став 2 од Уставот, а имајќи ја предвид содржината на член 38 од Законот, според мислењето на Судот, од определбата за ограничување на надоместот во проценти и неговото лимитирање на одреден износ, како што е во конкретниот случај на 100.000 ДЕМ, произлегува заклучок дека граѓаните заинтересирани за враќање на имотите се ставаат во нерамноправна положба со другите граѓани сопственици на одземените имоти на кои надоместот им се платил или ќе се плати без ограничувања, поради што Судот оцени дека оваа одредба од Законот не е во согласност со член 9 став 2 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.120/98)