Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на
– Насоките за примена на член 54-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 и 28/97), донесени од Министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, и на
– Решението за услови за градба УП.бр. ИИ -08-1201/1, донесено од Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина во Битола на 8 април 1998 година.
2. Драгица и Коле Колески од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што Насоките вршеле измена на член 54-а од Законот, со што Министерството за урбанизам излегло надвор од своите овластувања и навлегло во овластувањата на законодавниот орган, па го повредило принципот на поделба на власт, поради што Насоките не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 и со член 96 од Уставот. Оспореното решение, исто така, вршело измена на Деталниот урбанистички план за Брусничко – лавчанскиот регион И дел во Битола, при што измената е извршена во несоод ветна законска постапка, поради што Решението не било во согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.
3. Имајќи ја предвид содржината на Насоките, Судот утврди дека тие не ја менуваат одредбата од член 54-а на Законот, туку само ги повторуваат елементите на таа законска одредба заради уедначување на нејзината примена, па Насоките, со таква суштина, не можат да се сметаат за пропис кој е извор на права и обврски на граѓаните, поради што тие не се подобни за оцена од Уставниот суд. Освен тоа, Насоките не се пропис од надлежност на овој Суд и од други, формални причини (не се објавени, служат на интерна употреба …).
Судот, исто така, утврди дека оспореното решение не претставува пропис, бидејќи, во суштина, се однесува на поединечно право на граѓанин (Иван Јосифовски). Тоа, пак, што решението задира и во правата на иницијаторите не значи дека актот, од поединечен, се трансформира во општ акт односно пропис, поради што и во однос на Решението нема надлежност на овој Суд, а остварувањето на своите права и интереси иницијаторите можат да го побараат пред други надлежни државни органи.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Мил ан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 195/98)