21/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/97).

2. Крум Николовски од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот за работните односи означени во точката 1 на ова решение затоа што во ниту еден од оспорените членови не било утврдено времетраењето на јавниот оглас, како еден од начините на засновање на работен однос, па работодавците, користејќи ја оваа недореченост на Законот, рокот за пријавување на кандидатите на јавниот оглас во практиката најчесто го определувале да трае еден ден, а понекогаш и два и три дена, кој што рок, инаку, не бил доволен за прибавување на потребните документи од страна на заинтересираните кандидати кои што однапред не знаеле ниту можеле да знаат дека таков оглас ќе се распише. Од овие причини во иницијативата се бара Судот да ја преиспита уставноста на наведените членови од Законот и истите да ги укине, а со нови измени на Законот јасно да се определи траењето на јавниот оглас односно конкурс. При тоа во иницијативата не се наведува во однос на кои одредби од Уставот се оспоруваат наведените членови од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека пред изменувањата и дополнувањата на Законот за работните односи извршени во 1997 година времето на траењето на јавниот оглас беше утврдено во самиот Закон, така што според ставот 4 на дотогашниот член 9 јавниот оглас траеше осум дена.

Меѓутоа, согласно извршените изменувања и дополнувања на Законот од 1997 година, прашањето кое се однесува на времето на траењето на јавниот оглас повеќе не е предмет на уредување на Законот, но е препуштено ова време да го утврди самиот работодавец и тоа во пријавата за потребата од работник што ја поднесува до службата надлежна за посредување при вработувањето, како и во објавениот јавен оглас (член 9-б став 2), а кое решение, според мислењето на Судот, е во согласност со Уставот.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Од суштината на наведената уставна одредба произлегува дека надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста на законите се однесува во однос на содржината на самиот закон, односно Судот е надлежен да одлучува дали одделни одредби содржани во законот се во согласност со Уставот, а не и за одредби кои не се содржани во законот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот не затоа што овие одредби не се во согласност со Уставот, туку поради отсуство на одредба за која подносителот на иницијативата смета дека треба да биде содржана во Законот, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 21/99
3 март 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков