Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 19 став 1 од Законот за управните спорови (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77 и 36/77).
2. Димче Парталоски – адвокат од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидува жалба во управен спор да може да се изјави само (1) во определени предмети и (2) ако е тоа предвидено со некој закон, а не во секој случај како што определува членот 15 од Уставот за поединечните правни акти донесени во прв степен од суд, поради што членот 19 став 1 од Законот не бил во согласност со наведената уставна одредба.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената законска одредба определува против одлуката донесена во управен спор жалба да може да се изјави само ако е тоа предвидено со законот во определени предмети.
Судот, исто така, утврди дека наведената одредба од Законот порано била предмет на оцена од овој Суд. Притоа, со Решение У.бр.36/93 од 30 јуни 1993 година, одлучено е да не се поведе постапка за оценување согласноста на член 19 став 1 од Законот со член 15 од Уставот затоа што решавањето во управен спор не претставува почеток на нова постапка во која се решава во прв степен. Имено, одлуката на Врховниот суд ги нема карактеристиките на првостепен акт во смисла на член 15 од Уставот. Оттука, според мислењето на Судот, Врховниот суд на Република Македонија кога одлучува во управен спор заради обезбедување на законитоста на поединечните управни акти одлучува за еден посебен управно-судски спор за кој веќе е одлучувано во управна постапка, а сега во овој спор се обезбедува посебна контрола на законитоста на конечните акти на органите на државната управа со кои се решава за правата и обврските во поединечните управни работи.
Со оглед на тоа што законодавецот се определил Врховниот суд да одлучува во управен спор, овој орган во тоа својство обезбедува судска заштита односно контрола на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, а како највисок суд во Републиката истовремено го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.
Исто така, Судот утврди дека оспорената законска одредба била предмет на оценка и по предметот У.бр.6/98, при што, имајќи го предвид напред изнесениот став и останувајќи на него, со Решение од 11 март 1998 година ја отфрли таа иницијатива.
4. Со оглед на тоа што по оспорената законска одредба Судот веќе одлучувал од наведениот аспект и со оглед на тоа што сега нема основи за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.45/99
3 март 1999 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков