12/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на постапката за избор на член на Собранието и член на Претседателството на општинското здружение на пензионерите и трудовите инвалиди “Гази Баба” – Скопје.

2. Димче Маџаровски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со која ја оспорува постапката за избор на член на Собранието и член на претседателството на Општинското здружение на пензионерите и трудовите инвалиди затоа што со извршениот избор се повредуваат членовите 3, 11 став 3, 45, 24 став 5, 30 став 5, 41 став 2 и член 50 став 1 од Статутот на општинското здружение.

3. Според член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓаните.

Според член 112 став 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.

Од наведените одредби јасно произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија ја оценува уставноста и законитоста на статутите на здруженијата на граѓаните.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај не се оспорува статутот на здружението на пензионерите и трудовите инвалиди, туку се оспорува постапката за избор на член на собрание и претседателство на тоа здружение, Судот смета дека согласно наведените уставни одредби и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија , Судот не е надлежен да одлучува и одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.12/99
24 февруари 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков