167/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 февруари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 53 став 1, во делот “во последните два месеци”, став 2, во делот “и достави доказ дека се пријавувало на огласи кај работодавец или во Заводот”, и член 77 став 1 алинеја 15 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Владимир Вешоски од Струга и по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.167/97 од 30 декември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и со член 32 став 1 од Уставот.

Собранието на Република Македонија, како доносител на оспорените законски одредби, не достави одговор на наводите во Решението за поведување постапка.

4. На седницата Судот, по сопствена иницијатива, утврди дека членот 53 став 1 од Законот определува невработено лице да е лице кое е пријавено во Заводот, кое е способно и кое сака да работи и кое активно бара работа во последните два месеци.

Судот, исто така, по сопствена иницијатива, утврди дека членот 53 став 2 од Законот определува дека под активно барање работа од претходниот став се смета редовно пријавување на невработеното лице во Заводот во роковите утврдени со овој закон, како и доставување на доказ од негова страна дека се пријавувало на огласи кај работодавец или во Заводот.

Понатаму, Судот утврди дека со член 77 став 1 алинеја 15 од Законот се опреде- лува престанување на правото на паричен надоместок на невработеното лице ако тоа лице активно не барало работа во последниот месец. Од друга страна, Судот утврди дека работодавецот може да ја задоволи својата потреба од работник и без да ја објави таа своја потреба (член 6 од Законот), иако постојат и ситуации кога потребата од работник мора да се објави – за вработување во државни и општински органи, како и во јавни установи и јавни служби (член 103 од Законот).

5. Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа и на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според мислењето на Судот, предвидувањето (во дел од член 53 став 1 на Законот) под невработено лице да се смета лице кое активно барало работа само во последните два месеци, а не и пред тоа односно непрекинато од настанувањето на невработеноста,и во ситуација кога не мора да се објавуваат огласи од страна на работодавецот за засновање на работен однос (член 6 од Законот), всушност го доведува во прашање правото на работа утврдено во член 32 став 1 од Уставот, како и владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, предвидувањето (во дел од член 53 став 2 од Законот), невработеното лице да докажува дека се пријавувало на огласи кај работодавец или во Заводот и, со тоа, дека активно барало работа, од што зависи дали ќе биде евидентирано како невра- ботено лице, во ситуација кога не мора да се објавуваат огласи од страна на работода- вецот за засновање на работен однос, според мислењето на Судот го доведува во прашање правото на работа утврдено во член 32 став 1 од Уставот и владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, (имено, правото на работа не може да се условува со тоа невработеното лице да докажува дека се јавувало на огласи и, преку тоа, дека активно барало работа ако немало огласи, туку само ако имало огласи и ако на нив не се јавувало невработеното лице).

Освен тоа, предвидувањето (во член 77 став 1 алинеја 15 од Законот) невработе- ното лице да му престане правото на паричен надоместок за невработеност ако активно не барало работа во последниот месец и таа состојба да настанува во ситуација кога не мора да се објавуваат огласи од страна на работодавецот за засновање на работен однос, и покрај тоа што постојат ситуации кога мора да се објават огласи, според мислењето на Судот не е во согласност со наведените уставни определби. Со други зборови, ако нема огласи и, поради тоа, нема активно барање работа во последниот месец од страна на невработеното лице, не може да престане неговото право на паричен надоместок односно правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Поинаку кажано, наведеното право може да престане само ако има огласи и ако невработеното лице не се јавува на нив, па нејавувањето значи неактивност во барање работа, со што се губи својството невработено лице според член 53 став 1 од Законот, па по тој основ престанува и правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Про евски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.167/97)