189/1998-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за северна станбена зона “Баир”-Битола, донесена од Собранието на Општина Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.7/92).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за северна станбена зона “Баир”-Битола, донесена од Собранието на Општина Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.7/92).
3. Кулевски Димитар од Битола и Кулевски Божидар од Скопје , на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со Деталниот урбанистички план за северната станбена зона “Баир” во Битола (” ;Службен гласник на Општина Битола” бр.7/85), била оформена и градежна парцела КП.бр.1823/1 КО Битола на Ул. “Илинденска” бр.81, на која, врз основа на уредна урбанистичка документација, подносителите на иницијативата изградиле индивидуална станбена зграда. Меѓутоа, со оспорената одлука за измена и дополнување на Планот од 1985 година, со измените била опфатена и нивна та катастарска парцека КП.бр.1823/1 со станбениот објект на истата улица бр.82 на начин што неосновано и спротивно на со закон утврдена постапка бил дислоциран објектот и биле избиршани граничните линии помеѓу градежните парцели спротивно на урбанистичкото решение содржано во Планот од 1985 година заради што сега подносителите на иницијативата не можеле да добијат одобрение за градба на меѓусоседска ограда од Подрачната единица на Министерството за урбанизам и градежништво во Битола.
Подносителите на иницијатива наведуваат дека при изработката и донесувањето на измените и дополнувањата на Планот не учествувале на јавната расправа по нацртот на Планот затоа што немале правен интерес, немале забелешки и објектот бил веќе изграден. Меѓутоа, тие сметаат доколку од сопствениците на парцелите со кои граничеле имало забелешки надлежниот орган бил должен согласно Законот да изврши анкета односно да побара и од нив мислење за евентуалните забелешки и предлози. Понатаму, подносителите наведуваат дека во конкретниот случај не било во прашање утврден јавен интерес за изградба на објект, ниту за пробивање на улица кој би ја исклучил обврската надлежниот орган да ги информира сопствениците за предлозите и забелешките на другите сопственици. Во случајов органот едностр ано пристапил кон измените и дополнувањата на Планот со бришење и менување на воспоставените граници помеѓу парцелите и со дислоцирање на објекти кои легално биле изградени согласно Деталниот план од 1985 година.
Исто така, оспорената одлука не била во согласност со Законот затоа што не била побарана согласност од Министерството за урбанизам и градежништво.
Врз основа на изнесеното подносителите сметаат дека со оспорената одлука се повредени член 30 од Уставот на Република Македонија со кој се штитела и гарантирала сопственоста како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, членовите 19, 20, 21 и 22 од Законот за изменување и дополнување на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање како и на овој начин биле повредени и одредбите на член 17, 18, 19, 20 и 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96).
4. Судот на седницата утврди дека со Решение на Министерството за урбанизам, градежништво и екологија – Подрачна организациона единица на Општина Битола бр.12-585/2 од 31 март 1992 година била ставена на јавна расправа Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за северна станбена зона “Баир”-Битола, со излагање на Планот, во фаза на нацрт на Планот, и тоа во месните заедници “Димитар Влахов”, “Таки Даскало”, “Естреа О. Мара” и “Тодор Ангеловски”. Со истото решение е предвидено дека забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти од јавната расправа во писмена форма да и се достават на Подрачната единица, како носител на активностите за спроведување на ова решение.
Понатаму, Судот утврди дека ДОО “Завод за урбанизам и проектирање” во Битола изготвил одговор на забелешките од стручната ревизија на нацртот на Планот извршена од страна на АД во мешовита сопственост Институтот за урбанизам и архитектура “План” од Охрид.
Според тоа, од доказите кои му се доставени на увид и со кој располага Собранието на Општината Битола во врска со донесување на оспорениот план Судот утврди дека Нацртот на Планот не го утврдил Собранието на Општината и не постои извештај на надлежниот орган на управата со образложение за прифатените односно неприфатените забелешки од јавната расправа. Исто така, Судот утврди дека во постапката за донесување на оспорениот план, пред неговото донесување, не е прибавена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот, заради оцена на меѓусебната усогласеност на плановите и усогласеноста со просторните планови и со Законот.
5. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85 и 18/89), кој важел во времето на донесувањето на оспорениот план, урбанистичкиот план се изработува во две фази – нацрт на план и предлог на план, а според ставот 2 на овој член, нацртот на просторниот и урбанистичкиот план, задолжително се става на јавна расправа. Според ставот 3 исто од овој член, јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот, а според овој член, јавната расправа за урбанистички план се спроведува со излагањето на плановите најмалку 15 дена во соодветната просторија на месната заедница и забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот од став 3 на овој член во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. И според ставот 6 на овој член, врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог на планот.
Според член 32 од Законот, урбанистичкиот план, пред донесувањето се доставува до републичкиот орган на управата, надлежен за работите на урбанизмот заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон, а според неговиот член 33, органот на управата надлежен за урбанизам, му доставува на собранието на општината предлог на урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Тргнувајќи од утврдената фактичка положба по предметот, особено дека Собранието на Општина Битола не располага со докази дека го утврдил нацртот на оспорениот план, дека непостои извештај на надлежниот орган од кој ќе се види дека нацртот на Планот бил на јавна расправа и дека таков извештај со образложение за неприфатените забелешки од јавната расправа му е доставен на Собранието при усвојување на Предлогот на Одлуката, според мислењето на Судот оспорената одлука не е донесена во постапка утврдена со Законот поради што се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби.
Тоа што органот, односно Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и екологија во Битола ставило на јавна расправа нацрт на план на оспорената одлука, според мислењето на Судот не може да биде релевантно за законита одлука од причини што од ова решение не произлегува дека нацртот на оспорениот план бил утврден од Собранието и дека тоа донело заклучок за ставање на јавна расправа.
Исто така, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука и со член 32 од Законот, затоа што пред нејзиното донесување не е прибавена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот заради оцена на меѓусебната усогласеност на урбанистичките планови, како и усогласеноста со Просторниот план и одредбите на Законот.
6. Во поглед на наводите во иницијативата дека оспорената одлука не е во согласност и Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), Судот смета дека нема основ за нејзиното оценување на законитоста и од аспект на овој закон, затоа што Судот законитоста на урбанистичките планови ја оценува со законите кои важеле за време на нивното донесување.
Исто така, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот урбанистички план со член 30 од Уставот од причини што со законот е утврден постоењето на јавен интерес за донесување на плановите, а Уставот допушта одземање односно ограничување на сопственоста кога е во прашање јавен интерес утврден со закон.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.189/98)