11/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 27 ставовите 1, 2 и 5 и член 28 став 1 од Законот за Црвениот крст на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94 и 7/97).

2. Снежана Калеска Солакова и Татјана Ќурчинска Пепељугоска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 27 ставовите 1, 2 и 5 и член 28 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се утврдувало обврска за плаќање на надомест во корист на Црвениот крст без да тој врши некаква услуга за субјектите обврзници на надоместот, со што надоместот се третирал како јавна давачка, што не било во согласност со член 33 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 27 став 1 од Законот за Црвениот крст на Република Македонија, во корист на Црвениот крст се плаќаат надоместоци и тоа:

– 3% за влезницата за културно-забавни манифестации, (концерти и фестивали) од локален, државен и меѓународен карактер, клубови (диско, барови и казино), циркуски и акробатски претстави и саемски (државен и меѓународни) манифестации, за кои се наплатува влезница, освен за театарски претстави, изложби на слики, скулптури и други претстави и приредби, што ги организираат ученици и студенти во кругот на училиштата и факултетите;

– 3% на секоја изнајмена видеокасета и носачи на звук;
– 3% на секоја влезница за спортски натпревари и
– 0,5% од регистрацијата на моторни возила.

Со став 2 од овој член на Законот се уредува дека основица за плаќање на надоместокот е цената на влезницата, односно цената на изнајмување накасети, односно носачи на звук, а според став 5 од овој член на Законот, во однос на наплатата, уплатата, контролата и казните за надоместоците од овој член се применуваат одредбите од Законот за данокот на промет на производи и услуги.

Според член 28 став 1 од Законот, во текот на традиционалните акции и манифестации: “Недела на борба против ракот”, “Недела на Црвениот крст”, “Недела на солидарноста”, “Недела на борба против сидата” и “Недела на борба против градните болести и туберколозата”, во полза на Црвениот крст се плаќа надоместок:

– 5% на цената на секој продаден билет во внатрешниот и меѓународен железнички, автобуски, авионски и езерски сообраќај и

– 50% од номиналната вредност на поштенската марка за писма до 20 грама на секоја поштенска пратка во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, освен пратките за книги, весници и списанија.

4. Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Со Законот за Црвениот крст на Република Македонија, Црвениот крст се определува како доброволна, масовна, самостојна и независна хуманитарна организација на граѓаните на Република Македонија и таа е навладина и вонпартиска организација. Според член 2 став 3 од овој закон, Црвениот крст остварува определени хуманитарни цели и задачи од областа на здравството, социјалната заштита и воспитанието, врз принципите на хуманизмот и солидарноста, а според ставот 4 од овој член на Законот, задачите од став 3 на овој член се од јавен интерес и Црвениот крст ги врши како јавни овластувања.

Според член 4 од Законот, Црвениот крст своите цели и задачи ги остварува врз основа на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единственост и универзалност, како фундаментални принципи на меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Задачите на Црвениот крст се конкретно определени со член 19 од Законот и тие се мошне обемни и значајни за државата и нејзините граѓани, а заради нивно успешно извршување, државните и други органи и организации, согласно член 21 став 2 од Законот, обезбедуваат финансиска и друга помош.

За финансирање на целите и задачите, односно за извршување на работите на Црвениот крст, со член 26 од Законот, се определуваат изворите на средствата, меѓу кои, надоместоците се еден од основните извори на средства. Со оваа, како и со другите одредби за финансирање на Црвениот крст (членовите 26 до 29 од Законот) се определуваат обврзниците, основицата, висината и намената на надоместот што се плаќа во корист на Црвениот крст.

Тргнувајки од напред наведените уставни и законски одредби, а имајки го предвид статусот и карактерот на организацијата на Црвениот крст чии задачи се од јавен интерес, според мислењето на Судот, неспорно е дека надоместот што се плаќа во корист на Црвениот крст има карактер на јавна давачка што државата ја востановува со Законот, и дека ваквата давачка може да ја утврдува само Собранието на Република Македонија, кое ги определува обврзниците, основицата, висината и нејзината намена и дека според тоа, со оспорените одредби не се воведува јавна давачка со која би се повредил член 33 од Уставот. Имено, надоместот како категорија утврдена со закон за задоволување на јавни потреби кои служат за сите членови на државата, произлегува од самиот факт на постоење на државата и ги задоволува тие потреби независно од желбата и потребите на поединците, поради што надоместот што се плаќа во корист на Црвениот крст не може да се третира како облигационен однос помеѓу доверителот и корисникот, односно помеѓу Црвениот крст и корисниците на неговите услуги, па според тоа и давачката да биде еквивалент на услугата, какво што својство му определува подносителот на иницијативата.

Врз основа на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 27 ставовите 1, 2 и 5 и член 28 став 1 од Законот за Црвениот крст на Република Македонија со член 33 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.11/99)