Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Упатството за употреба на поштенскиот број, бр.01-8438/1-70, донесено од Генералниот директор на Заедницата на Југословенските ПТТ на 30 јуни 1970 година (“ПТТ весник” бр.14/70).
2. Зоран Ангелов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од точките 9 и 9.1 на Упатството означено во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се предвидува Република Македонија да се означува со поштенски број 9 во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, што значело таа се уште да се прикажува како подрачје на поедина социјалистичка република односно автономна покраина во рамките на СФРЈ, а тоа не било во согласност со член 1 став 1 од Уставот.
3. На седницата Судот, по сопствена иницијатива, утврди дека Упатството во својата целина регулира начин на употреба на поштенскиот број на територијата на СФРЈ, а тоа од сегашниот временски момент гледано значи и на територијата на денешна Република Македонија. Понатаму, постапувајќи по иницијативата на Зоран Ангелов, Судот утврди дека според точката 9 од Упатството првата бројка на поштенскиот број, по правило, го означува подрачјето на поедина социјалистичка република односно автономна покраина. Ако на подрачјето на една социјалистичка република има повеќе од 9 поштенски центри, првата бројка од поштенскиот број означува едно од подрачјата на односната република. Освен тоа, Судот на иницијатива на граѓанинот утврди дека во точката 9.1. од Упатството се предвидува во врска со одредбата од предходната точка, првите бројки од поштенскиот број да се утврдуваат како што следи:
1,2,3,………. СР Србија со САП Војводина и САП Косово;
4,5………….. СР Хрватска;
6,……………. СР Словенија;
7,8,…………. СР Босна и Херцеговина;
8,……………. СР Црна Гора;
9,……………. СР Македонија.
Исто така, Судот по сопствена иницијатива утврди дека според точката 9.2. од Упатството, втората бројка од поштенскиот број заедно со првата (од точката 9.1.) како група на бројки означува подрачје на одреден поштенски центар на територијата на една република односно автономна покраина:
11 – Београд ПЦ
41 – Загреб ПЦ
51 – Риека ПЦ
62 – Марибор ПЦ
75 – Тузла ПЦ
97 – Битола ПЦ
Притоа, првите две бројки карактеристични за поштенските центри: Београд (11), Загреб (41), Љубљана (61), Сараево (71), Скопје (91) истовремено ги означуваат и главните поштенски центри.
4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Со оглед на тоа што Упатството ја третира Република Македонија, во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, како социјалистичка република во состав на СФРЈ, а не како суверена и самостојна држава, Судот изрази сомнение дека Упатството не е во согласност со наведената уставна одредба.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.2/99
10 февруари 1999 година
С к о п ј е
сс/-
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков