Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 165 ставовите 4 и 9 од Законот за насоченото образование (“Службен весник на СРМ” бр.16/85, 2/86, 29/86, 7/88, 18/89, 29/89, 10/90, 12/90, 29/90, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.40/91 и 14/95).
2. Виолета Шубеска – Тодоровска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 165 ставовите 4 и 9 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се ограничувало правото на преизбор на асистент најмногу на трипати по три години, ако не се здобие со научен степен доктор на науки, а доколку асистентот не биде преизбран во истото звање му престанувал работниот однос, кое законско решение било недемократско и дискриминаторско и како такво не било во согласност со член 9 став 2 и член 32 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 165 став 1 од Законот за насоченото образование, редовните профе-сори се преизбираат секоја шеста година до навршувањето на шеесет години од животот, според став 2, вонредните професори, доцентите и професорите на вишите школи се преизбираат секоја петта година, а според став 3 од овој член, вишите предавачи, предавачите и соработниците се преизбираат секоја трета година.
Според оспорениот став 4 од овој член на Законот, асистентите можат да бидат преизбрани во тоа звање трипати. Асистентите кои се здобиле со научен степен доктор на науки можат да бидат преизбрани во тоа звање неограничено.
Со став 5 од овој член на Законот се уредува дека помладите асистенти можат повторно да бидат избрани во тоа звање само еднаш, според ставот 6, при изборот и повторниот избор се применуваат одредбите на овој закон што важат за избор на наставниците и соработниците, а според став 7 од овој член, ако при изборот во повисоко звање кандидатот не биде избран, повторно се гласа за изборот во звањето во кое бил претходно избран.
Според став 8 од овој член, наставниците и соработниците можат да остваруваат воспитно – образовна работа само за времето за кое што се избрани, а според оспорениот став 9 од овој член на Законот, на наставниците, научните работници и соработниците кои не се избрани во повисоко звање, односно преизбрани во истото звање, им престанува работниот однос.
4. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, според став 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според став 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со член 139 од Законот за насоченото образование како работници во насоченото образование се определуваат: наставниците, наставно – научните работници, научните работници, воспитувачите, соработниците и другите стручни работници кои учествуваат во остварувањето во воспитно – образовната и научно – истражувачката работа во насоченото образование.
Работниците во насоченото образование, согласно член 142 став 1 од Законот, засноваат работен однос по пат на јавен кокурс. Воспитно – образовната и научноистражувачката работа во високото образование според член 151 став 1 од Законот, ја остваруваат наставници, наставно – научни работници, научни работници, соработници и стручни работници, а според став 5 од овој член на Законот, во високото образование соработниците се избираат во звањата помлад асистент, асистент и лектор.
Со одредбите на членовите 154 до 158 од Законот се определуваат условите за избор на наставници, наставно – научни и соработнички звања во високото образование, се определуваат условите што треба да ги исполнуваат кандидатите за избор во тие звања, меѓу кои за асистент може да биде избран кандидат кој има завршено магистратура и поседува способност за наставна, научна и стручна работа.
Тргнувајки од анализа на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и дека според тоа, нема уставна пречка со Законот за насоченото образование да се пропишат условите што треба да ги исполнуваат лицата кои ќе ја остваруваат воспитно-образовната и научноистражувачката работа во високото образование и да се утврди дека здобивањето со наставно-научно звање се врши по пат на избор за определено време со можност на повторен избор во истото или во повисоко звање. Притоа, според мислењето на Судот, ограничувањето на преизборот на асистент најмногу на трипати по три години и ако не се здобие со научен степен доктор на науки да му престане работниот однос, произлегува од карактерот на воспитно-образовната и научноистражувачката работа во високото образование и е во зависност од природата на работите и работните задачи, процесот и условите на вршење на оваа дејност. Според тоа, Судот оцени дека со оспорената одредба не се повредува принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, ниту пак се ограничува уставното право за достапност на секое работно место на секому под еднакви услови, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 165 ставовите 4 и 9 од Законот за насоченото образование со член 9 став 2 и член 32 од Уставот.
Исто така, Судот не најде елементи дека оспорената одредба содржи дискриминаторски однос по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба, а што се однесува до тоа дали таа содржи добро или лошо решение, не е во надлежност на Уставниот суд да се впушта во таквата оценка.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.3/99
10 февруари 1999 година
С к о п ј е
ат.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков