187/1998-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.63/94 и 63/98) во делот што гласи
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 од законот означен во точката 1 на ова решение, во делот што гласи: “ако не постои можност за свикување на Собранието”.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 3 од законот означен во точката 1 од ова решение затоа што ја овластувал Владата на Република Македонија за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, да донесува уредби со законска сила, по прашања од надлежност на Собранието, кои му ги поднесува на потврда на Собранието штом тоа ќе биде во можност да се состане, што не било согласно со член 126 од Уставот на Република Македонија кој не предвидувал обврска за потврдување на овие уредби од страна на Собранието.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 13 од Законот за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието, што му ги поднесува на, Собранието на потврда штом тоа ќе биде во можност да се состане.
5. Согласно член 126 од Уставот на Република Македонија при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата, согласно став 2 на овој член од Уставот трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Од содржината на оваа уставна одредба произлегува дека ваквото овластување на Владата да донесува уредби со законска сила е од времен карактер, односно дека истото почнува кога веќе е прогласена воената или вонредната состојба, а завршува, исто така, со нејзиното завршување, за што одлучува Собранието.
Од оваа уставна одредба, произлегува и дека ваквото овластување на Владата е условено само со постоење на воената односно вонредната состојба, но не и од неможноста Собранието да се состане.
Исто така, Уставот не предвидува обврска за Владата, по престанувањето на воената, односно вонредната состојба, уредбите со законска сила, што ги донела во време на траењето на ваквата состојба, да му ги поднесува на Собранието на потврдување.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека членот13 од Законот за Владата на Република Македонија со предвидувањето обврска за Владата да му ги поднесува на Собранието на потврда уредбите со законска сила, донесени додека траела воената или вонредната состојба, излегува надвор од рамките на членот 126 од Уствот, поради што оцени дека може да се постави прашањето за неговата уставност.

Што се однесува до прашањето за уставноста на членот 13 од Законот во делот кој донесувањето на уредби со законска сила го условува со непостоењето можност за свикување на Собранието, Судот оцени дека истиот е согласен со Уставот независно од тоа што членот 126 ваквото овластување на Владата го условува само со постоење на воена или вонредна состојба, без нагласка за неможност на состанување на Собранието.
Ова од причина што Собранието, како широко тело со побавна постапка, не е во можност да ги задоволи потребите за брзо донесување на нови правни прописи, додека Владата има предност во однос на Собранието во смисла што работи во поедноставена постапка.
Тоа што членот 126 од Уставот не ја нагласува неможноста на Собранието да се состане, според Судот, не треба да се толкува во смисла што Законот за Владата не може да предвиди поконкретна одредба во која ќе каже дека при непостоење можност Собранието да се состане, уредби со законска сила, од надлежноста на Собранието, донесува Владата.
Имено, Судот оцени дека одредбата од член 126 од Уставот треба да се гледа во контекст на одредбите од членовите 124 и 125 од Уставот кои ги регулираат прашањата за прогласувањето на воената и вонредната состојба и можноста за состанувањето на Собранието, поради што одлучи како во точката 2 на ова решение.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски д-р Сто јмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.187/98
3 февруари1999 година
С к о п ј е
сс/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков