136/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставно-ста на член 4 став 2 и член 50 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).
2. Мирослав Грчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со урбанистичките планови, низ законска процедура, се утврдува намената на просторот и објектите, и дека донесувањето на просторниот план на Републиката е во надлежност на Собранието на Републиката, а донесувањето на деталните урбанистички планови во надлежност на советот на локалната самоуправа како преставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на единиците на локалната самоуправа, што ќе рече дека планирањето е во надлежност на законодавната власт.
Оттука, со оспорениот член 4 став 2 и член 50 од Законот за домување со кои е дадена можност извршната власт, преку Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животна средина да ја менува веќе утврдената намена на просторот во урбанистичките планови, се нарушува уставното начело за владеењето на правото, како и начелото на поделбата на законодавна и извршна власт, при што основано се поставува и прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со уставното начело на просторно и урбанистичко планирање како една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката.
3. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 2 од Законот, стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија може да се пренамени за вршење на деловна дејност под услови и начин утврдени со закон.
Според член 50 од Законот стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност на барање на сопственикот на станот ако не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, не се нанесува штета на зградата и не се оневозможуваат другите корисници во мирно користење на становите, по претходна согласност на сопствениците на сите станови на зградата, односно на влезот на зградата.
Одобрението за пренамена го издава Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 10 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Членот 1 од Законот за домување утврдува дека со овој закон се уредуваат односите во домувањето, начинот и условите за давање на становите под закуп, правата и обврските на сопствениците и корисниците на становите и одржувањето на станбените згради.
Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни поими употребени во законот. Имено, стан е вкупноста на просториите наменети за домување што сочинуваат функционална градежна целина и имаат одделен влез. Помошни станбени простории се простории што припаѓаат на станот (подруми, гаражи) и други помошни простории и се наоѓаат во или надвор од станбената зграда во која се наоѓа станот. Заеднички простории во станбена зграда се скали, ходници, тавани, пералници, сушалници, заеднички подруми, засолништа, простории за домарска служба, простории за куќен совет, простории за отпадоци и други простории кои служат за зградата како целина.
Во општите одредби на овој закон е допуштена можност стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија да се пренамени за вршење на деловна дејност под услови и начин утврдени со закон.
Во главата ВИ од овој закон, која се однесува на поправки, преправки, адаптација и пренамена на становите, заедничките простории и делови на станбените згради се утврдени условите под кои стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија може да се пренамени за вршење на деловна дејност. Тие услови се: 1) потребна проектна документација, 2) да не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, 3) да не се нанесува штета на зградата, 4) да не се оневозможуваат другите корсници во мирно користење на становите, 5) претходна согласност на сопствениците на сите станови на зградата односно на влезот на зградата.
Исто така, законот утврдил дека одобрението за пренамена го издава Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
Оттука, прво, неспорно е дека стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија може да се пренамени за вршење на деловна дејност. Второ, со пренамената не се нарушува основната функција на објектот предвидена со урбанистичкиот план и трето секоја пренамена може да се врши исклучиво под услови и начин утврдени со закон.
Од изнесеното недвосмислено произлегува дека со оспорените законски одредби во никој случај не се навлегува во сферата на планирањето на просторот, изработувањето и постапката за донесување на плановите, доделувањето на градежно земјиште, утврдувањето на услови за градба и слично.
Законското овластување на Министерството за урбанизам и градежништво да го издава одобрението за пренамена е во функција на извршување на законот. Самото одобрение всушност претставува поединечен акт што се носи во управна постапка.
5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со уставните одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.136/98 ПРЕТСЕДАТЕЛ
3 февруари 1999 година на Уставниот суд на Република
С к о п ј е Македонија
ат. д-р Милан Недков