219/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 фебруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 став 1, член 7 став 1,член 8 и член 16 од Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92 и 12/93).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се предвидува граѓанинот да има обврска секоја промена на престојувалиштето да ја пријавува и одјавува, како и се определува казна за непријавување на промената на престојувалиштето, што значело “многу тешки бирократски и непотребни формалности” кои ја ограничуваат (1)слободата на движењето на територијата на Републиката, (2)слободата на избор на местото на своето живеалиште и (3)правото на граѓанинот да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката, поради што означените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и член 27 став 1 и 2 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека во член 4 став 1 од Законот се определува граѓанинот кој има намера да престојува подолго од 30 дена надвор од местото на своето живеалиште да е должен да го пријави престојувалиштето во рок од три дена по доаѓањето во местото на престојувалиштето, а да го одјави непосредно пред заминувањето.
Потоа, во член 7 став 1 од Законот се предвидува граѓанинот е должен на секои шест месеци непрекинат престој во одредено место, да го обновува пријавувањето на престојувалиштето.
Исто така, во член 8 од Законот се утврдува граѓанинот кој има намера да престојува во странство подолго од три месеци да е должен непосредно пред заминувањето да го пријави одењето во странство односно во рок од три дена да го пријави враќањето во живеалиштето во Република Македонија (став 1) а во случајот од став 1 на овој член граѓанинот е должен да ги пријави и малолетните деца кои патуваат со него (став 2).
Според член 16 од Законот, со парична казна од половина плата до две плати ќе се казни за прекршок физичко лице кое нема да го пријави или одјави живеалиштето односно престојувалиштето или адресата на станот или тоа не го стори во пропишаниот рок.
4. Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште (став 1) и секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката (став 2). Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водењето на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето (став 3).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека слободното движење на територијата на Републиката, слободниот избор на местото на своето живеалиште, напуштањето на територијата на Републиката и враќањето во Републиката е (1)право на граѓанинот и (2)кое право, при реализација, може да се намали (ограничи) со закон, со цел да се сочува безбедноста на Републиката, да се води кривична постапка или да се сочува здравјето на луѓето.
Со оглед на тоа што обврската на граѓаните да го пријавуваат и одјавуваат своето престојувалиште односно привремено задржување над 30 дена може да биде во функција на сочувувањето на безбедноста на Републиката, на водењето на кривична постапка или на сочувувањето на здравјето на луѓето, пропишувањето на оваа обврска е уставно дозволено намалување (ограничување) на наведените права, но кои права и понатаму се остваруваат, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за несогласноста на оспорените законски одредби со член 27 од Уставот, а со самото тоа и со член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крл ески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.219/98
3 февруари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков