205/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје, донесена од Советот на општина Центар на 10 јуни 1997 година.
2. Лазо Чокаровски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука за дополнување на Деталниот урбанистички план не била донесена во постапка предвидена со закон односно со оспорената одлука се врши незаконско проширување на подрачјето опфатено со урбанистичкиот план без при тоа да се води сметка за несметан развој на градот како целина односно со ваквиот план е блокиран несметаниот развој на градот во транзитниот сообраќај и инфраструктурата, што по одржаната јавна расправа не е изготвен извештај со образложение за прифатените и не прифатените забелешки уште во постапката додека таа се водела во градското собрание односно на сите забелешки по префрлање на планот во локалната самоуправа на подносителот на иницијативата и на другите подносители не им било доставено образложение. Исто така, во иницијативата се наведува дека до несениот урбанистички план не е во согласност со член 2, 11 и 20 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање со оглед на тоа што детален урбанистички план се донесува за одреден дел за населено место за кој е донесен генерален урбанистички план.
Со оглед на тоа што генералниот урбанистички план е донесен во 1985 година, а после тоа не е извршена задолжителна ревизија по истекот на рокот од 10 години согласно член 20 од Законот, се смета дека генералниот план не е донесен па според тоа не може да се донесе и детален урбанистички план.
Исто така, со иницијативата се бара Судот да донесе времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека иницијативата за изработување на планот е покрената од Собранието на град Скопје – Извршен одбор и Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија уште во 1993 година. Понатаму судот утвреди дека од страна на стручна институција е изработен нацрт на план за кој е изготвен извештај на извршената стручна ревизија од Заводот за урбанизам и проектирање – Битола и стручна ревизија за елаборатот на нацрт деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на град Скопје од Заводот за урбанизам и станбено комунална техника на Република Македонија.
По однос на нацрт-планот побарано е и добиено мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.
Врз основа на оваа претходна постапка, одговорот на стручната ревизија и извештајот на работната група по стручната ревизија, Градскиот комитет за урбанизам, комунално станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина доставил до Собранието на град Скопје нацрт-одлука на Деталниот урбанистички план.
На 7 јуни 1996 година Собранието на град Скопје расправајки по предлогот за донесување на одлука за измена и дополнување на одлуката за донесување на детален урбанистички план донело заклучоци за усвојување на предлогот за донесување на детален урбанистички план.
Со овие заклучоци се задолжува Градскиот комитет за урбанизам, комунално станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина нацрт-одлуката со графичките прилози да ги стави на јавен увид и да организира јавна расправа во месните заедници кои се опфатени со планот.
Имајки ги предвид овие заклучоци, до сите месни заедници односно до месните заедници “Благоја Деспотовски – Шовељ”, “Мирче Ацев”, ” ;Роберт Гајдиќ”, “Боте Ботевски”, “Јане Сандански” и “Гоце Делчев” е доставено известување за истакнување на нацрт-планот на јавен увид и оргнизирање на јавна расправа.
Од записниците од месните заедници Судот утврди дека е одржан собир на граѓани на кој бил разгледуван Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје со забелешки од граѓаните на овие месни заедници. На четврти октомври 1996 година одржана е јавна дискусија во Собранието на град Скопје за која во весникот “Вечер” бил објавен јавен повик до пошироката јавност за претходно запознавање на граѓаните со Деталниот урбанистички план за што била презентирана макета во Собранието на град Скопје.
По однос на забелешките на нацрт-планот изготвен е и извештај за прифаќање односно не прифаќање на забелешките и заклучоците на месните заедници и на граѓаните. По однос на забелешката на подносителот на иницијативата за подземна сообраќајница за ефикасно спојување на центарот со останатиот дел на градот и пошироко, од надлежниот орган е констатирано дека предложената траса како варијанта веќе е вградена во текстуалниот дел на планот во “одредби за зони со посебен режим”.
По спроведување на оваа постапка Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина на 9 април 1997 година дало согласност на предлог планот за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје на Скопје.
Врз основа на спроведената постапка, а согласно член 18 став 1 точка 2 и 29 од Законот за локалната самоуправа и член 56 од Законот за просторно и урбанистичко планирање Советот на општина “Центар” на 10 јуни 1997 година донел одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на детален урбанистички план за централното градско подрачје која содржи: анализа на постојната состојба, план на површини за градба -намена на просторот, регулационен план, сообраќаен план, паркирање и гаражирање, план на подземни паркиралишта, план на зелени површини, споменици и спомен обележја, основни решенија на инфра структурата, нивелам на улична мрежа, со укопување на камени белези, елаборати за одбрана ППЗ и заштита на човековата околина.
4. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 98/90), кој што бил во важност во времето на донесувањето на оспорената одлука, нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, на начин што планот се изложува во соодветна просторија на месната заедница за време од најмалку 15 дена, а во наредниот рок од 15 дена се примаат забелешките од граѓаните и другите заинтересирани субјекти. Во член 32 од Законот е определено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително се доставува на согласност до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Во член 34 став 2 од истиот закон, е пропишано дека Собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а според член 37 став 2, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на урбанистичките планови.
Од изнесените одредби произлегува дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се врши на ист начин и постапка како и при донесување на плановите, односно со организирање на јавна расправа од страна на органот на управата надлежен за урбанизмот, на начин што планот се изложува во соодветна просторија на месната заедница за време од најмалку 15 дена. Во определениот рок од 15 дена заинтересираните граѓани доставуваат забелешки по нацрт планот, потоа планот задолжително се доставува на согласност до Републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбаниз мот и по добивањето на согласноста собранието на општината го донесува урбанистичкиот план.
Според член 56 од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) урбанистичките планови за кои постапката за нивно донесување е започната пред влегување во сила на овој закон, ке се донесат според одредбите на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање “Службен весник на Република Македонија” бр.38/85, 18/89, 38/90 и 62/93).
Според член 11 од Законот за измени и дополнување на Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/97) урбанистичките планови за кои постапката за нивно донесување е започната пред влегување во сила на овој закон ќе продолжи според одредбите на овој закон.
Деталните урбанистички планови чија постапка за донесување е започната од градот Скопје ке се донесат од општината односно подрачјето на градот Скопје за чие подрачје се однесува планот.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај постапката за донесување на одлуката за изменување на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје е спроведена согласно Законот кој важел во времето на спроведувањето на постапката, а самото донесување на одлуката согласно Законот кој е во правниот проедок е донесена од Советот на општина “Центар” Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот во поглед на постапката за нејзиното донесување.
Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одлука за измена на Деталниот урбанистички план не е во согласност со член 2 и 11 Судот смета дека се неосновани имајки го во предвид фактот што за градот Скопје е донесен генерален урбанистички план во 1985 година и тој е во сила до донесување на нов генерален план.
Имено, повикувањето на иницијаторот на член 20 став 3 дека урбанистичките планови кои не се ревидирани по истекот на рокот ке се сметаат за не донесени, се однесува на плановите кои ке бидат донесени по одредбите на Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 и 38/97), а не и за претходно донесените планови.
Во врска со наводите од иницијативата дека на иницијаторот не му бил доставен одговор по однос на забелешката дадена од јавната расправа Судот смета дека, од законот не произлегува обврска надлежниот орган кој ја спроведува постапката и кој ги разгледува забелешките на граѓаните да достави одговор на граѓаните, туку таква обврска за органот постои во однос на собранието, односно советот на општината кој го донесува планот.
Со оглед на тоа оспорениот план е донесен согласно законот, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на времена мерка.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски , д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.205/98
3 февруари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков