Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јануари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на спроведува њето на позитивни законски и подзаконски прописи што се однесуваат на рекреативен одмор, годишен одмор, обезбедување на основни средства за работа, воена легиимација, животно осигурување, работно време и на правото на граѓаните да ја напуштат територијата на Република Македонија.
2. Лазар Тодосиев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за преиспитување на споредувањето на позитивните уставни, законски и подзаконски прописи од страна на Министерството за одбрана што се однесуваат на правата означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата согласно член 18 од Правилникот за пополнување на АРМ со војници по договор-дов. Бр.1316/64 од 23 февруари 1994 година и член 3 од договорите за правата и обврските на војникот по договор во АРМ, војниците вработени во единицата за специјални намени во состав на Министерството за одбрана, имале право да користат рекреативен одмор во траење од пет дена. Меѓутоа ова право било искористено само во текот на 1996 година со што овој вид војници биле оштетени.
Според член 43 од Законот за работните односи, член 55 од Правилникот за служба во АРМ и член 27 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија, максимумот работни денови за користење годишен одмор бил 36 работни денови. И покрај тоа што на војниците во Единицата за специјална намена стажот им се пресметувал во зголемено траење (12 месеци ефективно се сметаат како 18 месеци стаж на осигурување) што значело дека се работи под посебни услови, во практиката во решенијата за годишен одмор не биле пресметани денови на годишен одмор по означените основи и се определувал годишен одмор од 21 до 24 работни дена како максимум денови за користење годишен одмор.
Според Законот за работните односи работодавецот бил должен да ги обезбеди сите услови и средства за работа како и да го обезбеди психо-физичкото здравје и личната безбедност на вработените. Спротивно на законските определби војниците во единицата за специјална намена имале секој ден од два школски часа физичко воспитување – кондициони тренинзи што биле составен дел од работата, а за изминатите години спортска опрема (патики, тренерки, дресови) добиле само во 1994 година.
Според член 4 од Правилникот за служба во АРМ (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/92), воените старешини имале воена легитимација. Согласно означената одредба и војниците по договор кои биле вработени во Министерството за одбрана требало да имаат воена легитимација. Од причини што не им биле дадени воени легитимации, согласно Женевската конвенција постојниот старешински состав и војниците по договор во АРМ, во воени услови би се третирале како паравоени формации, што не било случај со војниците на отслужување на воениот рок кои имале војнички книшки.
Според член 55, 56 и 57 од Законот за работните односи и означениот колективен договор, работодавецот бил должен да ги осигура работниците кај кои постоела зголемена опасност од повреди и заболувања при вршењето на работата. Меѓутоа, Министерството за одбрана не извршило животно осигурување на вработените ниту во Единицата за специјални намени.
Согласно Уставот на Република Македонија, Законот за работните односи и означениот Колективен договор работното време изнесувало 40 работни часа неделно односно 30 работни часа за работа под посебни услови. Спротивно на Уставот, Законот и Колективниот договор на еден припадник во Единицата за специјални намени во просек, во текот на 30 дена, работната ангажираност изнесувала 472 часа (15 дена службено патување или 360 часа, осум дена тековно работење или 64 часа, два дена дежурство или 48 часа, пет дена без ангажирање), а плата примале за ангажираност од 160-176 часа. Исто така, припадниците на Единицата за специјални намени не примале надомест за повеќе активности како што се за држурство, службено патување за дневни оброци, за нуркачки часови.
Според член 27 од Уставот секој граѓанин имал право да ја напушти територијата на Република Македонија и да се врати во Републиката, меѓутоа со наредба на министерот за одбрана, со која се регулира начинот и постапката во врска со остварувањето на правото за патување во странство, грубо се повредувала оваа уставна гаранција.
3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото,
одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според ставот 3 на овој член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, што значи дека Уставниот суд не одлучува за примена на законите и другите прописи, ниту за повредите на правата на човекот и граѓанинот со неизвршување односно со неправилна примена на законите и другите прописи.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли ницијативата, меѓу другото, и ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од иницијативата јасно произлегува дека подносителот бара Уставниот суд да ја преиспита примената на прописите со кој се уредуваат правата на вработените во АРМ и Министерството за одбрана, со посебна нагласка на правата на војниците и старешинскиот кадар по договор, со оглед на тоа што тие неправилно се извршуваат односно не се применуваат и поради тоа вработените не можат да ги остварат своите права.
Тргнувајќи од означената уставна одредба и барањето со иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по иницијативата.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. О ва решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.198/98)