162/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на детален урбанистички план за населба “Календарица 1” (втор дел) бр.07-989/12 од 30.06.1998 година, донесена од Советот на општина Кичево.
2. Абдула и Химет Лимани од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што одлуката не била донесена во постапка пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97), од причини што спротивно на член 18 од Законот, Министерството надлежно за работите на урбанизмот не доставило одговор непосредно до самите граѓани со образложение за прифатените, односно неприфатените забелешки од спроведената јавна анкета и што стручната ревизија по нацрт-планот не била извршена пред организирањето на јавната анкета, согласно член 19 став 1 од Законот, туку истото било сторено со записник за стручна консултација која била организирана после спроведената јавна анкета.
3. На седницата Судот утврди дека по нацрт-планот за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населба “Календарица 1” (втор дел) од 20.03.1998 година до 6.04.1998 година била спроведена јавна анкета за чие одржување граѓаните биле известени со Соопштение бр.26-368/1 од 20.03.1998 година објавено преку радио Кичево. На истата, подносителот на иницијативата ги изнел своите забелешки во анкетниот лист бр.18 од 6.04.1998 година.
Пред одржувањето на јавната анкета, со писмо бр.26-353/1 од 17.03.1998 година Советот на Општина Кичево се обратил до ДОО “Завод за урбанизам и проектирање” Битола со барање да биде извршена стручна ревизија на нацрт-планот за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба “Календарица” 1 (втор дел). Извештајот за извршената стручна ревизија, изработувачот (ДОО “ЗУП” Битола) го доставил до Канцеларијата на главниот архитект на Општина Кичево со писмо бр.07-100/2 на 13.04.1998 година.
Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Кичево со писмо бр.08-694/2 од 12.06.1998 година го доставил до Советот на Општина Кичево Извештајот по јавната анкета со образложение за прифатените, односно неприфатените забелешки на граѓаните и општа забелешка во насока на целосна поддршка на Извештајот за извршената стручна ревизија. Изработувачот на измената и дополнувањето на Деталниот урбанистички план ДОО “ЗУП” Прилеп во јуни 1998 година дал Одговор на примедбите и забелешките на граѓаните од јавната анкета со пошироко образложение на конкретните забелешки (инклузивно и на подносителот на иницијативата).
На 12.06.1998 година одржана е стручна консултација со претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот (главниот архитект на градот, началникот на МУГЗЖС – Подрачна единица Кичево); Претставници на ” ;Електродистрибуција”, “Комуналец” и “Македонски телекомункации”) за што е составен Записник бр.26-940/2.
За спроведување на измената и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба “Календарица” 1 (втор дел) со акт на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Кичево била дадена согласност на 28.07.1998 година.
4. Согласно член 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање деталниот урбанистички план е еден од видовите урбанистички планови. Истиот се донесува за одделни видови населени места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план (член 11 став 1).
Согласно член 17 став 1, урбанистичките планови се изработуваат како нацрт и предлог план. По нацртот на Деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета која ја организира општината, односно градот Скопје.
Јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во рамките на која заинтересираните граѓани доставуваат писмени забелешки до организаторот на анкетата во вид на анкетни листови. За времето и местото на одржување на јавната анкета задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. За јавната анкета, министерството надлежно за работите на урбанизмот, изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување (член 18 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање).
Согласно член 17 став 1 од Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/97) Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, извештајот од јавната анкета кој содржи образложение за неприфатените забелешки го доставува до изработувачот на планот заради изработување на предлог план.
Од гореизнесеното произлегува дека не постои законска обврска за органот на управата надлежен за работите на урбанизмот да достави одговор за неприфатените забелешки дирекно на граѓаните, туку тој забелешките заедно со предлог на планот и извештајот од јавната анкета ги доставува до единицата на локалната самоуправа како доносител на актот.
Врз основа на член 19 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање пред организирањето на јавната анкета, на нацрт деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија.
Стручната ревизија ја врши стручно-научна институција или комисија што ја определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.
Согласно член 16 став 1 од горенаведениот Правилник кога по нацртот на урбанистичкиот план се спроведува јавна анкета, претходно се организира стручна консултација со учество на субјектите од став 2 на член 17 од Законот (претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот).
Во конкретниот случај, барањето за стручна ревизија за нацрт-планот за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба “Календарица 1” ; (втор дел) било доставено непосредно пред одржувањето на јавната анкета, а самата стручна ревизија била изработена и доставена до Советот на општина Кичево по завршувањето на јавната анкета.
Од друга страна, пак, стручната консултација не претставува законска обврска за општината како доносител на детален урбанистички план, туку истата е предвидена само со горенаведениот Правилник донесен од Министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
На седницата се утврди дека стручната ревизија не може да се идентификува со стручната консултација. Стручната ревизија претставува урбанистичко – технички елаборат со кој се утврдуваат и планираат глобални проблеми во рамките на која се изнесуваат сугестии, забелешки и критики на нацрт-планот, а стручната консултација ја организира единицата на локалната самоуправа со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот на која се разгледува предложениот план и се даваат стручни мислења и сугестии.
Со оглед на фактот што стручната ревизија нема непосредно влијание врз јавната анкета, Судот оцени дека нејзиното изработување непосредно по одржувањето на јавната анкета не претставува суштинска повреда на постапката за донесување на детален урбанистички план.
5. Врз основа на горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот г о донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 162/98)