Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на
Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република
Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата
одржана на 20 јануари 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.03-217 донесена од работниците на Медицинскиот центар
Дебар, на референдумот одржан на 25.06.1990 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ”
Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Нузи
Шахин од с.Горни Папрадник, Дебар, како и по сопствена иницијатива, со Решение
У.бр.97/98 од 7 октомври 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и
законитоста на одлуката озна чена во точката 1 на ова решение затоа што се
постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена од
работниците на Медицинскиот центар Дебар на референдумот одржан на ден
25.06.1990 година, а врз основа на член 22 став 1 и членовите 25 и 26 од
Статутот на Медицинскиот центар – Дебар.
Со одлуката вработените во Медицинскиот центар – Дебар се обврзуваат,
почнувајќи од месец август 1990 година да даваат заем од 3% од личниот доход во
наредните 10 години. Одлуката важи и за нововработените после таа дата, а
заемот ќе се користи за новите инвестиции за градба, набавка на опрема и сл. Од
содржината на одлуката, исто така, произлегува дека истата е донесена со
мнозинство гласови односно со 85% од вработените. Инаку, одлуката не содржи
одредба за враќање на заемот.
5. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни
давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со
закон.
Согласно член 10 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на
РМ” бр.17/97 – Пречистен текст) здравствената дејност е од посебен општествен
интерес, а додека според член 209 од истиот закон постојните здравствени
организации од денот на влегувањето во сила на овој закон (27 август 1991
година) продолжуваат да работат како јавни здравствени организации над кои
основачките права ги презема Република Македонија. Со оглед на ваквиот статус
на дотогаш постојните здравствени организации нивната работа пред се се
финансира од Буџетот на Фондот за здравствено осигурување и од Буџетот на
Република Македонија, чии што трошоци согласно Законот за буџетите, меѓу
другите, ги опфаќаат и капиталните трошоци кои во себе ги опфаќаат трошоците
наменети за изградба, реконструкција и опрема на објекти за вршење на
соодветната дејност, во конкретниот случај за јавните здравствени организации.
Со други зборови, изградбата, реконструкцијата и опремувањето на јавните
здравствени организации, како јавни расходи, се финансираат од Буџетот на
Фондот за здравствено осигурување и Буџетот на Републиката, а чии извори на
приходи согласно споменатиот закон се даноците, таксите, придонесите,
надоместоците и другите јавни давачки утврдени со закон.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека граѓаните на
Република Македонија се должни да плаќаат данок и други давачки како и да
учествуваат во намирувањето на јавните расходи на начин утврден само со закон и
дека јавните расходи, какви што се и изградбата, реконструкцијата и
опремувањето на јавните здравствени организации се финансираат пред се од
Буџетот на Фондот за здравствено осигурување и Буџетот на Републиката, при што
ниту во Уставот, ниту во Законот за здравствената заштита и Законот за буџетите
не е предвидена обврска граѓаните да у чествуваат во намирувањето на јавните
расходи на друг начин и по друг основ, освен преку плаќање на јавните давачки
утврдени со закон.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука фактички се утврдува обврска на
вработените во Медицинскиот центар за плаќање на заем од 3% од личниот доход за
нови инвестиции за градба, за опрема и сл. на Медицинскиот центар Дебар, како
јавна здравствена организација, Судот оцени дека оваа одлука не е во соглансост
со означените уставни и законски одредби.
Понатаму, според мислењето на Судот, а имајќи предвид дека оспорената
одлука е донесена со лично изјаснување на самите вработени во Медицинскиот
центар Дебар по пат на референдум, истата може да се третира и како посебен
начин на здружување на средства за проширување на материјалната основа на
Медицинскиот центар Дебар чии објекти и средства во времето на донесувањето на
оспорената одлука биле во општествена сопственост, што не е случај сега, кога
тие се во државна сопственост.
Со оглед на тоа што во Уставот на Република Македонија не е предвидена
можност за вакво здружување на средства за проширување на материјалната основа
и што Уставот не ја познава општествената сопственост, ниту самоуправувањето и
личното изјаснување на работниците, како посебен облик на самоуправувањето,
Судот оцени дека и од овој аспект оспорената одлука не е во согласност со
Уставот на Република Македонија. Освен со Уставот, од овој апсект оспорената
одлука не е во согласност и со Законот за здравствената заштита, со чии измени
и дополнувања извршени во текот на 1993 година (“Службен весник на РМ” бр.
46/93), се напушти самоуправувањето во здравствените организации и се
воспостави нов начин на управување и одлучување по основ на сопственоста на
капиталот и трудот. Имено, во член 135 односно член 141 од Пречистениот текст
на овој закон е утврдено дека со здравствената организација управува управен
одбор од 7 члена од кои три се претставници од редот на вработените, а четири
од основачот, кој што одлучува за најбитните прашања од работата на здравствена
та организација како што се: донесувањето на статутот, донесувањето на одлука
за промена на дејноста и за други статусни промени, утврдување на финансискиот
план и завршната сметка, донесување на други општи акти и сл. Со други зборови,
според споменатите измени на Законот скоро за сите прашања за кои што во
претходниот систем работниците одлу чуваа по пат на лично изјаснување сега
одлучува Управниот одбор, така што за референдумот како облик на лично
одлучување на работниците нема основ не само во Уставот, но и во Законот за
здравствената заштита.
6. Судот, исто така, ги оценуваше и наводите на доносителот на актот според
кои во конкретниот случај се работи за самопридонес, а не за заем, меѓутоа,
ваквите наводи, според мислењето на Судот не држат односно не можат да опстојат
од причини што основ за спроведување на референдумот е член 22 од Статутот на
Медицинскиот центар Дебар, а не Законот за општите начела на самопридонесот
(“Службен весник на РМ” бр.27/78), кој што пак, според мислењето на Судот и не
би можел да претставува основ, со оглед дека со овој закон не се предвидува
можност референдум за воведување самопридонес да се распишува и спроведува од
страна на органи, организации или институции, но само од страна на месни
заедници и општини.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
8. Оваа одлу ка Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р
Тодор Џунов.
У.бр.97/98
20 јануари 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков