У.бр.225/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 и 68 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр .70/92), на седницата одржана на 13 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Жарко Ракиќ од Скопје за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрната од дискриминација по основ на национална и социјална припадност.

2. Жарко Ракиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната од дискриминација по основ на национална и социјална припадност.

Според наводите во барањето подносителот, врз основа на Одлуката на Владата на Република Македонија за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/92) и Договорот склучен помеѓу претседателот на Република Македонија Киро Глигоров и генерал полковникот Благоја Аџиќ, од 21 февруари 1992 година, како граѓанско лице на служба во ЈНА се определил да продолжи со работа во остварувањето на системот на одбраната на Република Македонија, бидејќи бил роден и живеел во Република Македонија.

Поради тоа во месец април 1992 година, како и други старешини и граѓански лица во бившата ЈНА се јавил во Министерството за одбрана, Генерал штабот на АРМ, во одделението за финансии, каде по службена должност било преземено и неговото персонално досие. При тоа од одтоворното лице бил известен дека ќе биде прифатен и ќе работи во Одделението за финансии и дека за 15 дена ќе биде повикан на работа. Со оглед на тоа дека по истекот на 15 дена не бил повикан на работа, повторно се обратил до Одделението за финансии при што одговорното лице го внел во својата евиденција и изразил ветување дека наскоро ќе отпочне со работа. Како не бил повикан на работа повтрно се обратил до одговорното лице при што бил известен дека вработувањето не е во негова надлежност и го упатил да се обрати во новоформираното одделение за персонални работи.

По приемот во ова одделение од одговорното лице му било кажано дека е запознат со неговото барање и дека наскоро ќе го повика на работа. Меѓутоа, и ова ветување не било остварено поради што подносителот на барањето повторно се обратил до Генерал штабот и од заменикот на одговорното лице усно му било понудено да прифати работно место за кое било предвидено виша стручна подготовка.

Подносителот исто така појаснува дека блиска роднина на лицето што го примило на разговор била вработена на работно место со висока стручна подготовка и дека од сите порано вработени во Воено сметководствениот центар на бившата ЈНА во Скопје, само тој не бил вработен во АРМ, односно Министерството за одбрана и по негово убедување поради тоа што бил од српска националност и што не бил со виша стручна подготовка. Ваквата дискриминација ја потврдува и со фактот што, во меѓувреме, односно во текот на 1993 година лице од македонска националност од војската на Југославија било веднаш вработено во Министерството за одбрана, а неговата сопруга како граѓанско лице била вработена во Секторот за финансиското работење.

По ваквиот исход на работите подносителот на барањето на 6 февруари писмено се обратил до помошникот на министерот за одбрана задолжен за персонални работи, со кое барал да му се наведат причините за неговото невработување во Министерството за одбрана, односно во АРМ, на што, исто така, со писмено од 31 март 1995 година му било одговорено дека по извршената проверка во евиденцијата за пријавени лица за работно ангажирање било констатирано дека подносителот не се пријавил за работа во Министерството за одбрана согласно членот 3 од означената одлука на Владата на Република Македонија, во рокот предвиден во член 130 од Законот за одбрана, односно до 15 мај 1992 година поради што нема обврска работно да го ангажира.По добивањето на одговорот – известувањето пбдносителот на 4 септември 1995 година завел работен спор, барајки по судски пат да се утврди неговото право на вработување.

Првостепениот суд, Основниот суд Скопје I – Скопје, го уважил тужбеното барање, сметајки дека подносителот ги исполнува условите за прием на работа во Министерството за одбрана утврдувајки дека известувањето на ова министерство од 31 март 1995 година нема карактер на одлука ниту пак решение кое како такво и не постои.

3. Судот на седницата утврди дека второстепениот суд -Апелациониот суд во Скопје со пресудата Гж.бр.1633 од 8 мај 1997 година, решавајки по жалбата на Министерството за одбрана во работниот спор на подносителот ја уважил жалбата и ја преправил пресудата на Основниот суд Скопје I – Скопје под 3114/95 од 29 април 1996 година на начин што тужбата на тужителот во работниот спор ја отфрлил како недозволена, сметајки дека првостепениот суд во случајот погрешно го применил материјалното право. Со пресудата на ревизискиот суд Рев.бр.1364/97 од 8 мај 1997 е одбиена ревизијата како неоснована. При тоа Врховниот суд на Република Македонија во целост ја прифатил фактичката состојба утврдена со пресудата на Апелациониот суд и дека правилно го применил материјалното право.

4. Согласно член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, меѓу другото, и на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална и социјална припадност.Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), е предвидено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 став 3 од уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.Од означената одредба на Деловникот произлегува дека основ за постапување на Уставниот суд во постапката за заштита на слободите правата преставуваат конечните, односно правосилните поединечни акти со кои е сторена повредата, како и дека се определени рокови во кои граѓанинот може да бара заштита на слободите и правата.Тргнувајки од ваквата деловничка определба во конкретниов случај Уставниот суд може да води постапка за заштита на слободите и правата сторена со пресудата на Апелациониот суд Скопје.

Меѓутоа, пресудата е донесена на 8 мај 1997 година, а Врховниот суд по поднесеното барање за ревизија на оваа пресуда одлучувал на 3 септември 1998 година од што несомнено произлегува дека баранњето за заштита на слободите и правата сторени со пресудата на Апелациониот суд на Уставниот суд му е доставено по протекот на 2 месеци од нејзиното доставување на подносителот.

Според тоа, не постојат процесни претпоставки за постапување на Уставниот суд по барањето за заштита на слободите и правата по оваа пресуда.

Поаѓајки од фактот дека ревизијата претставува вонреден правен лек и дека таа е дозволена против пресуда донесена во втор степен, според мислењето на Судот, пресудата донесена по барањето за ревизија на пресудата на второстепениот суд, согласно означената одредба од деловникот не може да биде основ за постапување на Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата.

Со оглед на тоа што Уставниот суд утврди дека подносителот на барањето, барањето за заштита на слободите и правата го доставил на овој суд по протекот на рокот од два месеци по добивањето на пресудата на Апелациониот суд во Скопје, а пресудата на Врховниот суд донесена во ревизија не може да биде основ за постапување на Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 став 3 од уставот, Судот оцени дека постојат процесни пречки да одлучува по барањето.

Исто така, Судот смета дека подносителот на барањето не може да смета ниту на објективниот рок од пет години определен со Деловникот, од причини што тој, за сите дејствија преземени во врска со неговото работно ангажирање во Министерството за одбрана бил во можност да дознае во субјективниот рок од два месеци.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.225/1998
13 јануари1999 година
С к о п ј е