102/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јануари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 90 став 2 во делот “или помали” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 (исправка), 14/95, 53/97, 59/97 (исправка), 21/98).
2. СЕ ПОНИШТУВААТ членовите 125 став 2 и 138 став 1 во делот “освен за оцена на потребата и оправданоста од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени” од законот означен во точката 1 на оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите на Пљаков Тодор, адвокат од Велес, Денковски Лазо од Куманово; Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите на Македонија, Синдикатот на градежништво, ИГМ и проектирање, Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија и Агро синдикатот; Сојуз на Синдикатите на Македонија и Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.102/98, У.бр.103/98, У.бр.112/98, У.бр.119/98 и У.бр.155/98 од 11 ноември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за работните односи означени во точките 1 и 2 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
5. Судот на седницата утврди дека според член 90 став 2 од Законот за работните односи со колективен договор на ниво на работодавец, на работниците може да се утврдат поголеми или помали права, од правата утврдени со грански колективен договор, но не помали од правата утврдени со закон.
Судот, исто така, утврди дека според член 125 став 2 од Законот во случај на престанок на работниот однос од став 1 на овој член, работодавецот има право сам да утврди на кои работници ке им престане работниот однос при престанок на помалку од 20 работници или 20% од вкупниот број работници вработени кај работодавецот, а додека според оспорениот член 138 став 1 работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган или ако тој орган не донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, односно на приговорот, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд, освен за оцена на потребата и оправданоста од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени.
6. Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори, а исто така и според член 2 од Законот за работни те односи работниот однос се уредува со овој закон, со друг закон и со колективен договор.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека правата од работен однос, освен со закон, се уредуваат и со колективни договори.
Иако на прв поглед изгледа дека според член 32 став 5 од Уставот законот и колективните договори се рамноправни правни акти со иста правна сила во поглед на регулирањето на работните односи, сепак, ако се има предвид начелото на уставноста и законитоста утврдено во член 51 од Уставот, според ко е во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот, произлегува дека и согласно Уставот колективните договори се акти со помала правна сила од законот и дека тие секогаш треба да бидат во согласност со законот. Ваквиот нивен однос произлегува и од член 110 алинеја 2 од Уставот според која Уставниот суд, освен за другите прописи, е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста и на колективните договори.
Исто така Уставот, освен што го воведува инситутот на колективното договарање, како нов облик на регулирање на работните односи, не содржи изречни одредби за видовите на колективните договори, ниту за нивните меѓусебни односи, односно тој не ја утврдува хиерархијата меѓу колективните договори. Меѓутоа, тргнувајки од тоа дека колективните договори, согласно Уставот, се општи правни акти, како и законот, со кои се уредува остварувањето на правата на вработените и нивната положба, произлегува дека и тие се составен дел на внатрешниот правен поредок, за кој пак важат правилата на коегзистентност и меѓусебна усогласеност на пониските и повисоките правни акти, па оттука применувајки ги овие правила во однос на колективните договори произлегува дека понискиот колективен договор треба да биде во согласност со повисокиот колективен договор.
За разлика од Уставот, Законот за работните односи, разработувајки го уставниот концепт на колективното договарање, содржи конкретни одредби за односот на колективните договори и законот, за видовите на колективните договори, за времето на склучувањето и примената на колективните договори, за потписниците и сл.
Освен наведените прашања, во Законот е уреден и односот меѓу самите колективни договори. Така, во член 93 е утврдено дека ако органот на државната управа надлежен за работите на трудот при регистрирање на општите и гранските колективни договори оцени дека одделни одредби од колективниот договор не се во согласност со закон или општ колективен договор ке им укаже за тоа на потписниците и ке определи рок за усогласување. Ако потписниците на колективниот договор во определениот рок не ги отстранат неусогласените одредби функционерот на органот на државната управа ке покрене постапка за оцена на законитоста пред надлежниот суд.
Од цитираната законска одредба произлегува дека општите и гранските колективни договори мора да бидат во согласност со законот, а гранскиот колективен договор, освен со законот, мора да биде во согласност и со општиот колективен договор, а во спротивност се доведува во прашање неговата законитост. Значи, Законот за работните односи неусогласеноста меѓу општиот и гранскиот колективен договор ја третира како проблем само на законитоста, а не и на уставноста.
Со оглед дека во оспорениот член 90 став 2 се допушта можност со колективен договор на ниво на работодавец да се утврдуваат и помали права од правата утврдени во гранскиот колективен договор, Судот оцени дека со ваквото решение не само што се дерогира гранскиот колективен договор, но истовремено се овозможува воспоставување на дисхармоничен односно неусогласен однос меѓу овие два в ида на колективни договори, што не е во согласност со уставната интенција за колективното договарање, ниту пак со концепцијата на Законот за работните односи за колективните договори во целина, затоа што, според мислењето на Судот, ова решение не соодветствува ниту на определбата на законодавецот за односот на гранскиот колективен договор спрема општиот колективен договор изразена во членот 93 од Законот..
Поради наведеното Судот оцени дека член 90 став 2 од Законот, во делот со кој се предвидува можност со колективниот договор на ниво на работодавец да се утврдуваат и помали права од правата утврдени во гранскиот колективен договор не е во согласност со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија. Исто така наведениот член, не е во согласност и со членовите 8 став 1 алинеја 11, 32 став 3 и 34 од Уставот, со оглед дека со оспорената одредба се доведува во прашање и остварувањето на загарантираната со Уставот и меѓународните договори соодветна заработувачка, како и другите права утврдени во Законот за работните односи, чие доуредување се упатува да се врши со општ или грански колективен договор.
7. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Од одредбите на член 32 став 5 и член 9 од Уставот произлегува дека поблиското уредување на правата кои произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и колективни договори, што значи во рамките на ова овластување на законодавецот и на субјектите на колективното договарање спаѓа и уредувањето на прашањето за престанок на работниот однос при чие уредување уставното начело на еднаквост ги обврзува условите за престанок на работниот однос да важат подеднакво за сите работници.
Начинот и постапката за престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се уредени со Законот за работните односи (членовите 125 до 130), Општиот колективен договор за стопанството (член 68-72) и Општиот колективен договор за работниците кои вршат нестопанска дејност (член 77-81). Така, во оспорениот став на член 125 од Законот е пропишано дека во случај на престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени, работодавецот има право сам да утврди на кои работници ќе им престане работниот однос при престанок на помалку од 20 работници или 20% од вкупниот број вработени кај работодавецот, а додека во членот 129 е пропишано дека бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради истите причини се утврдува врз основа на критериуми утврдени со колективен договор, при што се поаѓа од потребите за ефикасно функционирање на работата на работодавецот, стручната подготовка и квалификација, работното искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж, возраста и други критериуми утврдени со колективен договор.
Од наведените законски одредби произлегува дека работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени доколку нивниот број е помал од 20 или 20% од вкупниот број на вработени ги определува работодавецот сам, без оглед на критериумите што согласно член 129 од истиот закон се утврдени со колективен договор, а додека работниците на кои работниот однос ќе им престане по истиот основ доколку нивниот број изнесува повеќе од 20 или 20% од вкупниот број на вработени се определуваат врз основа на критериумите утврдени со колективен договор. Значи, во наведените членови од Законот во зависност од нивниот број се предвидува различен начин на определување на работниците на кои работниот однос треба да им престане по ист основ (поради економски, технолошки, структурални или слични промени) така што на тој начин тие се ставаат во различна и нееднаква положба пред законот, со оглед дека за едни работници се применува член 129 од Законот, а за други не, иако основот за престанок на нивниот работен однос е ист.
Имајќи предвид дека со оспорениот став на член 125 од Законот се воспоставува нов и поинаков режим за определување на работниците на кои работниот однос им престанува поради економски, технолошки, структурални и други промени од оној утврден во член 129 и по тој основ работниците се доведуваат во нееднаква односно нерамноправна положба, Судот оцени дека со него се повредува начелото на еднаквост утврдено во член 9 став 2 од Уставот.
Во однос на согласноста на оспорениот став на член 125 со член 58 од Уставот, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со посочениот член од Уставот со оглед дека со неа во суштина не се уредува управувањето и одлучувањето во смисла на член 58 од Уставот, бидејќи овие прашања (органите и начинот на управување и раководење) се предмет на уредување на други закони (Закон за јавни претпријатија, Закон за трговските друштва, како и други посебни закони кои уредуваат односи од соодветни области), така што под работодавец во смисла на оспорениот став треба да се подразбира органот што согласно двата општи колективни договори или посебните закони е надлежен да одлучува за престанок на работниот однос.
8. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, а додека според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Со оглед на тоа што оспорениот дел на членот 138 став 1 од Законот спаѓа во групата на одредби со кои се регулира судската заштита на правата, обврските и одговорностите на работниците кои произлегуваат од нивниот работен однос, а не се однесува на заштитата кај работодавецот или друг орган утврден со колективен договор согласно член 138 од Законот, со чии решенија инаку е утврдено правото на приговор односно на жалба, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на тој дел од член 138 со член 15 од Уставот на Република Македонија затоа што не се уредува иста материја.
Меѓутоа, имајки предвид дека член 138 е лоциран во одредбите што се однесуваат на општата заштита на правата на работниците што тие ја имаат во остварувањето на поединечните права од работниот однос, Судот оцени дека идејата на законодавецот е со оспорениот дел на член 138 став 1 да го исклучи правото на судска заштита на работникот во случај кога неговиот работен однос престанал поради економски, технолошки, структурални или слични промени, а не да го заштити правото на работодавецот да воведува вакви промени, со исклучување на можноста во вакви случаи судот да ја оценува потребата и оправданоста на економските, технолошките, структуралните или слични промени што работодавецот ги вовел поради промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата и технологијата, а кои довеле до намалување на бројот на работниците и до престанок на нивниот работен однос со отказ. Ова и од причини што предмет на оспорување во работниот спор што работникот има право да го покрене пред надлежниот суд може да биде само решението за престанок на работниот однос на работникот поради економски, технолошки, структурални и други слични промени, а не актот (во практиката тоа е програма или елаборат) врз основа на кој се воведени овие промени, со оглед дека тој не е поединечен акт со кој се одлучува за пра вата на работниците од работниот однос, но во него само се утврдува потребата и оправданоста од воведување на економски, технолошки, структурални или други слични промени, како и другите мерки и активности што согласно член 126 од Законот работодавецот е должен да ги преземе пред да ги воведе овие промени.
Поаѓајки од ваквата суштина и цел на оспорениот дел на член 138 став 1 од Законот, Судот оцени дека со него се повредува член 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, кој спаѓа во делот на гаранциите на основните слободи и права утврдени со Уставот, а согласно кој член судската заштита на правата од работен однос според одредбите на Законот за судовите спаѓа во надлежност на основните судови.
Поради наведените причини, како и поради тоа што правото на судска заштита не е укинато односно ограничено на работниците чиј работен однос престанува по другите основи утврдени во Законот за работните односи Судот оцени дека оспорениот дел од член 138 став 1 не е во согласност и со член 8 став 1 алинеите 3 и 11, како и член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.
9. При определување на видот на одлуката Судот ги имаше предвид тежината на повредата, како и последиците што можеле да настанат од примената на оспорените законски одредби. При тоа, Судот оцени дека, за разлика од членот 90 став 2 од Законот за работните односи евентуалната примена на членот 125 став 2 и член 138 став 1, во оспорениот дел, можела да предизвика посериозни последици при остварувањето на правата и обврските на работниците од работен однос, со оглед дека врз основа на овие законски одредби на работникот може директно да му престане работниот однос со што тој ги губи и сите права што произлегуваат од тој однос и на тој начин да се доведе во прашање неговата егзистенција и егзистенцијата на неговото семејство, односно да се доведе во прашање неговата правна и економска сигурност.
10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
11. Ова одлука Судот ја донесе во соста в од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.102/98, У.бр.103/98, У.бр.112/98, У.бр.119/98 и У.бр.155/98)