Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 декември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за плати, други права по основ на плата и надоместоци на плата 0202 бр.356/6, донесен од Управниот одбор на Јавната здравствена организација “Завод за здравствена заштита” – Велес, на 25.05.1995 година.
2. Марика Пејовска од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се уредуваат правата, обврските и одговорностите на вработените како прашања кои согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија исклучиво се уредуваат со закон и колективни договори. Согласно Законот за работни односи, платата и надоместоците кои му припаѓаат на работникот се уредуваат со закон и колективен договор.
3. На седницата Судот утврди дека со Правилникот се уредуваат платите за извршена работа, други додатоци на плата, плата за учество во добивката и надоместоци за плата на работниците во ЈЗО ” Завод за здравстена заштита – Велес.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што оспорениот правилник не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што Судот не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот и законите, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.176/98)