223/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 и 24 декември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 3 став 1, член 10, член 11 став 2, членовите 13 и 14 и член 22 став 2 од Законот за верските заедници и религиозните групи (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Христијанската Баптистичка Црква “Радосна Вест” од Скопје, кон која се придружуваат и: Евангелската Црква, Евангелско-Конгрешанската Црква и Христијанска Пентекостната Црква, со Решение У.бр.223/97 од 28 септември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на член 3 став 1, член 10, член 11 став 2, членовите 13 и 14 и член 22 став 2 од Законот за верските заедници и религиозните групи, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на членовите 9, 19, 20 и 54 став 3 и 4 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 од Законот се уредува дека верски работи и верски обреди во Република Македонија може да врши само регистрирана верска заедница, односно религиозна група, а со став 2 од овој член дека тие својата дејност ја вршат во согласност со Уставот, законите и другите прописи.

Според член 10 од Законот, религиозна група со седиште во Република Македонија можат да основат најмалку 50 полнолетни лица, државјани на Република Македонија, со постојано живеалиште во Република Македонија. Основачите на религиозна група одлука за основање и правила, односно друг акт со кој се уредува организацијата и работењето, донесуваат на собир на основачите. Според член 11 став 2 од Законот, пријавата за основање на религиозна група содржи: назив, податоци за основачите, седиште, предмет на дејствување, означување на просториите во кои се вршат верските работи и верските обреди и податоци за лицата одговорни за работата и за застапувањето и претставувањето на религиозната група.

Со член 13 од Законот се уредува дека религиозната група за која е утврдено дека е основана во согласност со овој закон, се запишува во регистерот што се води кај органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи и дека овој орган пропишува поблиски прописи во врска со водењето и содржината на регистерот.

Според член 14 став 1 од Законот, верските заедници и религиозните групи имаат својство на правни лица, според ставот 2 од овој член, религиозната група својството на правно лице го стекнува од денот на уписот во регистерот, според ставот 3 од овој член, верските заедници, односно религиозните групи можат да основаат социјални и доботворни установи во постапка утрдена со закон, а според ставот 4 од овој член на Законот, одлуките на органите на верските заедници, односно на религиозните групи немаат дејство надвор од нив, а исправите на овие органи немаат својство на јавни исправи.

Со член 22 став 2 од Законот се уредува дека за изградба или стекнување на објект наменет за вршење на верски работи и верски обреди, покрај условите утврдени со овој закон, верската заедница, односно религиозната група е должна да обезбеди позитивно мислење од органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи.

5. Според член 9 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 од овој член на Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 19 став 1 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста, а со ставот 2 од овој член, се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Според став 3 од овој член, Македонската Православна Црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот, а според став 4 од овој член на Уставот, Македонската Православна Црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верските училишта и на други социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Според член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, според став 2 од овој член, граѓаните слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, а според став 3 од овој член на Уставот, програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост.

Со член 54 став 3 од Уставот се уредува дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба, а според став 4 од овој член на Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и за слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со член 18 од Универзалната декларација за човековите права се декларира дека секој има право на слобода на мислата, совеста и религијата. Ова право ја вклучува и слободата – човекот да ја промени својата религија или убедување, како и слободата – човекот, индивидуално или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или уверување преку подучување, практикување, одржување служби или обреди. Според член 29 став 2 од оваа декларација, при користењето на своите права и слободи, секој човек ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите.

Според член 9 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој човек има право на слобода на мислата, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, сам или заедно со други, јавно или приватно, преку обред, проповеди, вршење верски должности и ритуали. Според став 2 од овој член на Конвенцијата, слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интерес на јавната безбедност, здравјето и моралот или заштита на правата и слободите во демократското општество.

Тргнувајќи од содржината на напред наведените одредби од Уставот, јасно произлегува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно, покрај другото и од верското уверување, дека се гарантира слободата на вероисповеста, односно дека секому му се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други да ја изразува верата, дека Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот и дека тие се слободни во основањето на верските училишта и на другите социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон. Всушност, слободата на вероисповеста и правото на слободно изразување на верата е потврда на уставно утврдената еднаквост на граѓаните без оглед на нивното верско уверување, да се определи граѓанинот да припаѓа на која и да е вера и да го исповедува нејзиното учење, но и правото да не припаѓа на ниедна религија.Одвоеноста на верските заедници и религиозните групи од државата е со цел државата да не се меша и интервенира во црковните и верските работи, а црквата и верата да не се вклучуваат и ангажираат во политичкиот живот и вршењето на државните функции. Еднаквоста, пак, на верските заедници и религиозните групи пред законот значи дека не постои државна религија која би била повластена и дека не се признаваат никакви привилегии на било која вера по било кој основ.

Понатаму, од содржината на наведените уставни одредби произлегува дека на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување на нивните права и уверувања, слободно да основаат здруженија на граѓани, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, дека нивните програми и дејствувања не можат да бидат насочени, покрај другото и кон верска омраза и нетрпеливост, дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско и по основ на верата и дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Тргнувајќи од напред наведените уставни и меѓународни основи за остварување на слободата на вероисповеста, а имајќи ја предвид содржината на член 3 став 1 од Законот според која верски работи и верски обреди во Република Македонија може да врши само регистрирана верска заедница, односно религиозна група, според мислењето на Судот, со ограничувањето содржано во оваа одредба верските работи да може да ги врши само верска заедница односно религиозна група, се ограничува и навлегува во личните и интимни чувства и верски определби на поединецот како негова уставна гаранција за слободата на вероисповеста, со што всушност се повредува слободата на вероисповеста и се создава можност за казнување на лица при остварување на нивната слобода на вероисповест и изразување на верата, кога верските работи и верските обреди ги вршат надвор од регистрирана верска заедница, односно религиозна група.

Исто така, тргнувајќи од напред наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 10 и член 11 став 2 од Законот според кои за основање на религиозна група се бара цензус од најмалку 50 полнолетни лица државјани на Република Македонија, за кои во содржината на пријавата за основање на религиозната група се запишуваат повеќе податоци, според мислењето на Судот, барањето на таков висок цензус на основачи на религиозна група и внесување на бројни податоци за основачите на таквата група, што не е случај со другите здруженија на граѓаните, претставува ограничување на слободата на вероисповеста и слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на одделни нивни права и уверувања.

Понатаму, тргнувајќи од содржината на уставните одредби во однос на слободата на вероисповеста и на работата на органите на државната управа, а имајќи ги предвид конкретните овластувања на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи, содржани во членовите 13 и 14 и член 22 став 2 од Законот, според мислењето на Судот, преку таквите овластувања на органот се ограничува слободата на вероисповеста и се нарушува уставно востановениот однос за одвоеност на верските заедници и религиозните групи од државата со што всушност содржаните овластувања на органот надлежен за таквите заедници и групи излегува од рамките на уставните и законските овластувања на органите на државната управа.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека одредбите на член 3 став 1, член 10, член 11 став 2, членовите 13 и 14 и член 22 став 2 од Законот не се во согласност со одредбите на Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.223/97)