Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 декември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одредбите за примена и спроведување на Деталниот урбанистички план за урбанистичко-архитекстонските единици 1, 2, 3 и 3-а, за Македонски Брод, во делот ИИИ точките 14, 17 и 18 и делот ИВ точката 21, донесени од Собранието на Општина Македонски Брод, со Одлука бр.08-181/1 од 21.04.1993 година.
2. Народниот правобранител на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 на ова решение затоа што со нив се овозможувало органот на управата надлежен за работите на урбанизмот при донесување на решение за локација да врши измена на деталниот урбанистички план, поради што истите не биле во согласност со членовите 31 и 37 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, кој што важел во време на нивното донесување, како и со член 17 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.
3. На седницата Судот утврди дека Деталниот урбанистички план за урбанистичко – архитектонските единици 1, 2, 3 и 3а за Македонски Брод, и одредбите за примена и спроведување на овој план, како негов составен дел, се донесени со Одлука на Собранието на Општина Македонски Брод бр.08-181/1 од 21.04.1993 година врз основа на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, кој престана да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97). При тоа означената одлука е донесена по одржан јавен увид и организирана јавна расправа и на истата е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
Судот, исто така утврди дека во делот ИИИ точка 14 од Одредбите е предвидено дека определената катност на објектите со планот претставува ориентациона висина на истите и дека со решението за локација и урбанистичката согласност може да се дозволи изградба на уште една катна висина односно поткровје или визбени простории, а на објектите со висока густина може да се одобри изградба и на повеќе катови од предвидените со планот. Во точка 17 од овој дел на Одредбата пак е предвидено дека определената форма на габаритот на објектите претставува ориентациона форма, и дека со решението за локација може да се дозволи отстапување од предвидената форма, а додека во точката 18 е предвидена можност со решението за локација да се отстапи од габаритот за двојните згради.
Во делот ИВ, точка 21 од Одредбите е предвидено дека на објектите задржани со планот на кои може да се врши доградба, надградба или реконструкција, а за кои не постојат технички услови за преадаптирање на постојните објекти, како што се гаражи, помошни простории, засолништа, купатила, санитарни објекти и слично може да се дозволи изградба на една пропратна просторија надвор од постојниот објект како приземен објект од 15 м.кв.
4. Според член 19 од Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање, кој важеше во време на донесувањето на Деталниот урбанистички план чии што одредби за примена и спроведување се оспорени, како и член 11 од важечкиот Закон за просторното и урбанистичкото планирање, деталниот урбанистички план ги содржи сите елементи кои се услов за детално уредување на просторот, а особено план за намена на просторот и објектите, план за градежни парцели и површини за изградба на објекти определен со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за градба. Исто така, според наведените членови деталниот урбанистички план мора да содржи и одредби за примена и спроведување на планот, односно спрема сега важечкиот закон, одредби за спроведување на планот.
Од цитираните законски одредби произлегува дека деталниот урбанистички план за подрачје опфатено со планот мора да ги содржи сите елементи наведени во законот кои се услов за детално уредување на просторот. Сите тие елементи мора да бидат еднакво содржани како во графичкиот приказ така и во одредбите за примена на планот.
Измените и дополнувањата на деталниот урбанистички план, надвор од постапката за донесување на планот, која беше уредена во порано важечкиот Закон за системот на просторното и урбанистичкото планирање и членовите 17, 18 и 19 од сега важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. се недопуштени односно забранети.
Согласно член 20 став 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање потребата од измени и дополнувања на просторен и урбанистички план се утврдува со ревизија на планот. Ревизијата е задолжителна по изминат период и тоа од 15 години – за просторен план, 10 години – за генерален урбанистички план и 5 години – за другите урбанистички планови. Согласно ставот 3 на истиот член урбанистичките планови кои не се ревидирани по истекот на роковите од ставот 2 на овој член, ке се сметаат за недонесени.
Според член 54-а од истиот закон, кој спаѓа во групата на преодни одредби, до усогласување на постојните детални урбанистички планови со одредбите на овој закон, за објектите предвидени со плановите, може да се издаде решение за услови за градба во поглед на: определување на површината која се зафаќа за објектот, определување на градежни линии, максимална висина на објектот и другите поблиски услови за градба, врз основа на претходно изготвен урбанистички проект со кој изградбата се усогласува со соседните постојни објекти на одделна улица или комплекс, во согласност со генералниот урбанистички план.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби за примена на планот се овозможува органот на управата надлежен за работите на урбанизмот при издавање на решение за локација (според сегашната терминологија во Законот за просторното и урбанистичко планирање – решение за услови за градба) да врши измена на деталниот урбанистички план вон постапката предвидена со закон, Судот утврди дека оспорените одредби не се во согласност со одредбите на Законот кои важеле во време на нивното донесување.
Меѓутоа, тргнувајки од фактот дека Деталниот урбанистички план за урбанистичко-архитектонските единици 1, 2, 3 и 3-а за Македонски Брод, а чии одредби за примена и спроведување, како составен дел на овој план се предмет на оспорување на иницијативата, е донесен пред влегувањето во сила на Законот за просторното и урбанистичко планирање, а согласно обврската од член 54-а од Законот овој план се уште не е усогласен со неговите одредби (при тоа законот не утврдува рок во кој треба да се изврши усогласување на овие планови со Законот), како и од тоа дека прашањата уредени во оспорените одредби, сега ги уредил, самиот закон, со чие влегување во сила (ВИ.1997) овие одредби преќутно престанале да важат по сила на законот и поради тоа истите не се применувале од страна на органот на управата надлежен за работите на урбанизмот. Судот утврди дека во конкретниот случај не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата. Ова и од причини што во овој случај не се исполнети условите за оценување на законитоста на оспорените одредби ни во време на нивното важење со оглед дека тие престанале да важат и да се применуваат пред поднесување на иницијативата, а не во текот на постапката.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.177/98)